Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 март 2010 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 49 став 2 алинеја 8 од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005, 19/2007 и 103/2008).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.191/2009 од 10 февруари 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според член 49 став 2 алинеја 8 од Законот, кон пријавите, кандидатите, меѓу другото, ја доставуваат следнава документација и податоци: документ од надлежните институции за платени даноци и за бонитетот на подносителот.
5. Според член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јаввни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 3 став 1 од Законот, радиодифузната дејност е емитување и пренос на радио и/или телевизиски програмски сервиси независно од техничките средства за пренесување, во кодиран или некодиран облик, наменети за прием од страна на јавноста.
Во член 41 од Законот се уредува дека дозволата за вршење радиодифузна дејност се издава за емитување и пренос на одреден радио или телевизиски програмски сервис независно од техничките средства за пренос под услови, на начин и по постапка утврдени со овој закон (став 1). Забрането е вршење на радиодифузна дејност без дозвола (став 2).
Според член 43 став 1 од Законот, за издавање дозвола Советот за радиодифузија распишува конкурс.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и наводите во иницијативата, според Судот, со оспорената одредба се оневозможува на кандидатите за доделување дозволи за вршење на радиодифузна дејност да учествуваат на конкурсот доколку не биле платени даноците.
Тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавната давачка постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето на овој ограничувачки услов, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквото ограничување на можноста за јавување на конкурсот за добивање дозвола за вршење на радиодифузна дејност води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено, како и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, поради што Судот утврди дека оспорениот член 49 став 2 алинеја 8 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.191/2009
31 март 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски