Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 март 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 138 став 1 алинеја 4 и член 160 од Законот за катастар на недвижности (“Службен весник на Република Македонија” број 40/2008).
2. Костадин Ѓорѓиев, од с. Смолари, број 41-Општина Ново Село, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од Законот, се повредувал членот 9 од Уставот на Република Македонија според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Како причини за противуставноста на оспорените одредби, подносителот наведува дека за разлика од катастарските општини каде Агенцијата за катастар на недвижности, спроведувала постапка на систематско запишување на правата на недвижностите, во која граѓаните имале можност да ги достават сите потребни исправи за добивање на имотен лист со пополнет лист В и тоа бесплатно, сопствениците на недвижности од катастарските општини каде што катастарот на недвижности се востановувал по пат на конверзија, ја немале таа можност односно им било ускратено правото да учествуваат во постапка на систематско запишување на правата на недвижности, така што биле принудени да ангажираат приватни геодетски друштва, чии услуги биле доста високи, заради изготвување на соодветни геодетски елаборати за запишување на згради во имотен лист.
Во иницијативата, исто така, се наведува дека директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, донел повеќе решенија за конверзија на податоци од катастар на земјиште во катастар на недвижности во катастарски општини во струмичкиот регион, за кои според наводите на подносителот, востановувањето на катастар на недвижности требало да се спроведе со систематско запишување на правата на недвижности, бидејќи фактичката состојба, значително се разликувала од состојбата во катастарската евиденција каде што имало податоци само за земјиште.
Од овие причини подносителот бара поништување на оспорените одредби како и на решенијата на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, донесени врз основа на оспорените законски одредби.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 138 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Законот за катастар на недвижности, катастарот на недвижности се востановувал со систематско запишување на правата на недвижностите, со поединечно запишување на правата на недвижностите и со запишување на незапишани права на недвижности по востановен катастар на недвижности, а според оспорената алинеја 4 од истиот член од Законот, катастарот на недвижности се востановувал и со конверзија на податоци од катастар на земјиште во катастар на недвижности.
4. Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 30 ставови 1 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во членот 1 од Законот за катастар на недвижности, е определено дека со наведениот закон се уредуваат основните геодетски работи, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижностите, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, државните топографски карти, регистарот на просторни единици, содржината и управувањето со податоците од Геодетско-катастарскиот информационен систем на Република Македонија, воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци, како и основањето на Агенција за катастар на недвижности.
Согласно одредбите од член 4 од Законот, прашањата од членот 1 од Законот, се вршат врз основа на стратешки план и годишна програма за реализација на стратешкиот план. Стратешкиот план го донесува Владата на Република Македонија на предлог на Агенцијата за катастар на недвижности за период од пет години. Годишната програма ја донесува Агенцијата на која согласност дава Владата на Република Македонија. Со планот и програмата, се утврдува видот и обемот на работите, средствата потребни за нивна реализација, како и изворите на средствата.
Со членот 8 од Законот, се определени надлежностите на Агенцијата за катастар на недвижности, меѓу кои е и востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите.
Востановувањето на катастар на недвижностите е регулирано во Глава IX од Законот, каде се регулирани и начините за востановување на катастар на недвижности.
Согласно членот 138 од Законот, катастарот на недвижности се востановува со систематско запишување на правата на недвижностите, со поединечно запишување на правата на недвижностите, со запишување на незапишани права на недвижности по востановен катастар на недвижности и со конверзија на податоци од катастар на земјиште во катастар на недвижности. Востановувањето на катастарот на недвижности, се спроведувал без одржување на расправа и без сослушување на странки.
Со оспорениот член 160 од Законот, е уредено дека конверзијата на податоци од катастар на земјиште во катастар на недвижности, се спроведува за катастарските парцели кои се наоѓаат надвор од населените места, како и за катастарските парцели во населените места кои се наоѓаат во катастарски општини за кои бил во примена катастарот на земјиште востановен врз основа на извршен премер за кој ќе се утврди дека фактичката состојба не се разликува значително од состојбата во катастарската евиденција. Притоа, катастарските општини, односно деловите од катастарските општини и катастарските парцели, ги определува директорот на Агенцијата, кој донесува решение за конверзија на податоци од катастар на земјиште во катастар на недвижности, кое се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Начинот на вршење на конверзија од катастар на земјиште во катастар на недвижности е разработен со Правилникот за востановување катастар на недвижности (“Службен весник на Република Македонија” број 118/2008).
Според член 32 од Правилникот, со конверзијата на податоци се врши пренесување на податоците кои биле евидентирани во катастар на земјиште, востановен врз основа на извршен премер, во катастар на недвижности, со тоа што во листот “Г” од имотниот лист, се става прибелешка дека податоците се преземени од катастар на земјиште по пат на конверзија. Во рок од три години од извршената конверзија, е дадена можност и право, секое лице кое има правен основ подобен за запишување, да поднесе пријава за запишување за да биде запишан во катастарот на недвижности, наместо лицето запишано како носител на правото на недвижноста врз основа на податоците од катастарот на земјиште. По истекот на рокот од три години од извршената конверзија, прибелешката дека податоците биле преземени од катастар на земјиште по пат на конверзија, се бришат по службена должност.
Востановувањето на катастар на недвижности, како еден од условите за развој на пазарот на недвижности, е дел од Проектот “Катастар на недвижности” и регистрација, чија имплементација e во завршна фаза, а како главна цел ја имале 100% покриеност на Републиката со катастар на недвижности намемсто досегашниот катастар на земјиште.
Востановувањето катастар на недвижности, Агенцијата го извршува во определни рокови, согласно Годишните програми за работа, планираното во Проектот и Акциониот план на Владата на Република Македонија за заокружување на постапката на востановување на катастар на недвижности, до средината на 2010 година.
Со иницијативата, подносителот го оспорува начинот на востановување на катастар на недвижности по пат на конверзија на податоци од катастар на земјиште во катастар на недвижности, со образложение дека граѓаните сопственици на катастарски парцели кои припаѓале на катастарските општини за кои било определено востановување на катастар на недвижности по пат на конверзија, биле ставени во нееднаква положба со сопствениците на катастарските парцели кои припаѓале на катастарските општини каде било определно востановување на катастар на недвижности со систематско запишување, бидејќи првите за да ги запишат објектите во имотен лист требале да ангажираат приватни геодетски друштва, со наплатување заради изготвување на геодетски елаборат кој е неопходен при запишувањето на објектите во имотен лист, додека другите не биле изложени на трошоци бидејќи систематското запишување се спроведувало по службена должност.
Во случајов, подносителот на иницијативата, незадоволен од законски определниот начин на востановување на катастар на недвижности, со иницијативата бара поништување на оспорените одредби како и решенијата на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, донесени врз основа на истите, односно со елиминирање на оспорените одредби од правниот поредок, би се задолжила Агенцијата за катастар на недвижности, насекаде на целата територија на Република Македонија, востановувањето на катастарот на недвижности да го спроведува со систематско запишување на недвижносите.
Овие наводи од подносителот на иницијативата, според Судот, се неосновани. Имено, од анализата на законските одредби, Судот утврди, дека конверзијата на податоци од катастар на земјиште во катастар на недвижности, се спроведувала за катастарските парцели кои се наоѓале надвор од населените места, како и за катастарските парцели во населените места кои се наоѓале во катастарски општини за кои бил во примена катастарот на земјиште востановен врз основа на извршен премер за кој ќе се утврдело дека фактичката состојба не се разликувала значително од состојбата во катастарската евиденција. Агенцијата за катастар на недвижностите, при определувањето на катастарските парцели кои се наоѓале во катастарските општини предвидени за конверзија, се водела од фактот дека катастарските парцели немале претрпено значителни промени на самото место во смисол на делби на истите, легален промет и слично. Фактот, што на некои катастарски парцели во катастарските општини, предмет на конверзија, на самото место имало изградено објекти, на кои и се однесуваат наводите во иницијативата, не било решавачки при определувањето дали таа катастарска општина треба да биде предмет на конверзија. Истото од причини што, во тие случаи станувало збор за објекти изградени без градежно техничка документација, односно станувало збор за дивоградби, на кои доколку и би била спроведена постапка на систематско запишување, не би било запишано правото на сопственост, туку само би биле евидентирани во посебна евиденција како бесправно изградени објекти. Доколку предметните објекти биле изградени со уредна градежно-техничка документација, лицата на чие име било издадено одобрението за градење, биле должни во рок од 30 дена од настанатата измена, истата да ја пријават во катастарот, согласно членот 52 став 1 од Законот за премер и катастар на земјиштето (“Службен весник на Република Македонија”, број 34/72 и 13/78) кој закон се уште бил во сила за недвижностите кои се наоѓале во катастарските општини во кои се уште не бил востановен катастар на недвижности.
Тргнувајќи од околноста што на овие граѓани не им била дадена можност да учествуваат во постапка на систематско запишување, во која би ги доставиле потребните исправи за правен основ, не им било ускратено правото да се стекнат со право на сопственост на земјиштето евидентирано во дотогашниот катастар на земјиште, бидејќи објектите изградени на самото место без потребната градежно-техничка документација, кои не биле евидентирани во катастарот на земјиште и кога би биле опфатени со постапката за систематско запишување, не би биле запишани со право на соспственост, односно за ваквите објекти, не би можеле да добијат имотен лист во кој во лист В од истиот, би биле содржани податоци за овие објекти, како и за правото на сопственост на истите.
Судот, во случајов, оцени дека ирелевантен е начинот на востановување на катастар на недвижности, за да се избегне плаќањето за геодтески елаборат, бидејќи и во постапката за спроведување на катастар на недвижности по пат на конверзија и во постапката за систематско запишување, сите граѓани подеднакво, не би се стекнале со имотен лист за бесправно изградени објекти, што не значи дека дополнително со прибирање и обезбедување на потребни исправи за правен основ, не би можеле да се стекнат со имотен лист, за што и во едниот и во другиот случај, граѓаните, на свој трошок, би ги обезбедиле услугите за геодетски елаборат.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај, не постои основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспотените одредби од Законот со одредбите од Устаот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од решението.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 7/2010
31 март 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски