Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 март 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 75 став 1 во делот
2. Владимир М. Николиќ, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба со која било пропишано дека извршителот за да може да пристапи кон извршување во домот на должникот потребно било да обезбеди писмена дозвола од страна на претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршувањето, се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 15, член 26 и член 51 од Уставот. Ова затоа што претседателот при секое одлучување давал писмена дозвола, но истиот можел да одбие да даде писмена дозвола и тогаш не било јасно што ќе се случи, односно дали тоа значело дека претседателот апсолутно издавал дозвола. Дозволата се издавала без поука за правен лек, што значело дека должникот немал право на жалба, односно ова право му било ускратено, дури и во случаи кога извршителот во своето барање за издавање дозвола не навел никакво образложение или дал погрешно образложение. Истовремено, ако претседателот еднаш одбил да даде дозвола, зарем повторно ќе се барало од него дозвола или барањето ќе било одбиено како неосновано, во кој случај извршителот, односно доверителот би биле незадоволни. Тоа значело дека на странките во извршната постапка им било ускратено правото на поднесување жалба, односно им било повредено уставно загарантираното право на двостепеност на постапката. Поради наведеното, произлегувало дека давањето дозвола за влегување во туѓ дом, со судски акт кој не бил правосилен или конечен, не било во согласност со Уставот. Имено, тоа не било во согласност со член 26 од Уставот, со кој се заштитувала неприкосновеноста на домот. Ова затоа што врз основа на наведената дозвола извршителот влегувал во туѓ дом да попише шпорет или теписон, со што се повредувала неповредливоста на домот, а притоа причината за тоа не била ограничување предвидено со Уставот, како што било откривање или спречување на кривични дела.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на наведената законска одредба и истата да ја укине.
Истовремено, се бара Уставниот суд да донесе времена мерка со која ќе забрани секакво постапување на извршителите согласно оспорената одредба, со што ќе се спречело настапување ненадоместлива штета.
Дополнително, подносителот на иницијативата достави нов поднесок до Уставниот суд, со цел да појасни определени работи кои се однесуваат на примената на оспорениот член од Законот за извршување, со посебно нагласување дека во оспорената дозвола не се предвидува рокот за кој истата се однесува, укажувајќи дека не само што била нужна двостепеност на постапката при издавањето на дозволата, туку дозволата морала да содржи и други определени елементи согласно издавањето на останати дозволи од други органи и тела во Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 75 став 1 од Законот за извршување, извршителот е должен при преземање на извршни дејствија во станот на должникот, при пребарување на облеката што ја носи тој на себе и при преземање на други извршни дејствија да постапува со должна почит спрема личноста на должникот и членовите на неговото домаќинство. За преземање на извршни дејствија во станот на должникот, извршителот обезбедува писмена дозвола од претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето во која не се назначува денот на преземањето на дејствието.
4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Амандманот XXI, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Според член 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон, како и на извршување на брод и на воздухоплов.
Согласно член 3 став 1 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.
Извршителот, заменикот на извршител и помошникот на извршител, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за извршување, се лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно со одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања, за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија;
Согласно член 12 став 1 од Законот, извршни исправи се:
1) извршна судска одлука и судско порамнување;
2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска;
3) извршна нотарска исправа;
3-а) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на
извршувањето;
3-б) решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесено од нотар и
4) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Согласно член 17 од овој закон, извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската. Ако во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување на обврската, извршителот со покана го повикува должникот во рок од осум дена од денот на доставувањето на поканата да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа.
Според член 23 од Законот, извршување заради остварување на парично побарување може да се изврши само со продажба на подвижни предмети, продажба на недвижности, продажба на хартии од вредност и удели во трговски друштва, пренос на парично побарување, претворање во пари на други имотни права и пренос на средства што се водат на сметката кај носител на платен промет согласно со прописите за платен промет.
Согласно член 40 став 1 од Законот за извршување, извршителот ги презема следниве дејствија: прима барања за извршување;
врши достава на судски писмена; врши достава на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа; врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето; прибира податоци за имотната состојба на должникот во функција на извршувањето; донесува налози и заклучоци, составува записници, барања и службени белешки, согласно со одредбите на овој закон; врши попис, процена, пленидба и продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение и распределува средства; врши блокирање на подвижни предмети и недвижности заради овозможување на нивната употреба или трошење со ставање на жиг на извршителот; врши иселување и други извршни дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон и подзаконски акти; врши објавувања во средствата за јавно информирање; поднесува барања за поставување на старател до Центарот за социјални работи кога за посебни случаи адресата на должникот е непозната или нема застапник и врши и други дејствија предвидени со закон.
Спроведувањето на извршувањето е регулирано со посебна глава IX од Законот. Така согласно член 74 од оваа глава, извршувањето по правило се спроведува секој ден од 06,00 до 21,00 часот. Со дозвола на претседателот на основниот суд на чие подрчје се спроведува извршувањето, извршувањето може да се спроведе независно од термините утврдени во ставот 1 на овој член.
Согласно оспорениот член 75 став 1 од Законот, извршителот е должен при преземање на извршни дејствија во станот на должникот, при пребарување на облеката што ја носи тој на себе и при преземање на други извршни дејствија да постапува со должна почит спрема личноста на должникот и членовите на неговото домаќинство. За преземање на извршни дејствија во станот на должникот, извршителот обезбедува писмена дозвола од претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето, во која не се назначува денот на преземањето на дејствието. Согласно ставот 2 од овој член од Законот, на извршните дејствија во станот на должникот на кои не присуствува должникот, негов законски застапник, полномошник или полнолетен член на неговото домаќинство, мора да присуствува полиција и двајца полнолетни сведоци. Согласно ставот 4 на овој член, кога извршното дејствие треба да се спроведе во просторија што е заклучена, а должникот не е присутен или не сака да ја отвори просторијата, извршителот ќе ја отвори просторијата во присуство на полиција и двајца полнолетни сведоци.
Според член 77 став 1 од Законот, странката или учесникот кој што смета дека при извршувањето се сторени неправилности може да поднесе приговор до претседателот на основниот суд на чија територија извршувањето, или пак дел од него, се спроведува. Согласно став 6 на истиот член, претседателот на судот донесува решение по приговорот, а според став 7 на овој член, со решението претседателот на судот може приговорот да го одбие или да го усвои. Според став 8 на истиот член, претседателот на судот со решението со кое го усвојува приговорот ги утврдува сторените неправилности и ги става вон сила преземените извршни дејствија.
Согласно член 77-а став 1 од Законот, против решението на претседателот на судот, странката или учесникот има право да поднесе жалба до Апелациониот суд, на чие подрачје се наоѓа Основниот суд. Според став 7 на овој член, Апелациониот суд, одлучувајќи по жалбата, може решението да го потврди или да го преиначи.
Од анализата на наведените законски одредби и на Законот во целина, произлегува дека законодавецот, во согласност со своите уставни надлежности да донесува закони и да уредува одделни области од општествениот живот, јасно и прецизно утврдил што се подразбира под извршување во смисла на овој закон, како и ја пропишал постапката за спроведување на извршувањето, која вклучува и право на жалба против решението донесено од страна на првостепениот суд во постапката за извршување кога се сторени неправилности од страна на извршителот.
Тргнувајќи од вака утврдената правна и фактичка состојба, се постави прашање дали дозволата која претседателот на основниот суд на подрачјето каде се врши извршувањето, ја издава согласно член 75 став 1 од Законот, а која значи дозвола за преземање на извршни дејствија во станот на должникот, без да се назначува денот на преземањето на дејствието, има карактер на одлука на суд донесена во постапка во прв степен, со која се решава за права и обврски на странките, па со оглед дека во истата нема упатство за правен лек, односно право на жалба до повисокиот суд, дали тоа не значи повреда на Амандманот XXI кој го гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.
Во одговор на покренатото правно прашање, Судот оцени дека, иако оспорената дозвола ја издава претседателот на основниот суд на подрачјето каде се врши извршувањето, дозволата не може да се смета како вид на одлука донесена во постапка во прв степен пред судот, со која се решава за одредени права и обврски на странките. Ова затоа што, според Судот, наведената дозвола претставува последен акт во низата на акти и дејствија потребни за законито реализирање на извршувањето, кој има за цел да потврди дека извршувањето се однесува на правосилен или конечен акт кој несомнено доспеал за извршување и дека се исполнети сите пропишани услови и дејствија неопходни за законито реализирање на извршувањето кое нужно подразбира присуство на извршителот во станот на должникот, заради попис и процена на движни ствари. Тоа практично значи дека претседателот на судот издава дозвола, извршителот, во станот на должникот, да ги преземе потребните дејствија за извршување врз подвижни предмети, кое се спроведува со попис, процена, пленидба и продажба на предметите и намирување на доверителот од износот добиен со продажбата, во постапка регулирана со одредбите од член 84 до член 103 од Законот за извршување. Дозволата е судска гаранција дека извршителот има законски основ за влез во станот на должникот и преземање на законски утврдени дејствија кои имаат за цел реализација на доспеана обврска, која не е доброволно исполнета, што е утврдено во претходно водена и завршена судска или управна постапка, односно дозволата не претставува одлука на судот со која се утврдува или се решава за одредени права и обврски на странките, туку е само акт кој овозможува реализација на права и обврски претходно утврдени во пропишана судска или управна постапка, кои завршиле со извршна исправа. Освен тоа, Судот имаше предвид дека, во функција на заштита од неправилности сторени во текот на извршувањето, законодавецот пропишал дека странката или учесникот кој што смета дека при извршувањето се сторени неправилности, може да поднесе приговор до претседателот на основниот суд на чија територија се спроведува извршувањето, кој е должен да донесе решение по приговорот, при што против таквото решение, странката или учесникот има право да поднесе жалба до апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд. Тоа значи дека законодавецот пропишал дека во судска постапка се обезбедува заштита против преземените извршни дејствија на извршителот, што е во функција на обезбедување на владеењето на правото, заштита на човековите слободи и права и спроведување на правдата.
Тргнувајќи од наведеното, Судот не ги прифати како основани наводите во иницијативата дека отсуството на правен лек во издадената дозвола од страна на претседателот на основниот суд за преземање на дејствија за извршување на подвижни ствари во станот на должникот, значело повреда на уставно гарантираното право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.
Судот, исто така, оцени дека е неоснован наводот во иницијативата дека законската одредба за издавање на ваквата дозвола не била во согласност со член 26 од Уставот, со кој се гарантирала неповредливоста на домот. Ова затоа што согласно Законот за извршување, извршителите се лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, при што со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, како и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Со оглед дека извршувањето врз подвижни предмети се спроведува со попис, процена, пленидба и продажба на предметите и намирување на доверителот од износот добиен со продажбата, тоа несомнено значи дека доколку постои потреба за извршување на конкретна извршна исправа со спроведување попис, процена и пленидба на подвижни предмети, тоа подразбира извршителот, по добиена дозвола од претседателот на судот, да има пристап во станот на должникот, каде во постапка пропишана со закон и со преземање на дејствија пропишани со закон, ќе обезбеди извршување на извршната исправа, а странката или учесникот кој што смета дека при извршувањето се сторени неправилности, може да поднесе приговор до претседателот на основниот суд на чија територија се спроведува извршувањето, а понатаму и жалба до апелациониот суд. Поради тоа, Судот оцени дека преземањето дејствија во станот на должникот, од страна на извршителите како лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, во законски пропишана постапка, заради извршување на извршна исправа, не може да се прифати како нарушување на неповредливоста на домот.
Во однос на наводите во иницијативата дека законодавецот не го уредил прашањето дали ако бараната дозвола не биде издадена, извршителот може повторно да побара нова дозвола и во кој период, Судот го имаше предвид токму карактерот на дозволата како акт, односно дека истата се издава само доколку судот утврди дека се исполнети законските претпоставки за нејзино издавање, што несомнено упатува на заклучок дека судот може да одбие издавање на дозвола ако утврди дека не се исполнети условите за тоа. Со оглед дека законодавецот не го условил извршителот со поднесување само на едно барање дозвола за извршување во станот на должникот, тоа значи дека извршителот не е ограничен повторно да побара издавање на потребната дозвола, кога ќе се исполнат условите за тоа, односно, според Судот, законодавецот јасно пропишал дека границата за издавање на дозволата е исполнување на потребните законски услови за тоа. Притоа, имајќи го предвид карактерот на извршувањето и потребата тоа да се спроведе на начин што ќе ги заштити правата на странките – и на доверителот и на должникот, законодавецот пропишал правила кои се однесуваат на итноста на постапката и обемот на извршувањето, кои правила треба да се почитуваат во секој конкретен случај, вклучувајќи го и наведениот.
Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 75 став 1 во делот: „ За преземање на извршни дејствија во станот на должникот, извршителот обезбедува писмена дозвола од претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето“ од Законот за извршување со член 8 став 1 алинеја 3, член 26, член 51 од Уставот и Амандаман XXI на Уставот со кој е заменет член 15 на Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.195/2009
24 март 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски