Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 март 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на
– уставноста на член 8 од Законот за град Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004) и
– законитоста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за Градска четврт „ЛИРИЈА-2“, Општина Чаир Скопје, планиран развој 2008-2013 година, бр. 07-1355/3 од 17.09.2008 година, донесена од Советот на Општина Чаир („Службен гласник на Општина Чаир“ бр. 14/2008).
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука од точка 1 алинеја 2 на ова решение.
3. Општина Гази Баба и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точка 1 алинеја 2 од ова решение.
– Според Општина Гази Баба како подносител на иницијативата, со оспорената одлука биле повредени одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање – пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2008), територијалните граници на Општина Гази Баба, утврдени со Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004) и Законот за територијална организација на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004), како и Одлуката на Советот на Град Скопје за прогласување на локалитетот Гази Баба за карактеристичен пејсаж („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 18/1998). Имено, според првичната иницијатива (примена во Судот на 29.05 2009 година) и нејзиното проширување и дополнување (примено во Судот на 10.07.2009 година), со донесувањето на Одлуката бил повреден територијалниот принцип на надлежност на општините, секоја општина да делува во границите на територијата на својата општина согласно законските одредби, прашање уредено со член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 од Законот за градот Скопје. Во конкретниот случај, станувало збор за еклатантно кршење на оваа одредба и непочитување на територијалните граници на Општината утврдени со член 8 од Законот за Градот Скопје.
Исто така, постоела и повреда на границата на катастарската Општина Гази Баба согласно член 4 став 1 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија, од причина што оспорениот акт се однесувал и се применувал на територијата на Општина Гази Баба во делот на заштитениот простор на Парк шумата Гази Баба, а во наведениот член јасно стоело дека „ Граница на општина се границите на катастарските општини на населените места во нејзиниот состав, во делот што се граничат со соседните општини или се поклопуваат со државната граница на Република Македонија.“ Со донесување на оспорената одлука очигледно било дека овој значаен факт не се имал предвид, иако за тоа Општината Чаир била благовремено известена, знаела за таа работа и тие факти, дотолку повеќе што и непосредно биле известени од страна на Агенцијата за катастар на недвижности. Оваа агенција, согласно одредбата од член 8 ставовите 2, 3 и 8 од Законот за градот Скопје, при читање на Законот изготвувала скици со идентична катастарска граница помеѓу двете општини, но со различни административни граници. Така, искористувајќи го фактот на недоследно, нејасно, нецелосно и неправилно опишаните граници на општините од страна на Агенцијата за катастар на недвижности во различни периоди од 2002 година до денес, Советот на Општина Чаир, со груба злоупотреба ја сторил наведената повреда на територијата на Општина Гази Баба, погазувајќи ја и Одлуката за Парк шумата Гази Баба, при што незаконски узурпирал дел и неовластено навлегол на катастарските парцели на Парк шумата Гази Баба, односно на територијата на Општина Гази Баба, на која веќе интензивно се изведувале градежни работи. Во прилог на ваквата состојба круцијален придонес и овозможување да се прекршат границите на Општина Гази Баба и да се овозможат натамошни противзаконски дејствија создал и еден квази-акт (самонаречен „Технички извештај“), со што бил сторен невиден преседан во владеењето на правото и најгрубо кршење на уставноста и законитоста од страна на државните органи, кои си земале за право да го „корегираат Законот“ и самостојно со меѓусебен акт да предвидат дека со Закон веќе утврдените граници на општините ќе можат „по потреба да ги менуваат“ што и го сториле во конкретниот случај.
Целата состојба се поткрепувала и со фактот дека за овој дел од подрачјето на Општина Гази Баба, веќе бил донесен Детален урбанистички план од страна на Општина Гази Баба со Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Железара“ бр. 07-110/4 од 18.02.2005 година, во постапка која заради одредени процесни претпоставки, не била објавена во „Службен гласник на Општина Гази Баба“ и истата не произвела правно дејство, односно не влегла во сила и примена. Во оваа смисла се укажува дека имало територијално преклопување, односно преклопување на планираниот урбан опфат, за кој што Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, во 2004 година дал согласност на Општина Гази Баба, а во 2008 година на Општина Чаир.
Во иницијативата се наведува дека претходно даденото позитивно мислење на оспорениот акт од страна на Градот Скопје, како основен законски предуслов во смисла на одредбите на Законот за градот Скопје, според информацијата добиена од Државниот градежен инспекторат, било дадено, и покрај многубројните мислења дадени со многу забелешки од страна на Градот Скопје.
Покрај тоа, во иницијативата се наведува и дека од страна на Советот на Град Скопје, била донесена Одлука за прогласување на локалитетот „Гази Баба“ за карактеристичен пејсаж, каде во член 2 било јасно и недвосмислено утврдено дека подрачјето заштитено со оваа одлука се наоѓало на подрачјето на Општина Гази Баба со цитирање на катастарските парцели во нејзиниот состав.
Подносителот на иницијативата предлага, до донесување на соодветна одлука од страна на Уставниот суд за поништување на Одлуката, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на актите и дејствијата што се преземени врз основа на актот чија законитост се оспорува, а поради кое можеле да настанат тешко отстранливи последици за Општина Гази Баба.
– Според Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (орган во состав на Министерството за транспорт и врски), како втор подносител на иницијатива, во процедурата за изработка на Деталниот урбанистички план „Лирија –2“ не бил испочитуван во целост член 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, доколку имало ажурирани геодетски подлоги, како што налага оваа законска одредба, немало да дојде до зафаќање на делови од катастарски парцели што припаѓаат на територијата на Општина Гази Баба утврдена со Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија и Законот за Градот Скопје, како и делови од катастарските парцели кои припаѓале на Парк шумата Гази Баба согласно донесената Одлука на Градот Скопје од 1998 година, со која локалитетот Парк шума Гази Баба бил прогласен за карактеристичен пејсаж на подрачјето на Општина Гази Баба.
Понатаму, се наведува дека донесениот ДУП „ЛИРИЈА-2“ не бил изработен согласно со намената и одредбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2002-2020 година, како и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 78/2006), во делот од сообраќајното решение во планскиот опфат.
Утврдени биле грешки во процедурата, давани биле забелешки по Нацрт планот од страна на сите задолжени институции, коишто изработувачот на планот требало да ги испочитува, но во Предлог планот не можело да се констатира дека истите забелешки биле испочитувани и вградени.
Видно од синтезниот план, во планскиот опфат зеленилото било предвидено со 0,76 ха, односно категориите парковско зеленило и заштитно зеленило биле исклучени од планскиот опфат.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот акт и истиот да го поништи, а до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на актите и дејствијата што се преземени врз основа на актот чија законитост се оспорува, а поради кое можеле да настанат тешко отстранливи последици за Општина Гази Баба.
4. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Чаир, врз основа на член 26 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, член 22 став 1 од Законот за локалната самоуправа и член 26 став 1 од Статутот на Општина Чаир, на седницата одржана на 16.09.2008 година, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт „ЛИРИЈА-2“, Општина Чаир, планиран развој 2008-2013 година.
Според член 1 на оваа одлука, со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за Градска четврт „ЛИРИЈА-2“, Општина Чаир, планиран развој 2008-2013 година.
Според член 2 на истата одлука, просторот за кој се донесува Деталниот урбанистички план е во површина од 10,35 ха. Границата на планскиот опфат е дефинирана со следните граници:
-од Југ – ја следи границата на КП 765 и 766 и осовината на ул. „Ордан Чопела“
– од Запад- продолжува по осовината на ул. „Христијан Тодоровски Карпош“
– од Север – продолжува по осовината и пристапна ул. „Христијан Тодоровски Карпош“
– од Исток – продолжува по земјаната патека на КП 76 и асвалтната пристапна улица на КП 2142 кон резервоарот.
Согласно член 3 на оваа одлука, Деталниот урбанистички план е со технички број 2288/06 од месец август 2008 година, а изготвен е од АД за урбанизам, проектирање и инженеринг „ЗУМ“ Скопје и содржи:
А Документациона основа
А. – Текстуален дел
Б. Графички дел
Документациона основа
А. Текстуален дел
Планска документација
Б Графички дел
2 — планска документација
Според член 4 на Одлуката, составен дел на оваа одлука се : текстуален дел и графички прилози на Планот.
Согласно член 5 на истата одлука, Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општина Чаир и потпис на Претседателот на Советот на Општина Чаир.
Според член 6 на Одлуката, Советот на Општина Чаир во рок од 30 дена од завршување на целосната законска постапка за донесување ДУП ќе обезбеди комплетна документација за реализација на Планот.
Согласно член 7 на Одлуката, Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува и за негова реализација се грижи Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина при Општина Чаир.
Според член 8 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Чаир“.
Одлуката е заверена под број Бр. 07-1355/3 од 17.09.2008 година и е објавена во „Службен гласник на општина Чаир“ бр. 14 од 26 септември 2008 година.
5. Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:
По барање на Општина Чаир, од страна на АД за урбанизам, проектирање и инженеринг „ЗУМ“ Скопје, изработен е Нацрт на Детален урбанистички план за локалитетот „Лирија 2“ Општина Чаир – Скопје, планиран развој 2006-2011.
Стручна ревизија на Нацрт-планот е извршена од страна на АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗАУС“ Скопје, во ноември 2006 година, за што е изготвен Извештај, заведен во Општина Чаир под бр. 16-487/38 од 10.11.2006 година.
Изработувачот на Нацрт–планот, АД за урбанизам, проектирање и инженеринг „ЗУМ“ Скопје, доставил Одговор по Стручната ревизија на Нацрт-планот, заведен во Општина Чаир под бр. 16-487/40 од 07.12.2006 година.
Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, до Општина Чаир доставило повторно стручно мислење по Нацрт-планот, бр. 16-3715/1 од 22.06.2007 година, во кое се укажува на одредени сугестии и забелешки кои треба да бидат прифатени од страна на изработувачот на планот.
Советот на Општина Чаир, на седницата одржана на 15.01.2008 година, донел Одлука за утврдување на Нацрт на Детален урбанистички план за локалитет „ЛИРИЈА 2“, планиран развој 2008-2013 година, бр.07-55/5 од 15.01.2008 година, објавена во „Службен гласник на Општина Чаир“ бр. 1/2008.
Градоначалникот на Општина Чаир донел Одлука за спроведување на Јавна презентација и Јавна анкета по Одлуката за утврдување на Нацрт на Детален урбанистички план за локалитет „ЛИРИЈА 2“, планиран развој 2008-2013 година, бр. 08-51 од 18.01.2008 година. Во оваа смисла, издал Соопштение за повторно спроведување на јавна анкета, бр. 08-51/2 од 18.01.2008 година, со наведување на периодот (од 24.01.2008 до 6.02.2008 година, секој работен ден од 8,30 до 16,30 часот) кога нацрт-планот со графичките прилози ќе бидат изложени и со повикување на заинтересираните правни и физички лица од конкретното подрачје опфатено со Планот да достават писмени забелешки, предлози и мислења на Анкетни листови.
Општина Чаир – Сектор за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина, изработил Записник од одржаната Јавна презентација на ДУП „Лирија 2“, бр. 19/10 од 01.02.2008 година.
Општина Чаир – Сектор за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина, изработил Извештај за прифатени и неприфатени забелешки од спроведената повторна Јавна анкета и Јавна презентација, бр. 26-19/30 од 17.03.2008 година. Доставени се одговори на лицата кои поднеле писмени забелешки и предлози на анкетни листови.
Град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот, доставил до Општина Чаир мислење по Предлог ДУП Локалитет „Лирија 2“, бр. 08/13-1033/2 од 13.05.2008 година, со кое се дава позитивно мислење на доставениот Предлог ДУП.
Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, со акт бр. 16-9292/1 од 21.08.2008 година издало согласност на Предлог-ДУП локалитет „Лирија 2“.
Советот на Општина Чаир, на 71-та седница одржана на 16.09.2008 година, донел Одлука за донесување Детален урбанистички план за Градска четврт „ЛИРИЈА 2“, Општина Чаир – Скопје, планиран развој 2008-2013 година („Службен гласник на Општина Чаир“ бр. 14/2008). Според член 3 на оваа одлука, Деталниот урбанистички план е со технички број 2288/06 од месец август 2008 година, изготвен од страна на АД за урбанизам, проектирање и инженеринг „ЗУМ“ Скопје. Наведениот ДУП е заведен во Општина Чаир под бр. 26-19/68 од 24.09.2008 година.
Со акти на Општина Чаир, усвоениот ДУП е доставен до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (акт бр. 26-19/83 од 29.09.2008 година); до Градот Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот – Одделение за просторно и урбанистичко планирање (акт бр. 26-19/82 од 29.09.2008 година); до Државен завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар (акт бр. 26-19/81 од 29.09.2008 година) и до Државен архив на Република Македонија – Одделение Скопје (акт бр. 26-19/84 од 29.09.2008 година). До Државен завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар, доставен е и Деталниот урбанистички план, картиран на хамер (акт бр. 26-19/86 од 08.10.2008 година).
Агенцијата за катастар на недвижности, со своја Информација ги известила Град Скопје-Сектор за планирање и уредување на просторот (акт бр. 09-3274/2 од 17.02.2009 година) и Министерството за финансии- Управа за имотно правни работи (акт бр. 09-3274/3 од 17.02.2009 година), дека увидела неуедначеност во описите на границите помеѓу општините Чаир и Гази Баба, утврдени со Законот за Град Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004), поради што е потребно да се стопираат сите активности поврзани со донесување на урбанистичко планска документација, а градот Скопје во соработка со овие општини, точно да ги дефинира границите на општините.
Министерството за транспорт и врски – Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, поаѓајќи од доставените податоци во Информацијата на Агенцијата за катастар на недвижности, доставил укажување до градоначалниците на Општина Чаир и Општина Гази Баба (акт бр. 34-579/2 од 24.04.2009 година), со кое, поради недефинирана територијална поделба помеѓу Општина Чаир и Општина Гази Баба, укажува на потребата да се запре спроведувањето на Планот „ДУП Лирија 2“ до дефинирање на границите на двете општини.
Градоначалникот на Општина Чаир, со свој акт бр. 08-419/2 од 07.05.2009 година, доставил одговор на дописот на Министерството за транспорт и врски – Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, во кој се наведува дека со цел разрешување на спорот околу недефинираната територијална поделба помеѓу општините Чаир и Гази Баба, закажува заеднички состанок на 12.05.2009 година со надлежните институции и се наведува дека го запреле спроведувањето на Деталниот урбанистички план.
Агенцијата за катастар на недвижности, со свој акт бр. 09-1146/1 од 26.01.2010 година достави дополнителна информација до Уставниот суд на Република Македонија, во која се укажува дека е увидено дека постои неуедначеност во описите на границите помеѓу општините Бутел, Гази Баба и Чаир, поради што доставуваат графички приказ на границите помеѓу овие општини, дефинирани во Законот за Град Скопје, како и синтезен графички приказ со спорниот дел, од каде било видливо дека не било јасно кон која општина припаѓал спорниот дел од просторот на Парк шумата Гази Баба, односно, според описот на границите помеѓу општините Бутел и Гази Баба, спорниот дел припаѓал во општина Чаир, а према описот на границата на општина Чаир, спорниот дел припаѓал на општина Гази Баба.
На 15.02.2010 година, до Уставниот суд е доставено известување од Министерството за транспорт и врски (акт бр. 02-2418), со кое известуваат дека до нив е доставен допис од Агенцијата за катастар на недвижности, кој истовремено бил доставен и до Уставниот суд, според кој произлегувало дека земјиштето опфатено со оспорениот ДУП изготвен од Општина Чаир било спорно, како и добиеното сознание дека интензивно се работи на идентификација на заштитеното подрачје „Парк шума Гази Баба“ што влијаело на точното утврдување на границите на Општините Гази Баба и Бутел, што исто така имало влијание и за спорното земјиште опфатено со ДУП-от чија законитост се оспорува, поради што наведуваат дека доколку им биле познати тие факти при одлучувањето по барањето за согласност на оспорениот ДУП, секако тие ќе влијаеле при одлучувањето, од причина што секоја општина била овластена во рамките на ГУП-от на Град Скопје да изготвува детални урбанистички планови само во рамките на границите на својата општина, а не и за територијата на друга општина.
На 16.02.2010 година до Уставниот суд е доставено известување од градоначалникот на Град Скопје (акт бр. 08-416 од 15.02.2010 година) во кое известуваат дека на иницијатива на општините, на 12.05.2009 година во просториите на Општина Чаир бил одржан состанок по Предлог ДУП Локалитет Лирија 2 (донесен од Советот на Општина Чаир) на кој биле присутни претставници од: општините: Чаир, Гази Баба и Бутел, Агенцијата за катастар на недвижности, Град Скопје и Министерството за локална самоуправа, при што била констатирана неусогласеност, т.е. преклопување на границите на тромеѓето помеѓу општините Чаир, Гази Баба и Бутел за просторот во границата на урбаниот опфат на овој ДУП. Неусогласеноста на границата била резултат на неусогласеноста на законската регулатива: Законот за Град Скопје, Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија и Деталниот опис на границите на општините во град Скопје од 23.12.2004 година изработен од Државниот завод за геодетски работи на Република Македонија. Поради наведеното, спроведувањето на овој ДУП од страна на донесувачот било проблематично се до разрешување на овој проблем со границите. Од овие причини, Град Скопје го повлекува позитивното мислење, бр. 08/13-1033/2 од 13.05.2008 година, дадено по Предлог ДУП Локалитет Лирија 2, изработен од АД за урбанизам, проектирање и инженеринг ЗУМ Скопје.
6. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 51/2005 и 137/2007), кој бил во сила во времето на донесувањето на оспорениот план.
Во членот 7 од наведениот закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.
Согласно член 19 од наведениот закон, урбанистичките планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето.
Според член 21 став 1 од овој закон, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Согласно став 5 на истиот член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Согласно член 24 став 1 од овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно ставот 3 на овој член, по добивањето на согласноста, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Согласно член 26 став 4 од Законот, советите на општините во градот Скопје донесуваат: – детален урбанистички план, – урбанистички план за село и – урбанистички план вон населено место. Според став 9 на овој член, општините во Градот Скопје, урбанистичките планови ги донесуваат по претходно добиено мислење од градоначалникот на градот Скопје – за што градоначалникот овластува стручно лице, дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во областа на урбанистичкото планирање. Мислењето од градоначалникот на градот Скопје се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека мислењето е дадено.
Според член 27 став 3 од Законот, одлуката за донесување на урбанистичките планови, како и заверен примерок од донесениот план задолжително се доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Според став 4 на истиот член, донесениот урбанистички план се заверува во седум примероци од кои: еден се чува во архивот на донесувачот на планот, еден кај органот што го спроведува, еден во надлежниот државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во електронски формат, еден примерок се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Државниот завод за геодетски работи и седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста. Согласно став 6 на овој член, советот на општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Картираните подлоги се предаваат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење. Според став 7 на истиот член, донесениот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од ставовите 4 и 6 на овој член.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Макекдонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената одлука, произлегува дека постапката за донесување на Одлуката за донесување детален урбанистички план за Градска четврт „ЛИРИЈА-2“, Општина Чаир Скопје, планиран развој 2008-2013 година, бр. 07-1355/3 од 17.09.2008 година, донесена од Советот на Општина Чаир е спроведена согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање, бидејќи во постапката за изготвување и донесување на оспорената одлука се испочитувани сите фази на постапката предвидени во овој закон. Во оваа постапка, Геодетскиот елаборат за ажурирана геодетска подлога е одобрен од Државниот завод за геодетски работи – Сектор за премер и катастар Скопје (бр. 1114/6084 од 15.11.2007 година), обезбедено е позитивно мислење од Град Скопје, како и дадена е согласност за донесување на Одлуката од страна на Министерството за транспорт и врски, со која се потврдува дека планот е изработен согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, а кои дејствија посебно се оспоруваат со иницијативата. Бидејќи во постапката за изготвување и донесување на оспорената одлука за наведениот Детален урбанистички план се испочитувани сите фази на постапката предвидени во овој закон, не може основано да се постави прашањето на нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
За ваквиот став, според Судот, не се од значење наводите во иницијативата дека Општина Гази Баба донела Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Железара“, бр. 07-110/4 од 18.02.2005 година, со кој бил опфатен сега планираниот простор од Парк шумата Гази Баба, од причина што наведената одлука не била објавена во службеното гласило на Општината, со што истата не влегла во сила и не произвела правно дејство.
Во однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената одлука со Одлуката за прогласување на локалитетот Гази Баба за карактеристичен појас („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 18/1998), Судот оцени дека оваа одлука претставува акт донесен од страна на Градот Скопје, поради што има карактер на пропис со иста правна сила како и оспорената одлука (подзаконски акт), од каде произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја цени нивната меѓусебна согласност. Меѓутоа, според Судот, прогласувањето на локалитететот Гази Баба за карактеристичен појас, повлекува обврска за доносителот на деталниот урбанистички план кој го опфаќа овој локалитет, да обезбеди стручно мислење од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата, согласно член 16 од Законот за заштита на природата (“Службен весник на Република Македонија”број 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008 и 83/2009), за што во конкретниот случај нема доказ дека е обезбедено. Поради тоа, пред Судот основано се постави прашањето дали во постапката за донесување на оспорената одлука е испочитуван Законот за заштита на природата, како услов од кој зависи дали постапката е законита.
7. Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорената одлука Општина Чаир планирала опфат на друга општина, односно на Општината Гази Баба, што било во спротивност со член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 од Законот за градот Скопје, според која одредба во надлежност на општините во градот Скопје е донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината, како и во спротивност со член 4 став 1 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа, според кој граница на општина се границите на катастарските општини на населените места во нејзиниот состав, во делот што се граничат со соседните општини или се поклопуваат со државната граница на Република Македонија, од каде произлегувало дека оспорениот акт се однесувал и се применувал на територијата на Општина Гази Баба во делот на Парк шумата Гази Баба, Судот имаше предвид дека по негово барање, во фаза на претходна постапка по иницијативите, добиено е Известување од Министерството за локалана самоуправа, во кое се укажува дека член 8 став 9 од Законот за градот Скопје бил недвосмислено и точно утврден, а дополнет и технички прецизиран и со детален опис на границите од општините во град Скопје, изработено од Државен завод за геодетски работи на Република Македонија со елаборат бр. 01-6579/4 од 30.12.2004 година. Во прилог е доставен опис со графички преглед за општина Чаир, во кој стои забелешка дека границата на КО Чаир и Бутел трпи промени, границата на КО Чаир и Центар трпи промени и границата меѓу КО Чаир и Гази Баба трпи промени. Исто така, доставен е Технички извештај, сочинет на состанокот одржан на 23 и 24 декември 2004 година во просториите на Државниот завод за геодетски работи, на кој присуствувале претставници на Министерството за локална самоуправа, Министерството за правда, Државниот завод за статистика и Државниот завод за геодетски работи, при што било заклучено дека во Законот за територијална организација на локалната самоуправа и Законот за градот Скопје постојат одредени недоречености, поради што потребно е да се излезе на лице место и да се направи детален опис на спорните места на границите од општините во градот Скопје, па по направениот увид на фактичката состојба, заземен е став описот на спорните места да оди по границите на катастарските општини и новопроектираните улици од ГУП на град Скопје.
Според укажувањето на Агенцијата за катастар на недвижности доставено до Град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот (акт бр. 09-3274/2 од 17.02.2009 година) и до Министерството за финансии- Управа за имотно правни работи (акт бр. 09-3274/3 од 17.02.2009 година), како и до Уставниот суд на Република Македонија ( бр. 09-1146/1 од 26.01.2010 година), увидено е дека постои неуедначеност во описите на границите помеѓу општините Бутел, Гази Баба и Чаир, утврдени со член 8 од Законот за град Скопје, поради што до Уставниот суд доставуваат графички приказ на границите помеѓу овие општини, дефинирани во Законот за Град Скопје, како и синтезен графички приказ со спорниот дел. Според приказот, било видливо дека не било јасно кон која општина припаѓал спорниот дел од просторот на Парк шумата Гази Баба, односно, според описот на границите помеѓу општините Бутел и Гази Баба, спорниот дел припаѓал во општина Чаир, а према описот на границата на општина Чаир, спорниот дел припаѓал на општина Гази Баба. Поради наведеното, се предлага да се стопираат сите активности поврзани со донесување на урбанистичко планска документација, а градот Скопје во соработка со овие општини, точно да ги дефинира границите на општините.
Од приложените три графички прилози, видно е дека спорната територија во два графички прилога припаѓа на општина Чаир, а во еден припаѓа на Општина Гази Баба. Разликата се должи на фактот дали дефинирањето на границите се врши според ставот 2, ставот 3 или ставот 9 на членот 8 од Законот за град Скопје, со кои се утврдува границата помеѓу општините Бутел, Чаир и Гази Баба.
Од доставената документација за подготвување и донесување на оспорениот детален урбанистички план, неспорно произлегува дека Општина Чаир се обратила до сите надлежни институции во врска со наведената проблематика, при што не е добиено укажување дека постојат проблеми во врска со опфатот со планот, напротив, Државниот завод за геодетски работи го одобрил геодетскиот елаборат за ажурирана геодетска подлога. Тоа значи дека Општина Чаир, во време на планирањето на просторот и донесувањето на оспорената одлука, основано очекувала дека планирањето на спорниот простор е во рамките на членот 8 од Законот за градот Скопје со кој се утврдени границите на општините, особено што ниеден од многубројните органи кои биле надлежни да ја ценат законитоста на планирањето и кои биле вклучени во постапката за изработка на планот, не укажал дека постојат проблеми за дефинирање на општинската граница кои водат кон можност Општина Чаир да планира надвор од своите граници, односно во опфатот на Општина Гази Баба. Напротив, биле дадени сите потребни согласности за донесување на Одлуката.
Од друга страна, неспорно е дека, и покрај дадените согласности за донесување на оспорената одлука и нејзиното донесување во постапка пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање, надлежните институции, по донесувањето на одлуката, укажуваат дека постои одредена непрецизност во законските одредби со кои се утврдени границите на општините во Градот Скопје и дека тоа создава проблеми при примената на тие законски одредби, особено изразено при донесување детални урбанистички планови, како што е случај со оспорениот план, каде постои сомнеж дека Општина Чаир планирала урбанистички опфат на територијата на Општина Гази Баба, што не е дозволено. Поради тоа, Министерството за транспорт и врски и Градоначалникот на Град Скопје, го известија Уставниот суд дека ја повлекуваат својата претходно дадена согласност, односно позитивно мислење за донесување на оспорената одлука, како потребен законски услов во постапката за донесување на Одлуката
Според Судот, дополнителното повлекување на ваквата согласност и позитивното мислење за донесување на оспорената одлука, извршени по донесувањето на Одлуката и нејзиното објавување во службеното гласило на општината, само по себе не може да биде од влијание на законитоста на постапката за донесување на Одлуката.
Меѓутоа, фактите наведени во последниот графички приказ изработен од Агенцијата за катастар на недвижности, според кој постои неуедначеност во описите на границите помеѓу општините Бутел, Гази Баба и Чаир, утврдени со член 8 од Законот за град Скопје, според Судот, го оставаат отворено прашањето на определувањето на границите на наведените општини, што води кон состојба да не може да се утврди каде навистина припаѓа спорниот простор од Парк шумата Гази Баба и да се утврди дали Општина Чаир навлегла во планскиот опфат на Општина Гази Баба, како што се наведува во иницијативата, а со тоа и дали постои повреда на територијалниот принцип на надлежност на општините, секоја општина да делува во границите на територијата на својата општина согласно законските одредби. Ова затоа што според ставовите 2 и 3 од наведениот законски член со кој се утврдуваат границите на општините Бутел и Гази Баба, спорниот дел припаѓал на Општина Чаир, а според ставот 9, со кој се утврдува границата на Општина Чаир, спорниот дел припаѓал на Општина Гази Баба. Оттука, според Судот, неспорна е потребата при утврдување на границите на општините во Град Скопје да се има предвид целокупноста на членот 8 со кој се утврдуваат границите на општините, што е и смислата на овој член, а не само одделни ставови од овој член, кои очигледно противречат едни на други и доведуваат до преклопување на границите на општините, што води кон правна несигурност, како елемент на владеењето на правото.
Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека постои потреба законодавецот соодветно да интервенира и да го прецизира членот 8 од Законот за Градот Скопје, со што ќе се отстранат констатираните недоследности во утврдувањето на границите помеѓу општините во Град Скопје, во која смисла ќе се утврди точно кон која општина припаѓа спорниот дел од Парк шумата Гази Баба, односно која општина има законско право плански да го опфати и уреди тој простор. Уставниот суд не е надлежен да ја определува границата на општините, ниту да утврди кој став од членот 8 од Законот за Градот Скопје треба да биде меродавен при определувањето на границите помеѓу општините Чаир, Бутел и Гази Баба.
Имајќи предвид дека во конкретниов случај оцената на законитоста на оспорената одлука, во суштина се бара поради непрецизност на законска одредба, поточно, поради меѓусебна неусогласеност на три става во еден ист член, што создава проблеми во примената на Законот и што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 14 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, да покрене постапка за оценување на уставноста на член 8 од Законот за град Скопје
8. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд, до прецизирање на наведената законска материја и утврдување на спорното фактичко прашање за тоа кон која општина припаѓа спорниот дел од Парк шумата Гази Баба, да ја запре примената на оспорената одлука, со што би се спречило настанување на тешко отстранливи последици.
9. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.124/2009
24 март 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски