Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 24 март 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 8 во делот:„ Комисијата по службена должност, веднаш и без расправа, со решение го утврдува неподнесувањето на писмената изјава на лицето кандидат за носител на јавна функција или носител на јавна функција“ од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/2008 и 64/2009).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008 од 27 јануари 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 во делот: „до денот на влегување во сила на овој закон“, член 8, член 13 и член 34 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/2008 и 64/2009), затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Собранието на Република Македонија, како доносител на оспорениот закон, на 2 март 2010 година достави до Уставниот суд на Република Македонија одговор на наводите од Решението за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.
Во однос на прашањето за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 од Законот, во одговорот на Собранието на Република Македонија се укажува дека според образложението на Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на овој член, произлегувало дека спорен бил само делот од членот која гласи: „и го објавува во „Службен весник на Република Македонија“, а не и целиот член, поради што се предлага Судот да ја преоцени основаноста на својот став искажан во Решението.
5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.
Судот утврди дека решението од член 8 од Законот, за објавување во „Службен весник на Република Македонија“ на имињата на лицата кои не поднеле изјава, и тоа по службена должност на Комисијата, без расправа, претставува повреда на достоинството, моралниот и личниот интегритет на граѓанинот заштитени со член 11 и член 25 од Уставот, поради што со Одлука У.бр. 42/2008 и У.бр.77/2008 од 24 март 2010 година, го укина член 8 во делот: „и го објавува во „Службен весник на Република Македонија“. Имено, тргнувајќи од содржината на наведените членови на Уставот, истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човековата личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита. Од друга страна, решението во Законот според кое самото неподнесување на изјава од лицето кандидат за одредена функција или носител на одредена функција, без утврдување на причините за неподнесување на изјавата и без претходно спроведена постапка за утврдување на фактите околу неговата соработка со тајните служби, повлекува јавно објавување на името на тоа лице во јавно гласило, значи непроверено, паушално јавно жигосување на лицето како истото да било таен соработник или информатор, односно наредбодател или корисник на информациите со кои се кршени или ограничувани основните слободи и права на граѓаните од идеолошко-политички причини и од која соработка е остварена лична или материјална корист, што според Судот не е дозволено, затоа што ја надминува оправданоста на пропишувањето на посебниот услов за вршење на јавна дејност и значи непочитување на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот. Тоа пак, од друга страна, нема влијание на обврската на лицата кандидати за одредена функција или носители на одредена функција, да поднесуваат писмена изјава до Комисијата за верификација на фактите, која обврска и понатаму останува за сите, со оглед дека неподнесувањето на изјавата се смета како лицето да не ги исполнува условите за вршење на јавна функција, во кој случај, Комисијата го известува органот или телото надлежно за покренување постапка за разрешување на лицето од јавната функција која ја врши.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на постапката за оценување на уставноста на член 8 во делот: „Комисијата по службена должност, веднаш и без расправа, со решение го утврдува неподнесувањето на писмената изјава на лицето кандидат за носител на јавна функција или носител на јавна функција“ од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.42/2008/1
У.бр.77/2008/1
24 март 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски