Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 10 март 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 17 став 2 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби и делови од одредби од Законот за внатрешни работи означен во точката 1 од ова решение.
– Подносителот на иницијативата го цитира член 17 став 2 од Законот и наведува дека казнено поправниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна, односно санкција и натамошни последици од осудата за тоа дело не биле дозволени. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот законски дел: „по негово барање, кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца, или“ од членот 17 став 2 од Законот се вршело ограничување на правата на граѓаните по сила на закон, како последица од осудата за казнивото дело, а не како содржина на определна санкција што ја изрекол суд, од каде овој дел не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 од Уставот.
Во иницијативата не е содржана елаборација од кои причини подносителот на иницијативата смета дека делот: „по негово барање,“ од членот 17 став 2 од Законот не е во согласност со Уставот, а сите наводи одат во правец на докажување на несогла-сноста со уставните одредби по однос на делот: „ кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца, или“ од истата одредба од кои причини Судот се задржана на оцена на уставноста на наведениот дел од одредбата.
– По цитирање на поднасловот: „Забрана за штрајк“ и членот 121 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека оваа одредба не можела да постои во уставниот и правен поредок, затоа што согласно членот 38 од Уставот на Република Македонија правото на штрајк е загарантирано. Со закон можело само да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата, меѓутоа со закон не можело да се забранува штрајк во Министертсвото во воена, вонредна или кризна состојба, како што тоа било предвидено во ставот 1 на членот 121 од Законот. Дека тоа било така, произлегувало од член 54 ставови 1 и 2 од Уставот, според кои слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаите утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можеле да се ограничат за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Тоа значело дека Уставот не го забранувал правото на штрајк, туку истото само можело да се ограничи, но само во случаите утврдени со Уставот, а не и со закон, како што било сторено со оспорените законски одредби. Исто така, требало да се имаат предвид член 124, член 125 и член 126 од Уставот. Според тоа оспорениот наслов и членот 121 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 38, член 51, член 54, член 125 и 126 од Уставот.
– По цитирање на членот 150 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот дел: „не“ ја повредувал еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите од членот 9 на Уставот, затоа што во Законот за работните односи, Законот за државните службеници, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, а и во другите статусни закони постоеле одреби според кои приговорот против решението за престанок на договорот за вработување го одлагал извршувањето на решението до донесување на конечната одлука по приговорот. Затоа со оспорениот законски исклучок се повредувале член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 17 став 2 од Законот, директорот може да биде разрешен по негово барање, кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца или заради несовесно и нестручно вршење на работата.
Одредбата се оспорува во делот: „ по негово барање, кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца или“.
Оспорениот член 121 од Законот го содржи поднасловот: „Забрана за штрајк“. Според содржината на ставот 1 од означената одредба од Законот, се забранува штрајк во Министерството во воена, вонредна или кризна состојба.
Според ставот 2 од членот 121 од Законот, во случај на сложена безбедносна состојба, нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем, природни непогоди и епидемии или загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот во поголем обем, во штрајк истовремено не може да учествуваат повеќе од 10% од работниците во Министерството и штрајкот не може да трае подолго од три дена.
Според ставот 3 од истиот член од Законот, доколку штрајкот започнал пред настапувањето на кој било од условите од ставовите 1 и 2 на овој член, работниците во Министерството се должни штрајкот веднаш да го прекинат.
Во членот 150 став 2 од Законот е предвидено дека, приговорот против решението за престанок на договорот за вработување не го одлага извршувањето на решението до донесу-вање на конечна одлука по приговорот.
Одредбата се оспорува во делот: „не“.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според членот 14 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 17 став 1, во врска со член 15 став 1 од Законот, со Управата за безбедност и контраразузнавање раководи директор кој на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.
Со оспорениот дел од одредбата законодавецот предви-дел можност директорот да биде разрешен од вршење на должноста кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца.
Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни одредби, како и од анализата на законските одредби, Судот оцени, дека наводите во иницијативата за предвидување на правна последица на осудата што настапувала по сила на закон, поради што се доведувала во прашање уставноста на оспорениот дел од одредбата се неосновани. Во прашање е престанок на вршење на функцијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање заради физичка неможност да се врши функцијата, како последица од казната што ја изрекол судот. Имено, ова законско решение е токму последица од судската осуда со која е изречена казна затвор од најмалку шест месеци, која казна по својата природа не дозволува истовремено вршителот на функција директор на Управата за безбедност и контраразузнавање да биде присутен и да ја врши функцијата.
Како последица на изречена правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, произлегува дека функцијата на Директорот престанува, бидејќи тој е физички отсутен и спречен да ја врши истата, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.
Врз основа на наведеното произлегува дека осудата со правосилна судска пресуда на казна затвор во траење од најмалку шест месеци не преставува повреда, ниту на принципот на презу-мпција на невиноста на лицето утврден во членот 13 став 1 од Уставот, ниту на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдена во член 14 став 1 од Уставот.
Врз основа на наведеното, Судот оцени, дека оспорениот дел од членот 17 став 2 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 од Уставот.
Со оглед на тоа што во иницијативата не е содржана елаборација од кои причини делот: „по негово барање,“ од членот 17 став 2 од Законот не е во согласност со Уставот и сите наводи одат во правец на докажување на несогласноста со уставните одредби по однос на погоре означениот дел од одредбата, Судот оцени дека нема процесни претпоставки да се впушти во оцена на уставноста во тој дел од одредбата.
5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 38 од Уставот се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на поднасловот: „Забрана за штрајк“ и членот 121 од Законот, од причини што смета дека со закон можеле само да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата, меѓутоа со закон не можело да се забранува штрајк во Министерството во воена, вонредна или кризна состојба, како што тоа било предвидено во ставот 1 на членот 121 од Законот.
Врз основа на анализата на уставните одредби и посебно од анализата на членот 38 произлегува дека Уставот не ги утврдува условите за остварување правото на штрајк, ниту упатува тие да се уредат со закон, освен што предвидува дека со закон можат да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Од анализата на наведените уставни одредби и содржи-ната на оспорената одредба, од аспект на изнесените наводи во иницијативата, произлегува дека посебниот карактер на внатрешната безбедност на Република Македонија, како и потребата од одржување на јавниот ред и мир ја наметнува потребата во мирно временски услови со закон да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк, а во воена и вонредна состојба дури овие права и да бидат суспендирани, поради што Судот оцени дека истата е во согласност со Уставот.
Во поткрепа на ваквото гледиште е и фактот што Законот во член 118 став 1 го обезбедува правото на штрајк, определувајќи, во функција на операционализација на членот 38 од Уставот, дека работниците во Министерството правото на штрајк можат да го остваруваат на начин и под услов битно да не се нарушува редовното извршување на внатрешните работи, односно дека ова право се ограничува само во случаите на сложена безбедносна состојба, нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем, природни непогоди и епидемии или загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот во поголем обем (член 121 став 2 од Законот). Впрочем и членот 54 од Уставот, определил дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба, а горе споменатите состојби несомнено по својот карактер се вонредни состојби во кои мора да се обезбеди редовно извршување на внатрешните работи.
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, како и содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека целта на законодавецот во конкретниов случај не била да се ограничи правото на штрајк при постоење на редовна, нормална состојба и услови во кои се наоѓа државата. Напротив, целта била, ваквото право да се остварува, но во редуциран обем (10% од вработените) и со редуцирано времетрање (три дена), заради непречено преземање на активности и дејствија од страна на вработените во Министерството за внатрешните работи кога се доведени во прашање безбедносната состојба на државата или одржување на јавниот ред и мир при нарушување во поголем обем, кога треба да се попречат или отстранат тешките последици при појава на природни непогоди и епидемии или кога е во прашање загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот во поголем обем.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 121 став 1 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 38, член 54, член 125 и член 126 од Уставот.
По однос на членовите 124, 125 и 126 од Уставот во иницијативата има само упатување дека треба да се има предвид нивната содржина, но во иницијативата не се содржани причини поради кои подносителот на иницијативата смета дека овие одредби се повредени.
6. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Во членот 3 точка 3 од Законот за внатрешни работи е де-финирано дека, под поимот „работник во Министерството“ се сметаат:
– овластено службено лице согласно со овој закон;
– државен службеник согласно со Законот за државните службеници и
– работник во Министерството согласно со Законот за работните односи.
Според членот 29 став 1 од истиот закон, во Министе-рството работниците имаат статус на:
– овластени службени лица, согласно со овој закон;
– државни службеници, согласно со Законот за државните службеници и
– работници, согласно со Законот за работните односи.
Според ставот 2 од истиот член од Законот, овластени службени лица од ставот 1 алинеја 1 на овој член се:
– овластени службени лица за вршење стручни или граѓански работи;
– овластени службени лица за безбедност и контрара-зузнавање и
– полициски службеници.
Во членот 45 од Законот, со наслов: „ Прописи со кои се уредени правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството“ е предвидено дека, правата и обврските од рабо-тниот однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Законот за државните службеници, прописите за работните односи и Колективниот договор на Мини-стерството.
Во членот 32 став 5 од Уставот е предвидено дека, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Тргнувајќи од анализата на оваа уставна одредба, како и од цитираните законски одредби произлегува дека правата и обврските на работниците во Министе-рството за внатрешни работи, во зависност од спецификата на работните обврски и нивниот статус, се уредуваат со повеќе закони и тоа: Законот за внатрешни работи, Законот за полицијата, Законот за државните службеници и Законот за работните односи, како и со соодветниот колективен договор. Исто така, од анализата на наведената уставна одредба произлегува дека законодавецот има уставен основ, во рамките на начелното овластување да ги уредува положбата и правата на вработените, да ја регулира постапката за остварување на правата на вработените и во тој склоп кој правен лек или правно средство може да се употреби против првостепен акт на работодавецот.
Од анализата, пак, на сооветните одредби од наведените закони произлегува дека сите освен Законот за државните службе-ници содржат идентично решение како членот 150 став 2 од Законот за внатрешните работи. За разлика од наведеното во Законот за државните службеници (член 111) не е предвидено право на приговор, туку право на жалба, како редовен правен лек.
Приговорот е специфично правно средство што се вложува, меѓу другото и во случаите кога вработените не се согласуваат со донесената одлука во врска со нивните права, обврски и одговорности што ги имаат кај конкретен работодавач. Притоа, ова правно средство остава можност за внатрешно решавање на настанатата состојба и одбегнување на натамошно водење на судска или управна постапка, доколку по повод приговорот доносителот на актот против кој се вложува приговорот согледа дека повредил нечии права. Значи, не станува збор за заштита на права во постапка пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, туку станува збор за заштита на права, обврски и одговорности што произлегуваат од работен однос. Со ваквото зако-нско решение не се задира во правото на вработениот на судска заштита доколку е незадоволен од одлуката донесена по повод приговорот.
Тргнувајќи од фактот дека вработените во Министе-рството за внатрешни работи имаат различен статус во зависност од спецификата на работите што ги вршат, како и тоа дека не се наоѓаат во иста правна положба со вработените во Армијата на Република Македонија, чии права, во дел, се уредени со Законот за служба во Армијата, произлегува дека истите се наоѓаат во различна правна положба како во рамките на самото Министерство за внатрешни работи, така и надвор од него. Според тоа станува збор за право чие остварување согласно уставното овластување од членот 32 став 5 од Уставот е уредено со закон и тоа во зависност од специфичниот статус на секој од вработените, од каде Судот оцени, дека не може да се постави и прашањето за повреда на принципот на владеењето на правото, како и за нееднаквост на вработените во Министерството за внатрешни работи.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени, дека оспорениот дел: „не“ од членот 150 став 2 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 51 и член 54 од Уставот.
Конечно, во овој случај, Стамен Филипов покренува идентични прашања за оценување на уставноста за кои Судот веќе заземал гледишта во постапката по предметите У.бр.114/1998, У.бр.263/1995, У.бр.135/2001 и 155/2001, како и У.бр.211/2006.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.196/2009
10 март 2010 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски