203/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Исправката во техничкиот дел-Синтезен приказ во Деталниот урбанистистички план за населба „Буњаковец 1“, УМ1, УМ6, УМ7, УМ12, УМ13, УМ14, УМ16, УМ17, УМ20, УМ22 и УМ23, донесена од Советот на општина Центар под бр.07-386/18 од 9 февруари 2009 година („Службен гласник на општина Центар“ бр.2/2009), што се однесува на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за “Буњаковец 1” бр.07-466/1 од 18 февруари 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.2/2005).

2. Јорданчо Крстевски од Скопје, како претседател на куќен совет на станарите на ул. „Киро Крстевски-Платник“ бр.11 во Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, дополнувањето и појаснувањето на иницијативата, Советот на општина Центар, по донесувањето на Деталниот урбанистички план (Одлука бр.07-466/2 од 18 февруари 2005 година), утврдил дека сторил техничка грешка за што го донел оспорениот заклучок, но при тоа ги повредил членовите 19, 21, 22, 23, 24 и 25 од Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2008). Ова од причина што законските одредби предвидувале, меѓу другото, одржување на јавна расправа, објавување во две гласила, како и изработка на извештај од спроведената јавна анкета, но ништо од ова не било преземено. Потоа, иако донесениот Заклучок бил објавен, истиот не бил имплементиран во нов, изменет Детален урбанистички план.

Врз основа на Решението за локациски услови за градба бр.27-543/3 од 20 февруари 2009 година и Одобрение за градење бр.27-697/5 од 8 април 2009 година издадено на ДТУ ВАЈТ ЕНД СОЛ ДОО од Скопје, на наведеното претпријатие му било дозволено да минува низ просторот, сопственост на станарите на зградата, спротивно на Законот за сопственост, бидејќи на тој начин им ја нарушиле сопственоста, им го попречиле сопственичкото право на пасажот и целосно им била одземена сопственоста на паркинг просторот, кој припаѓал на нивната зграда, а сега бил опфатен за изградба на новиот, за нив, по многу нешта, спорен објект. Притоа, поминувањето на тешка механизација низ пасажот преставувало опасност и за самата зграда, бидејќи пасажот немал технички услови, статика, ширина, висина за минување на тешки возила, а како бил предвиден за влез на лесни возила во подземната гаража. Ваквото флагрантно кршење на правото на сопственост преставувало директна повреда на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.

Подносителот на иницијативата заради повреда на правото на сопственост, согласно Законот за сопственост и други стварни права и изведба на спорната градба спротивно на Законот за градење предлага Судот да донесе одлука за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот акт.

Подносителот на иницијативата со поднесок од 22 јануари 2010 година го извести Судот дека ја повлекува иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решение за локациски услови за градба бр.27-543/3 од 20 февруари 2009 година и Одобрение за градење бр.27-697/5 од 8 април 2009 година издадено на ДТУ ВАЈТ ЕНД СОЛ ДОО од Скопје. Ова од причина што Градоначалникот на општина Центар, по укажување на Министерството за транспорт и врски-Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, со Решение бр.08-543/10 од 7 октомври 2009 година, го поништил Решението за локациски услови. Воедно, подносителот на иницијативата упатува на причините поради кои градоначалникот на Општината се определил за поништување на Локациските услови, како што е констатацијата дека предвидениот пасаж за пристап со возило бил дислоциран за разлика од предвидениот во Деталниот план, а рампата со која се стигнувало до подземниот паркинг била надвор од градежната парцела, во туѓа сопственост.

Во поткрепа на основаноста на наводите од иницијативата се прилагаат поголем број на писмени докази.

3. Судот на седницата утврди дека, Советот на општина Центар, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 од Статутот на општина Центар (“Службен гласник на општина Центар„ бр.1/2006), расправајќи по барање за исправка на техничка грешка во графичкиот дел во ДУП за населба „Буњаковец1„ УМ1, УМ6, УМ7, УМ12, УМ13, УМ14, УМ16, УМ17, УМ20, УМ22 и УМ23 корекција на презентацијата на намената на просторот за парцелата 17.11, на 9 февруари 2009 година, донел Заклучок за вршење на техничка исправка.

Според членот 1 од Заклучокот, се врши техничка исправка во графичкиот дел-Синтезен приказ во Деталниот урбани-стички план за населба „Буњаковец1„ со горе наведените урбани модули.

Во членот 2 од Заклучокот е определено дека, Заклучокот треба да се достави до Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на човековата околина во општина Центар, а во членот 3 дека Заклучокот влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во “Службен гласник на општина Центар“.

Судот, исто така, на седницата, врз основа на приложените и прибавени докази утврди дека:

Советот на општина Центар, на седницата одржана на ден 18 февруари 2005 година донел Одлука за донесување Детален урбанистички план за “Буњаковец 1” урбани модули М1, М6, М7, М12, М13, М14, М16, М17, М20, М22 и М23-Скопје, бр.07-466/1 од 18 февруари 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.2/2005).

Друштвото за трговија и услуги ВАЈТ ЕД ЦОЛ ДОО-Скопје со писмо бр.56/2008 од 3 ноември 2008 година побарало од општината Центар исправка на донесениот Детален план, од причина што тие според Планот биле обврзани да користат пристап-пасаж, кој веќе се користел од постоечка зграда. Со оглед на тоа што пасажот според Планот припаѓал на нивната урбанистичка парцела им било побарано да извршат дооформување на нивната градежна парцела, со појаснување дека и по стариот План пасажот не бил дел од нивната урбанистичка парцела од каде произлегла потребата од корекција на Планот на начин што пасажот би се издвоил од нивната парцела и би ја добил намената за што и се користел-пристапна колско пешачка патека.

Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија во јануари 2009 година направил исправка на техничка грешка на наведениот план. Составен дел на исправката се два синтензни прикази, првиот од презентацијата на намената на просторот за парцелата 17.11-постоечка презентација, а вториот од презентацијата на намената на просторот за истата парцела-корегирана презентација. Поблиско образложение во што се состои техничката грешка во исправката не е содржано, а од графичките прикази се гледа дека во вториот приказ има вцртано наизменични стрелки на спорната патека.

Меѓутоа, во графичките прикази постои разлика во бројните показатели за 6 од дадените 13 параметри според постое-чката и корегираната презентација. Така во постоечката презентација било определено дека површината на парцелата е 398,05 м2; бруто развиената површина е 574,84; процентот на изграденост е 36,10; потребниот број на паркинг места е 6, а паркинг местата надземно во парцелата се 13. Во корегираната презентација било определено дека површината на парцелата е 341,33 м2; бруто развиената по-вршина е 682,66; процентот на изграденост е 42,10; потребниот број на паркинг места е 7, а паркинг местата надземно во парцелата се 10.

Советот на општина Центар врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 од Статутот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.1/2006) расправајќи по барањето за исправка на техничка грешка во графичкиот дел на Деталниот урбанистистички план за населба „Буњаковец1“ УМ1, УМ6, УМ7, УМ12, УМ13, УМ14, УМ16, УМ17, УМ20, УМ22 и УМ23, корекција на презентацијата на намена на простор за парцела 17.11 на 104-та седница одржана на ден 9 февруари 2009 година, го донел оспорениот заклучок бр.07-386/18, со кој направил техничка исправка во графичкиот дел-Синтезен приказ во Планот.

Истиот ден градоначалникот на општината Центар донел решение бр.08-386/19 за објавување на Заклучокот во службеното гласило на општината.

Општината Центар решавајќи по барањето на инвеститорот ВАЈТ ЕД ЦОЛ ДОО-Скопје за издавање на одобрение за градење издала одобрение за градење бр.27-697/5 од 8 април 2009 година. Раководителот на Секторот за сообраќај, со решение бр.05-1116/3 од 5 мај 2009 година, на инвеститорот му ги утврдил условите и режимот на сообраќај.

Станарите од зградата на улицата „Киро Крстевски Платник“ бр.11 го ангажирале Друштвото за геодетски и катастарски работи „Геополарис“ ДОО Скопје да направи геодетски елаборат за фактичката состојба на објектот на КО.бр.11577. За таа цел изготвен е технички извештај бр.267/09-1 од 29 јуни 2009 година, во кој меѓу другото, е наведено дека со споредувањето на фактичката состојба на преминот со предвидениот премин се утврдило дека спрема урбанистичкиот план за градежната парцела 17.1 предвидениот пролаз требало да биде изграден на 13 м. почнувајќи од исток и со ширина од 3 м, а не како што бил на лице место на растојание од исток на 17,70 м и со ширина од 5,10 м на почетокот спрема улицата “Киро Крстевски Платник“. Во графичкиот прилог бр.4-скица е констатирано дека спорниот пролаз претрпел поместување.

Иницијативата е поднесена во Уставниот суд на 31 јули 2009 година, а дополнувањето на иницијативата е поднесено на 1 септември 2009 година. Второто појаснување е поднесено на 21 јануари 2010 година. Кон сите поднесоци се прилагаат и писмени докази.

Од увидот во: дописот на Министерството за транспорт и врски бр.УПП 34-91/2 од 29 мај 2009 година упатен до Куќниот совет; решението на истото министерство, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам бр.34-736/6 од 17 јули 2009 година со кое се наредува на ВАЈТ ЕД ЦОЛ ДОО-Скопје прекин на натамошната изградба; Записникот за инспекциски надзор бр.3/9 од 25 август 2009 година на истиот инспекторат; дописот на Министерството за транспорт и врски бр.34-736/12 од 26 август 2009 година упатен до град Скопје-Сектор за сообраќај; укажувањето на Министерството за транспорт и врски бр.34-736/14 од 1 септември 2009 година упатено до градоначалникот на општина Центар; укажувањето на истото министерство бр.34-736/15 од 1 септември 2009 година до градот Скопје-Сектор за сообраќај; дописот на Министерството за транспорт и врски бр. 34-643 од 3 септември 2009 година до Секторот за уредување на просторот, како и од увидот во решението бр.08-543/10 од 7 октомври 2009 година на градоначалникот на општината Центар за поништување на решението за локациски услови издадено на ВАЈТ ЕД ЦОЛ ДОО-Скопје се утврди дека надлежните органи на градежната парцела 17.11 утврдиле неправилности, како и тоа дека постојниот пасаж не е идентичен со предвидениот пасаж по Деталниот план. Заради наведеното, како и поради констатацијата дека: „рампата, со која се стигнува до подземниот паркинг е надвор од градежната парцела, во туѓа сопственост“ градоначалникот на Општината го поништил решението за локациските услови.

4. Според член 8 став 1, алинеите 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Подносителот на иницијативата бара Судот да направи оцена на согласноста на оспорениот акт по однос на согласноста со член 19, 21, 22, 23, 24 и 25 од Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2008) што е означување според пречистениот текст на Законот, односно соодветните одредби (19 до 21) од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка).

Притоа, неспорно е дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за “Буњаковец 1” урбани модули М1, М6, М7, М12, М13, М14, М16, М17, М20, М22 и М23-Скопје, бр.07-466/1 од 18 февруари 2005 година, е донесена според одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), кој престанал да важи.

По однос на Заклучокот со кој се прави исправката, кој по својата природа би требало да се надоврзува на споменатата одлука и треба да биде нејзин составен дел, според оцена на Судот, не можат да бидат применети одредбите на Законот што престанал да важи, туку одредбите од Законот што сега е во сила, бидејќи по својот карактер истиот е измена на детален план, а не исправка на претходно донесениот план.

Во членовите 19 до 25 од Законот, што сега е во сила, се уредени фазите во кои се носат деталните урбанистички планови (нацрт-план и предлог-план), кои се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги и дејствијата што ги преземаат надлежните ограни во рамките на така определените фази како што се: стручна ревизија на планот, забелешки на стручната ревизија, претходно мислење од надлежното министерство, соопштение во јавните гласила за организирање на јавна презентација и јавна анкета, организирање на јавна презентација и јавна анкета, излагање на планот на јавна презентација, извештај за прифатени и неприфатени забелешки, согласност на планот од надлежното министерство, донесување на одлука и нејзино објавување.

Во иницијативата се наведува дека со Заклучокот не се направила исправка на претходно донесениот урбанистички план, туку негова измена од кои причини општината Центар ги повредила законските одредби за одржување на јавна расправа, објавување во две гласила, како и изработка на извештај од спроведената јавна анкета, но ништо од ова не било преземено. Според оцена на Судот изнесените наводи се основани. Имено, постапувајќи по барањето за исправка на техничка грешка општината Центар можела да направи исправка само по однос на сторена техничка грешка во имињата или броевите, пишувањето или сметањето, како и други очигледни неточности во синтезниот приказ како составен дел на Одлуката за ДУП за населба „Буњаковец 1, но под изговор на исправка на техничка грешка Општината, всушност, без спроведување на законска постапка направила измена на планот. Ова произлегува од самиот увод на Заклучокот, според кој се врши корекција на презентацијата на намената на просторот за парцелата 17.11, а од образложението на Заклучокот не може да се утврди по однос на кои податоци се прави исправка на сторената техничка грешка. Исто така, од споредбата на доставените скици за постоечката и корегираната презентација произлегува дека површината на парцелата е намалена за 57,17 м2, бруто развиената површина е зголемена за 197,82 м2, процентот на изграденост е зголемен за 8 %, потребниот број на паркинг места е зголемен за 1, паркинг местата-надземно во парцела се намалени за 3, односно вкупно двата видови на паркинг се намалени за 3, од каде произлегува дека не е направена исправка на грешка, туку суштински измени по однос на парцелата 17.11.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, неосновано е тврдењето на Советот на општината Центар, дадено во одговорот бр.07-2607/4 од 4 декември 2009 година, дека со оспорениот Заклучок не е извршена промена во поставеноста на пристапно-колската патека/пасаж, туку само се направило поставување на две стрелки на спорната патека, со цел да се означи дека е во прашање влез-излез кон парцелата 17.11. Тука треба да се има предвид и околноста што при давањето на одговор на наводите од иницијативата Општината испуштила од предвид дека градоначалникот на општината, во решението бр.08-543/10 од 7 октомври 2009 година (два месеци претходно) за поништување на решението за локациски услови издадено на ВАЈТ ЕД ЦОЛ ДОО-Скопје утврдил дека постојниот пасаж е дислоциран за разлика од предвидениот Деталниот план, како и тоа дека рампата, со која се стигнува до подземниот паркинг е надвор од градежната парцела, и се наоѓа во туѓа сопственост.

Покрај сето наведено треба да се има предвид дека Општината ја увидела сторената „грешка“ и направила „исправка“ на 9 февруари 2009 година, односно по истекот на 4 години по донесување и примената на конкретниот Детален план (18 февруари 2005 година).

Врз основа на анализата на прибавените докази произлегува дека општината Центар со Заклучокот не направила исправка на сторена техничка грешка во синтезниот план како составен дел на Одлуката за Деталниот урбанистички план Буњаковец1, туку всушност направила суштинска измена, измена на Урбанистичкиот план, која морала да биде донесена по постапка пропишана со Законот за донесување на урбанистичките планови, со запазување на сите предвидени фази и преземање на сите предвидени дејствија.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на исправката на Одлуката за донесување на Деталниот план, направена со споменатиот заклучок со членовите 19 до 25 од Законот за просто-рното и урбанистичко планирање, што сега е во сила, како и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи спротивно е на начелото на владеењето на правото, под изговор на исправка на сторена техничка грешка да се врши суштинска промена на претходно уредени и воспоставени односи помеѓу субјектите во правото, односно да се врши изменување на соодветен пропис.

Во однос на барањето да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот акт, Судот оцени дека не се изполнети условите од членот 27 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.203/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски