Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 март 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 40 став 4 во делот „Податоците од посебните планови за стопанисување со шумите можат да се користат со надоместок кој ја пропишува сопственикот, односно корисникот“, став 5 во делот „и висината на надоместок за нивно користење“,член 69 став 13 во дделот „во висина на стварно направените трошоци за нивно издавање“ и 14 во делот „и висината на надоместокот за издадени испратници“,член 97 став 6, став 10 во делот „и доколку му е изречена прекршочна санција забрана за вршење на дејност или професија“ и став 11 во делот „односно по истекот на прекршочна санкција забрана за вршење на дејност или професија од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Републикка Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените членови од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените делови на член 40 ставовите 4 и 5, член 69 ставовите 13 и 14 и член 97 став 6 од Законот, со кои министерот кој раководел со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството бил овластен со акт да ја пропишува висината на надоместокот за користење на податоците од посебните планови за стопанисување со шумите, за издадените испратници и за добивање на лиценца за изведување на стручни работи од областа на шумарството немале уставна основа, затоа што Законот не содржел никакви критериуми кои се тие реални трошоци во управната постапка.
Со даденото законско овластување на министерот да ја утврдува висината на плаќање на надоместоците се отстапувало од принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Покрај тоа даденото овластување не претставувало извршување на одредбите од законот туку истото значело арбитрерност и можност за нееднаков третман кон субјектите. Оттука, според подносителот со оспорените одредби се повредувал член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 91 алинеите 1 и 5 и член 96 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата, со оспорените делови на член 97 ставовите 10 и 11 од Законот, се ограничувало по сила на закон правото на едно лице да ја поседува лиценцата за изведување на стручните работи од областа на шумарството, односно му се ограничувало правото да ја врши својата дејност во случаи кога му била изречена прекршочна санкција, за забрана за вршење на дејност или професија. Во конкретниот случај, станувало збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за прекршок која настапувала по сила на законот, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 40 став 4 од Законот „Податоците од посебните планови за стопа-нисување со шуми можат да се користат со надоместок кој ја пропишува сопственикот односно корисникот“.
Според ставот 5 на овој член: „Постапката, начинот на користењето на податоци и висината на надоместот за нивното користење ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството”
Во оспорениот член 69 став 13 од Законот, е предвидено дека: „За издадените испратници субјектите кои стопанисуваат со шумите и правните лица кои вршат промет на дрво плаќаат надоместок во висина од стварно направените трошоци потребни за нивно издавање”.
Според оспорениот член 69 став 14 од Законот „Видот и начинот на жигосување, начинот на издавање на испратница, пуштање во промет на исечено дрво, формата и содржината на испратниците, формата и содржината на барањето за издавање на испратница и висината на надоместокот за издадени испратници ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работи од областа на шумарството .
Во оспорениот член 97 став 6 од Законот, е предвидено дека: „Висината на надоместокот од ставот (5) на овој член ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството врз основа на реално направените трошоци за нејзино издавање“.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Во согласност со член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено историско и културно значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Според член 1 од Законот за шумите, со овој закон се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледу-вањето, заштитата и користењето (во натамошниот текст: стопани-сување со шумите), чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост. Одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената.
Согласно член 2 на истиот закон, шумите се во државна и во приватна сопственост.
Според член 3 на овој закон, шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и уживаат посебна заштита. Планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште се дејности од јавен интерес.
Согласно член 5 од наведениот закон на постапките утврдени со овој Закон се применуваат одредбите на Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
Според член 28 од Законот, поместен во поднасловот „Плански документи“ планирањето на управувањето и стопанисувањето со шумите и шумското земјиште се остварува преку посебни планови за стопанисување со шумите, програма за стопансиување со шумите и годишни планови, за стопанисувањето со шумите.
Средствата за изработка и рецензија на посебните планови за стопанисување со шумите ги обезбедува сопственикот односно корисникот на шумите (член 29 точка 10).
Согласно член 40 ставовите 1, 2 и 3 од Законот, податоците од планските документи се достапни за целокупната јавност, при што за издавање и користење на податоците од планските документи се наплатува надоместок, освен за податоците кои ги бараат државните органи.
Од анализата на одредбите од членовите 28 и 29 и оспорените делови на членот 40 ставовите 4 и 5 од Законот произлегува дека изработувањето и рецензијата на посебните планови за стопанисување со шумите го финансира сопственикот односно корисникот на шумите. Оттука, ако корисникот односно сопственикот на шумите го финансира изработувањето на посебните планови, а притоа податоците од тие планови согласно Законот се достапни за целокупната јавност, сосема е логично и оправдано сопственикот односно корисникот на шумите за податоците кои ќе ги користи друго лице да бара надоместок чија висина ја пропишува министерот кој раководи со органот, со цел секој потенцијален барател на податоци од плански документи да плаќа единствен надоместок.
Имајќи го предвид наведеното како и фактот што на постапките утврдени со овој закон (член 5) се применува Законот за општата управна постапка односно се применуваат одредбите од членовите 116, 119 и 121 во кои на генерален начин е уредено прашањето на трошоците во управната постапка, односно надоместок за преземените дејствија што во конкретниов случај е давање на податоци од посебните планови, а на барање на заинтересирано лице, Судот оцени дека оспорените делови на член 40 ставовите 4 и 5 од Законот, не можат да бидат доведени под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Во смисла на наведеното, Судот оцени дека не се основани ниту наводите од иницијативата дека оспорениот член 69 ставовите 13 и 14 од Законот во оспорените делови според кои за издадените испратници субјектите кои стопанисуваат со шуми и правните лица кои вршат промет на дрво плаќаат надоместок во висина на стварно направени трошоци потребни за нивно издавање.
Наводите во иницијативата дека оспорениот член 97 став 6 од Законот кој е поместен во делот „Лиценци за извршување на стручни работи во шумарството“ а според кој за добивање на лиценца се плаќа надоместок чија висина ја утврдува министерот, а врз основа на реално направените трошоци во постапката за нејзино издавање, исто така, Судот смета дека не се основани. Ова од причина што надоместокот за добивање на лиценца кој го утврдува министерот е резултат на трошоците за спроведените дејствија во управната постапка за добивање на лиценца.
Судот, понатаму утврди дека според оспорениот член 97 став 10 од Законот „Лиценцата од став (1) на овој член се одзема доколку лицето кое поседува лиценца за изведувач на стручните работи од областа на шумарството ќе престане да ги исполнува условите од ставовите 2 и 3 на овој член и доколку му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на дејност или професија”.
Според оспорениот член 97 став 11 од Законот „Лицата на кои им е одземена лиценцата за изведување на стручни работи од областа на шумарството можат да поднесат барање за издавање на нова лиценца, доколку ги исполнат условите од ставовите 2 и 3 на овој член, односно по истекот на прекршочната санкција забрана за вршење на дејност или професија“.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не било предвидена казна.
Во согласност со член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Во членот 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Во членот 97 од Законот е определено дека за вршење на стручни работи во шумарството правните и физичките лица мора да поседуваат лиценца.
Правното лице за да поседува лиценца треба да е регистрирано во трговскиот регистар при Централниот регистар на Република Македонија за вршење на работи од областа на шумарството, а физичко лице за да поседува лиценца треба да е со високо образование од шумарска насока и да има најмалку две години работно искуство во областа на шумарството.
Наведените субјекти за добивање на лиценца поднесуваат барање до органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството, плаќаат надоместок и истата има важност од пет години со можност за нејзино продолжување.
Во оспорениот став 10 на член 97 од Законот е определено дека лиценцата за вршење на стручни работи во шумарството, покрај другото, се одзема и доколку на лицето му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на дејност или професија, при што лицата на кои им е одземена лиценцата согласно ставот 11 на наведениот член може да поднесат барање за издавање на нова лиценца „по истекот на прекршочната санција за вршење на дејност или професија.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените одредбите наспрема наводите во иницијативата според кои законските решенија за одземање на лиценца за изведување на стручни работи од областа на шумарството и можноста за повторно добивање на лиценца по протекот на времето за кое е изречена санкцијата, настапувале како правна последица од осуда по сила на Законот, а не како индивидуализирана казна што ја изрекува судот во рамките на видови на казни, според Судот се неосновани.
Согласно член 33 став 1 точка 5 од Кривичниот законик, забраната за вршење на професија, дејност или должност е една од казните која може да им се изрече за извршени кривични дела на кривично одговорните сторители. При тоа, во ставот 6 на овој член е утврдено дека казната забрана на вршење на професија, дејност или должност може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор или со условна осуда со која е утврдена казна затвор. Согласно член 38-б од овој законик, судот може на сторителот на кој му изрекол казна затвор или условна осуда со која е утврдена казна затвор да му забрани вршење определена професија или дејност, на должности или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршување на кривично дело и ако врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело. Судот го определува траењето на забраната, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во времето на нејзиното траење.
Согласно член 13 точка 5 од Законот за прекршоците, забраната на вршење професија, дејност или должност претставува санкција која може да се изрече за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители. Според член 22 од овој закон, на сторителот на прекршокот може да му се забрани вршење определена професија, дејност или должност или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршување на прекршок и ако врз основа на природата на прекршокот и околностите под кои е сторен може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење на прекршок. Траењето на забраната го определува судот, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката.
Со оглед на тоа што во Кривичниот законик и во Законот за прекршоците е утврдено во кои случаи судот може да ја изрече казната забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и времетраењето на оваа забрана, Судот оцени дека одземањето на лиценца и можноста за повторно добивање поради изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, претставува последица на индивидуализирана казна изречена од суд, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението по однос на оспорените делови од членот 97 ставовите 10 и 11 од Законот Судот го донесе со мнозинство гласови.
У.бр.135/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски