226/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1, во делот

2. Политичките партии Народно движење за Македонија и ВМРО-Демократска партија двете со седиште во Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба политичките партии се ставале во нееднаква правна положба при распределбата на предвидените финансиски средства од Буџетот за нивно финансирање, а при постоење на исти услови за нивно основање и дејствување. На тој начин, всушност се нарушувал принципот на еднаквост и рамноправност со што се попречувало остварувањето на демократскиот карактер на политичката партија во еден од суштинските аспекти на рамноправно дејствување.

Подносителите на иницијативата, исто така, сметаат дека со оспорената законска одредба се вршело ограничување на слободата на политичкото дејствување под еднакви услови, а во случаи кога станува збор за јавни избори за финансирање на политичките партии.

Од наведените причини, во иницијативата се предлага да се укине оспорената законска одредба поради нејзина несогласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 5 и член 20 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 10 став 1 од Законот за финансирање на политичките партии средствата за финансирање на политичките партии во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се расоредуваат подеднакво на парламентарните и вонпарламентарните политички партии, односно на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од гласовите на излезените граѓани на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, на ниво на целата Република, односно на последните локални избори во единицата на локалната самоуправа.

4. Владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот.

Во рамките на граѓанските и политичките слободи и права утврдени во Уставот е и членот 20 според кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на гграѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Слободата на здружувањето е едно од основните права на граѓаните гарантирани со Уставот.

Гарантирајќи ја слободата на здружувањето Уставот во членот 20 став 1 го определил и целите на ова здружување, кои можат да бидат за остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и другите права и уверувања на граѓаните.

Начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на политичките партии како одвоени облици на здружување се уредени со посебни закони.

Со Законот за финансирање на политичките партии се уредува начинот и постапката за обезбедување на финансиските средства, располагање со средствата за тековната работа и дејствување на политичките партии, како и начинот на контрола на финансирањето и финансиското материјално работење на политичките партии (член 1).

Според членот 7 од истиот закон, политичките партии се финансираат од јавни и приватни извори на финансирање.

Јавните извори за финансирање на политичките партии се финансиски средства предвидени во Буџетот на Република Македонија и буџетите на општините и градот Скопје – единиците на локалната самоуправа (член 8).

Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се во висина од 0,06% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија (член 9).

Според член 10 од наведениот закон средствата за финансирање на политичките партии во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат подеднакво на парламентарните и вонпарламентарните политички партии, односно на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од гласовите на излезените граѓани на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија на ниво на целата Република, односно на последните локални избори во единицата на локалната самоуправа.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби како и од целината на Законот, јасно произлегува дека правото на финансирање на политичките партии, како и висината на средствата што согласно овој закон и припаѓаат на партијата која ги исполнува законските услови, е право кое го утврдува Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт.

Финансирањето на политичките партии и утврдувањето на висината на средствата кои се издвојуваат од јавните извори на финансирање на политичките партии, според Судот, не ја загрозува уставната гаранција на слободата на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на нивните политички права и уверувања, како што се тврди во иницијативата. Ова од причина што оспорениот определен процент на гласови на излезени граѓани се доделува по завршување на определен циклус на избори, со што не се попречува политичкото здружување и дејствување, бидејќи на политичките партии им е допуштена целосна нивна активност и дејствување во изборниот процес. Токму и ваквата законска одредба е во насока на исполнување на целите на Законот за финансирање на политичките партии, а во зависност од условите кои се определени во Законот и со динамика која не го доведува во прашање финансирањето на политичките партии.

Предвидувањето на средствата за финансирање на политичките партии, како и начинот на нивното распоредување, а кои средства се дел од Буџетот на Република Македонија, е право на законодавецот кој со овој закон ги регулира начинот и постапката на обезбедувањето на финансиските средства, како и начинот и постапката за располагањето со средствата за тековната работа, но истовремено и начинот на контрола на финансирањето на политичките партии.

Тргнувајќи од наведеното,, определувањето на условот политичките партии кои освоиле најмалку 1% од гласовите на излезените граѓани на последните избори, во оспорената законска одредба, не значи ставање во нееднаква положба на политичките партии при распределбата на предвидените финансиски средства од Буџетот на Република Македонија, бидејќи истите немаат исти обврски и ваквиот услов е со цел зајакнување на повеќепартискиот систем, односно политичкиот плурализам во Република Македонија. Право е на законодавецот да го определи исполнувањето на условот за распоредување на финансиските средства од јавните извори, односно од Буџетот на Република Македонија и буџетот на единиците на локалната самоуправа.

Тргнувајќи од изнесеното, ваквиот услов не значи повреда на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободни, непосредни демократски избори, согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот.

Наведениот услов, исто така, законодавецот го утврдува врз основа на освоени гласови од конечни извештаи на соодветни изборни органи и сите политички партии што го исполнуваат тој услов имаат еднаков пристап до финансиските средства од јавните извори, односно Буџетот на Република Македонија или буџетот на единицата на локалната самоуправа, кое според Судот е во согласност со член 20 од Уставот според кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Од извршената компаративна анализа Судот, исто така, утврди дека во повеќе европски земји е даден ваков услов како што е содржан во оспорениот дел на членот 10 став 1 од Законот за финансирање на политичките партии.

Според Судот, предвидениот услов во оспорената законска одредба, всушност е рационален и истовремено пропорционален критериум во решавањето на прашањето за финансирање на политичките партии од јавните извори, односно средства кои се дел од Буџетот на Република Македонија, со оглед на тоа што се врзува за релевантноста на политичките партии, во согласност со изборните резултати.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.226/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски