Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 6-а од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија” број 4/2005, 13/2007, 165/2008 и 146/2009).
2. Александра Чаминска, стручен соработник во Адвокатското друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со членот 6-а од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, се ограничувало правото за стекнување на сопственост на градежното изградено земјиште, за етажните сопственици, корисници на тоа земјиште. На тој начин, директно се повредувала уставно-правната и граѓанско-правната заштита на сопственоста со што се нарушувала една од темелните вредности утврдени во член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија, како и ставот 3 од членот 30 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 6-а од Законот, се определува дека предмет на приватизација не може да биде градежното изградено земјиште на кое се изградени станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови кои се во сопственост на различни физички или правни лица (етажна сопственост).
Судот, исто така, утврди дека со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија”, број 146/2009), оспорениот член 6-а е бришан.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
По поднесувањето на иницијативата (2-ри април 2009 година), Собранието на Република Македонија на одржаната седница на 3 декември 2009 година, го донело Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија”, број 146/2009), со кој сега оспорениот член 6-а е бришан.
5. Со оглед на тоа дека со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, односно со членот 4 од истиот закон, оспорениот член 6-а е избришан и со тоа престанал да постои во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека во конкретниот случај, се исполнети процесните претпоставки од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд и одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 79/2009
24 февруари 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски