Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 февруари 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на
а) Тарифниот систем за продажба на електрична енергија („Службен весник на СРМ“ бр.45/1982, 15/1985, 22/1988, 29/1989, 47/1989 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.28/1992 и 24/1999), и
б) Условите за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2001).
2. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесената иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.120/2009 од 11 ноември 2009 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на оспорените акти со Уставот и со Законот за енергетика.
.
По поведувањето на постапката,односно на 2 февруари 2010 година,Светлана Томо Кузманова од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Тарифниот систем означен во точката 1 а од ова решение.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Тарифен систем за продажба на електрична енергија („Службен весник на СРМ“ бр.45/1982) бил донесен врз основа на членовите 11 и 31 од Самоуправната спогодба за здружување во Самоуправна интересна заедница за енергетика, од страна на Собранието на СИЗ за енергетика, а на предлог на извршниот одбор на СИЗ.
Со овој тарифен систем се утврдувале основните тарифни елементи за пресметување на електричната енергија што електростопанските организации на здружен труд (испорачатели) им ја испорачуват на потрошувачите на електрична енергија (потрошувачи) како и начинот на пресметување на тие елементи (член 1).
Потрошувачите на електрична енергија спрема местото на испораката се делат на: потрошувачи на висок напон и потрошувачи на низок напон (член 2). Според напонот на електрична енергија на местото на предавање, во Тарифниот систем постојат Тарифа за висок напон и Тарифа за низок напон (член 9).
Во членовите од 16 до 23 од Тарифниот систем се уредуваат прашањето на тарифата за висок напон, а во членовите од 24 до 39 од Тарифниот систем е уредено прашањето за тарифата на низок напон.
Понатаму во член 3 од Тарифниот систем е определено дека потрошувачите на електрична енергија на испорачателот на електрична енергија му плаќаат основен придонес за пресметковната моќ, за преземена работна енергија и прекумерно преземена реактивна енергија.
Во членовите 4, 5, 6, 7, 8 од Тарифниот систем се уредени прашањата кои се однесуваат на тоа како се утврдуваат и плаќаат придонесите за пресметковната моќ, преземањето работна енергија и прекумерна преземена реактивна енергија.
Во членот 14 од Тарифниот систем е определено дека тарифните ставови според сезоната се делат на повисоки сезонски ставови кои се пресметуваат од 1 октомври до 31 март и пониски сезонски ставови кои се пресметуваат од 1 април до 30 септември и нивниот однос е 1,5 : 1.
Според времето на денот тарифните ставови се делат на поголеми дневни тарифни ставови (ВТ) и помали дневни ставови (НТ) (или т.н. зимска и летна ефтина како и скапа тарифа и викенд тарифа) (член 15).
Во членот 15-а е утврдено дека при утврдувањето на тарифните ставови учеството на моќноста во вкупната вредност на електричната енергија изнесува 50% на висок напон и 25% на низок напон, а под вкупна вредност на електрична енергија се подразбира вредноста на моќноста, активната и прекумерна преземена реактивна енергија.
Во членот 30 од Тарифниот систем е предвидено дека „По исклучок од определбите утврдени со член 15-а од Тарифниот систем, основниот придонес за пресметковна моќ на потрошувачи од категоријата „домаќинства“ учеството во вкупната цена на електрична енергија е 25%, а се пресметува на таков начин што вредноста на преземената активна енергија (КВТч) се зголемува за 33,33% кај секој потрошувач.
Врз основа на член 40 став 2 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997) и член 46 став 3 од Законот за Влада на Република Македонија, Владата на Република Македонија на 20 април 1999 година донела Тарифен систем за изменување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија.
Со наведената измена по член 30 се додава нов член 30-а во кој е предвидено дека „по ислучок од определбите утврдени со член 15-а од Тарифниот систем, основниот придонес за пресметковна моќност на корисниците од категоријата „останата потрошувачка“ на низок напон 04 КV – II Тарифен систем учествува во вкупната вредност на електрична енергија со 25%, а се пресметува на таков начин што вредноста на преземената активна енергија (KWh) се зголемува за 33,33% кај секој корисник.
4. Судот, понатаму, утврди дека врз основа на член 37 став 3 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997 и 98/2000) Владата на Република Македонија на 23 јануари 2001 година донела Услови за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2001).
Со наведените услови се пропишувало дека снабдувањето на електрична енергија се врши во согласност со решението за електроенергетска согласност и склучениот договор за снабдување со електрична енергија (член 1).
Во членот 7 ставовите 2 и 3 од Условите е определено што се смета како место на мерење на електричната енергија, а во член 8, пак, се утврдени елементите на договорот за снабдување со електричина енергија помеѓу продавачот и купувачот на електрична енергија. Понатаму во наведените Услови се утврдени правата и обврските на продавачот и корисникот на електрична енергија, а кои се однесуваат на можноста од раскинување на договорот за снабдување со електрична енергија и склучување на нов договор, за пресметување на преземената електрична енергија на отчитување на мерните уреди, за право на присуство на отчитувањето на мерните уреди на купувачот; за пресметка и наплата на испорачана електрична енергија по пресметковни периоди; за обврски на купувачот да ја плати сметката; за право на купувачот на поврат на средства за повеќе платен износ; за право на продавачот да ја прекине испораката на електрична енергија ако купувачот не ја плати сметката, за начин на пресметување на неовластено преземање на електрична енергија или моќта и друго.
5. Судот, исто така утврди дека по поведување на постапката за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти тие престанале да важат.
Имено, согласно член 23 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на 30 декември 2009 година донела Правилник за условите за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2009) со кој согласно член 74 престанале да важат „Услови за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2001).
Понатаму, согласно членот 19 алинеја 6 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на 27 јануари 2010 година, донела Тарифен систем за електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија”) со кој согласно член 33 со денот на отпочнување на примената на овој Тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за продажба на електрична енергија („Службен весник на СРМ“ бр.45/1982, 15/1985, 22/1988, 29/1989, 47/1989 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.28/1992 и 24/1999).
6. Поаѓајќи од погоре наведеното, од кое недвосмислено произлегува дека оспорените акти престанале да важат, односно тие не се во правниот поредок, а притоа нема основи за оценување на нивната уставност односно законитост во време на нивното важење, Судот утврди дека се исполнети условите од членот 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.120/2009
17 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски