66/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 точка 2 од Законот за народниот правобранител („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003 и 114/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба овозможувала разрешување од функција народен правобранител и во случаи кога лицето кое ја врши таа функција стори кривично дело кое не е во врска со вршењето на таа функција, поради што таквата одредба била непрецизна, нејасна, не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, ниту владеење на правото. Покрај тоа, одредбата не определувала дека осудата мора да биде со правосилна судска одлука како што определувал членот 13 став 1 од Уставот, па поради сето тоа оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во член 9 точка 2 од Законот се определува дека народниот правобранител се разрешува ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

4. Согласно членот 8 став 1 алиените 3 и 4 од Уставот,
темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според Амандман XI на Уставот на Република Македонија, Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (точка 1). Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација, соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби (точка 2).

Според член 77 став 4 од Уставот, условите на избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон.

Врз основа на оваа одредба од Уставот, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за народен правобранител („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003 и 114/2009).

Членот 9 од Законот ги определува ситуациите кога се разрешува народниот правобранител (точка 1 – ако сам го побара тоа; точка 3 – ако трајно ја изгуби психофизичката способност; точка 4 – ако ги исполнува условите за старосна пензија; точка 5 – ако нестручно, пристрасно и несовесно ја врши функцијата).

Според оспорената точка 2 од член 9 на Законот, народниот правобранител се разрешува ако биде осуден за кривично дело на казна затвор од најмалку шест месеци.

Од анализата на оспорената законска одредба јасно произлегува дека во конкретниот случај не може да стане збор за повреда на принципот на презумпција на невиност од член 13 став 1 на Уставот, ниту за повреда на начелото на законитост во казнените права изразени преку забрана за казнување утврдено во член 14 став 1 од Уставот. Оспорената одредба од членот 9 се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата народен правобранител и на кого функцијата му престанува поради негово осудување со ефективна казна затвор во периодот додека ја врши функцијата. Осуденоста е објективна пречка за фактичко извршување на функцијата поради издржувањето на казната затвор и го нарушува ефективното извршување на оваа важна функција за заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Тргнувајќи од наведеното,, Судот оцени дека членот 9 точка 2 од означениот закон не е непрецизна и нејасна одредба, не создава правна несигурност и не го повредува владеењето на правото, туку обратно, поради што не го постави прашањето за неговата несогласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.66/2009
17 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски