209/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 алинеја 3 од Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска
одредба, според која член на Управниот одбор на Агенцијата се разрешувал ако е осуден за извршено кривично дело со правосилна судска пресуда со која е изречена казна затвор во траење од најмалку шест месеца, се ограничувале правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапувала по сила на закон, а не како индивидуализација на казната што ја изрекувал судот, со што се повредувале одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 51 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот.

При одлучувањето по иницијативата, подносителот предлага Уставниот суд да ја има предвид својата Одлука по предметот У. бр. 126/2006, со која бил укинат член 25 став 2 и член 32 став 2 алинеја 4 во делот: „ е осуден за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца“ од Законот за радиодифузна дејност.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 алинеја 3 од Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, член на Управниот одбор се разрешува ако е осуден за извршено кривично дело со правосилна судска пресуда со која е изречена казна затвор во траење од најмалку шест месеца.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, се основа Агенција за промоција и поддршка на туризмот и се уредуваат нејзините надлежности, организација и работење (член 1).

Според член 2 на овој закон, Агенцијата има својство на правно лице со седиште во Скопје.

Согласно член 6 од Законот, средствата за основање на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а средствата за вршење на работите на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, врз основа на претходно донесена програма, од донации и од други извори согласно закон.

Според член 8 од Законот, органи на Агенцијата се Управниот одбор и директорот.

Според член 9 од истиот закон, со Агенцијата управува Управниот одбор на Агенцијата кој се состои од седум члена. Членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија. За членови на Управниот одбор се именуваат еден член на предлог на министерот за економија, еден член на стопанските комори ( по принцип на ротирање на регистрираните стопански комори во Република Македонија), еден член на предлог на министерот за транспорт и врски и четири члена на предлог на Владата. Мандатот на членовите на Управниот одбор трае четири години со право на повторен избор.

Во член 11 од Законот се утврдени случаите кога се разрешува член на Управниот одбор. Така, во алинеја 3 од овој член, се пропишува дека член на Управниот одбор се разрешува ако е осуден за извршено кривично дело со правосилна судска пресуда со која е изречена казна затвор во траење од најмалку шест месеца.

Наводите во иницијативата, според кои, ваквото законско решение за разрешување на член на Управниот одбор, настанувало како правна последица од осуда по сила на закон, а не како индивидуализирана казна што ја изрекува суд, со што се доведувала во прашање неговата уставност, Судот ги оцени како неосновани. Според Судот, во случајот на законското решение според кое функцијата на член на Управниот одбор на Агенцијата ќе му престане ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на казна затвор од најмалку шест месеци, не станува збор за правна последица од осуда по сила на закон, како што се наведува во иницијативата, туку последицата е резултат на казната што ја изрекол судот, која казна по својата природа не дозволува истовремено вршителот на јавната функција да ја издржува казната и да биде присутен и да ја врши функцијата. Ваквото решение предвидено во Законот е во согласност и со Законот за работни односи, каде во член 99 законодавецот пропишал дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или поради издржување на затворска казна ќе мора да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.

Токму како последица на изречена правосилна судска пресуда на казна затвор од најмалку шест месеци, произлегува дека вршителот на јавната функција – член на Управниот одбор на Агенцијата нема да биде во состојба да ја врши функцијата, бидејќи ќе биде физички отсутен и спречен да ја врши функцијата за која е именуван, што е класичен основ за престанок на вработувањето или во конкретниот случај, на вршењето на јавната функција, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.
Судот оцени дека е несоодветен предлогот на подносителот на иницијативата, при одлучувањето по оваа иницијатива, Судот да ја има предвид својата Одлука по предметот У. бр. 126/2006, со која бил укинат член 25 став 2 и член 32 став 2 алинеја 4 во делот: „ е осуден за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца“ од Законот за радиодифузна дејност. Ова затоа што во цитираната одлука Судот утврдил дека поаѓајќи од содржината на оспорената законска норма според која член на Советот ќе биде разрешен и пред истекот на мандатот за кој е избран односно ќе биде разрешен ако е осуден за кривично дело за кое што е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца, станува збор за ограничување на можноста членот на Советот да продолжи да ја врши функцијата и тоа не како последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, туку како дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваност, а која настапува по сила на Законот, а не како индивидуализација на казната што ја изрекува судот, затоа што во Кривичниот законик се утврдени повеќе од 300 кривични дела за кое е предвидена казна затвор над шест месеци, при што судот при утврдување на вината на сторителот за стореното кривично дело за кое е предвидена наведената казна применувајќи ги институтите одмерување на казната, ублажување на казната и условна осуда не секогаш ја изрекува казната затвор над шест месеци.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 11 алинеја 3 од Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 51 и член 54 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.209/2009
17 февруари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски