Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 февруари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 46 став 3 во делот: „под услови и на начин утврдени со закон“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009 и 130/2009).
3. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на членот 31 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
4. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот став 3 на членот 46 од Законот, било уредено дека работниот однос заснован со договор за вработување на определено време можел да се трансформира во работен однос на неопределено време ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од пет години под услови и на начин утврдени со закон. Делот од оваа одредба „под услови и на начин утврдени со закон“ бил нејасен, непотполн, збунувачки и неразбирлив бидејќи не определувал со кои други закони ќе требало да се утврдуваат условите и начинот за трансформирање на работниот однос од определено на неопределено време. Од овие причини оспорениот дел од членот 46 став 3 од Законот не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 32 и членот 51 од Уставот.
Оспорениот член 31 од измените на Законот предвидувал дека рокот од членот 46 се сметал кај договори склучени по влегувањето во сила на овој закон, а тоа значело по 5 септември 2008 година, а не пред донесувањето на измените на законот, за работните односи на определено време кои настанале претходно. Ваквото законско решение било во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 9, членот 32, членот 51 и членот 54 ставовите 1 и 2. Ова поради тоа што ги доведувало во прашање легитимните очекувања на сите работници кои биле во работен однос на определено време да имаат право на трансформација во работен однос на неопределено време и еднакво да важи и за затекнатите односи настанати пред 5 септември 2008 година и за односите настанати по овој датум.
5. Судот на седницата утврди дека според членот 46 став 1 од Законот за работните односи, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години.
Според ставот 2 од овој член од Законот, договор за вработување на определено време за замена на привремено отсутен работник може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник.
Според ставот 3 од овој член од Законот, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продлжи да работи по истекот на рокот од ставот 1 на овој член, под услови и на начин утврдени со закон.
Со членот 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е предвидено дека рокот од членот 46 се смета кај договори склучени по влегувањето во сила на овој закон.
6. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009 и 130/2009) во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување.
Законодавецот уште со донесувањето на Законот во 2005 година го предвидел (со членот 46) правото на вработување на определено време со прекин или без прекин до четири години и правото, овој договорен однос да се трансформира во вработување на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од четири години, под услови и на начин утврдени со закон.
Со измените и дополнувањата на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008 кој бил објавен на 27 август 2008 година кои влегле во сила на 5 септември 2008 година, членот 46 е изменет со погоренаведената содржина и како преодна одредба во истите измени на Законот е членот 31 кој утврдил дека рокот од членот 46 се смета кај договори склучени по влегувањето во сила на овој закон.
Според Судот, од анализата на наведените законски одредби произлегува дека уште со донесувањето на Законот за работните односи во 2005 година до неговите измени во Законот кој стапи на сила на 5 септември 2008 година, било регулирано правото на вработување на определено време, како и правото на негова трансформација во вработување на неопределено време, доколку истекол временски период од четири години на временото вработување и врз основа на овој законски основ се реализирала трансформацијата на работните односи.
Со законското решение во измените на Законот, влезени во сила од 5 септември 2008 година, исто така со членот 46, се предвидени и понатаму правото на вработување на определено време и правото на трансформација во неопределено време, меѓутоа е утврдено дека договорот за вработување можел да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години и овој работен однос се трансформирал во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжел да работи и по истекот на петте години, под услови и начин утврдени со закон.
Од изнесеното произлегува дека после 5 септември 2008 година договорите за работни односи на определено време можат да се трансформираат во работни односи на неопределено време само по истекот на петте години што е услов за тоа, меѓутоа овој рок се врзува единствено за договори склучени по 5 септември 2008 година.
Неспорно е дека законскиот основ за правото на трансформација повторно е утврден и во изменетиот член 46 од Законот за работни односи. Меѓутоа, ова право со измените на Законот е резервирано само за идните договорни односи кои ќе настануваат по 5 септември 2008 година, бидејќи тоа е децидно уредено со преодната законска одредба од членот 31 според која: „рокот од членот 46 се смета кај договори склучени по влегувањето во сила на овој закон“.
Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека од 5 септември 2008 година е изменет членот 46 со кој се уредува правото на вработување на определено време и негова трансформација во вработување на неопределено време, но ова е поврзано со членот 31 од преодните одредби на измените на Законот со кој за да се оствари правото од членот 46 треба да постојат договори склучени по влегувањето во сила на овој закон, а со тоа правото е резервирано само за идните договорни односи склучени по 5 септември 2008 година.
Со преодната законска одредба од членот 31 од Законот не се дозволува правото на трансформација да се протега на започнатите работни односи договорени пред 5 септември 2008 година, за кои петте години ќе навршат после донесувањето на измените на Законот, односно правото на трансформација повеќе не важи за старите договори со кои работниот однос на определено време започнал да тече пред измените на Законот. Со ова се елиминира еден дел на работници да можат да го користат правото на трансформација на работниот однос од определено на неопределено време.
Од анализата на наведените одредби од Законот за работните односи Судот оцени дека правото утврдено во членот 46 од Законот за работни односи еднакво се однесува на работниците со ист статус. Статусот на договорен работен однос на определено време да може да се трансформира во работен однос на неопределено време е право утврдено во членот 46 од Законот кој ги опфаќа еднакво сите под исти услови, имајќи притоа во предвид дека ист статус на договорен работен однос на определено време имаат и оние вработени кои склучиле договор пред и оние по 5 септември 2008 година. Статусот на вработен на определено време не е различен од оној кој е стекнат со договор пред или по 5 септември 2008 година, па оттука и не може тој да се разликува, во поглед на остварувањето на правото на трансформација уредено со членот 46 од Законот, туку вработените со овој статус треба еднакво да се третираат. Бидејќи оспорениот член 31 од Законот тоа го попречува, пред Судот се постави прашањето на неговата уставност, од аспект на согласноста на оваа одредба од Законот со погоренаведените норми од Уставот.
7. Во однос на, за оспорениот дел од членот 46 став 3 од Законот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста со Уставот бидејќи регулира едно право од работен однос за кое не постојат уставни пречки за пропишување на начин како што е тоа регулирано, а истовремено одредбата упатува само со закон да бидат утврдени условите и начинот под кои може да се врши трансформацијата на работниот однос по истекот на петте години, што значи и вклучително според одредбите од Законот за работни односи ќе треба да се склучи новиот договорен однос на работникот и работодавачот и само во законски рамки може да се врши трансформацијата која не може да биде препуштена да се уредува само со актите на работодавачите надвор од правата и интересите на работниците кои се уредени и заштитени со законите во правниот поредок.
Тргнувајќи од наведеното оспореното законско решение во членот 46 од Законот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот.
8. Со оглед на тоа што од изнесената уставносудска анализа Судот изрази сомневање за согласноста на оспорениот член 31 од Законот со Уставот, воедно оцени и дека согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија се настапени услови за времена мерка односно за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.176/2009
17 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски