Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 февруари 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 47 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од член 47 на Законот се определувале различни услови за запишување на децата во прво одделение така што едни деца, кои до крајот на календарската година полнеле шест години, се запишувале на шест години, други деца, кои до 31 јануари наредната година ќе наполнат шест години, се запишувале на пет години и седум месеци ако тоа претходно го побара родителот и ако се добие мислење од педагогот или психологот во училиштето, а трети деца се запишувале после седум години возраст ако тоа го побара родителот и ако здравствената установа утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште. Таквите законски одредби овозможувале злоупотреби од страна на родителите, педагозите или психолозите и здравствените установи, како и создавале нееднаквост меѓу децата и нивните родители односно меѓу граѓаните, поради што не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членовите 9 и 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во член 47 став 1 од Законот се определува дека: „Во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години“.
Ставот 2 од истиот член на Законот предвидува дека: „По исклучок од ставот 1 на овој член, детето може да се запише во прво одделение, доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето“.
Според став 3 од истиот член на Законот запишувањето на детето, на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеење на правото.
Според член 9 од Уставот „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (став 1); „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).
Според член 51 од Уставот „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1); „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е, покрај другото, владеењето на правото, дека таа вредност се обезбедува преку усогласеноста на законите со Уставот и на сите други прописи со Уставот и со законите и преку обврската на секој да ги почитува Уставот и законите, потоа дека Уставот и законите мораат да се еднакви за граѓаните и дека меѓу граѓаните не може да се прави разлика што се однесува на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Со оглед дека со член 47 став 1 од Законот се определува општо правило: во прво одделение да мора да се запише дете кое ќе наполни шест години до крајот на календарската година и дека со ставовите 2 и 3 од истиот член на Законот се определуваат исклучоци од општото правило: во прво одделение да може да се запише и дете кое до 31 јануари наредната година ќе наполни шест години и според пропишана постапка, на претходно барање на родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето (став 2) односно запишувањето да може да се одложи една година ако детето не е подготвено да оди на училиште што се утврдува во пропишана постапка, на барање на родителот и од здравствена установа (став 3), што значи дека законодавецот исклучоците временски ги ограничил и ги засновал на стручна и објективизирана оцена, Судот оцени дека таквите законски одредби не ја доведуваат во прашање уставната определба за владеењето на правото, ниту се во несогласност со Уставот, а не создаваат ни нееднаквост со оглед дека сепак постојат специфичности во развојот на децата. Поради тоа, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 47 ставовите 1, 2 и 3 од Законот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.145/2009
11 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски