У.бр.84/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 февруари 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека на лицето Џавид Рушани од село Зајас, му е повредено правото на политичко дејствување, со неприфаќање на неговата кандидатура за градоначалник на Општина Зајас на локалните избори одржани во март 2009 година.

2. СЕ ПОНИШТУВА конечното и правосилното Решение бр.01-31/2 од 6 февруари 2008 година, донесено од Општинската изборна комисија – Зајас.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Џавид Рушани од село Зајас, Кичево, преку адвокатската канцеларија на Драган П. Гоџо и Александар П. Гоџо од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на правото на политичко здружување и дејствување, повредено со водење на казнена евиденција која не смеела да постои (неажурност), односно неиздавање на уверение на подносителот за тоа дека осудата е бришана, со Решение бр. 01-31/2 од 06.02.2009 година на Општинската изборна комисија во Зајас, како и Решение на Управен суд УРП. бр. 122/2009 од 06.02.2009 година и со недонесување на правен акт – решение од страна на Општинската изборна комисија – Зајас по поднесено барање на решение.

Според наводите во барањето, надлежните органи (Судот и МВР) требало казнената евиденција да ја ажурираат на време, согласно правните последици кои произлегувале од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2002), затоа што, по влегувањето во сила на овој закон, против подносителот на барањето била запрена кривичната постапка под К. бр. 1149/01 пред Основниот суд Скопје 1 Скопје. Ваквата правна последица требало да биде избришана од казнената евиденција ex officio, а кандидатурата на подносителот да се прифати. Подносителот наведува дека за идентичен случај (постоење казнена евиденција), Управниот суд донел пресуда со која првично одбиената кандидатура на Руфи Османи за градоначалник на Гостивар е прифатена, од идентични причини како во конкретниот случај со подносителот.

Со донесувањето на оспорените решенија од страна на Општинската изборна комисија – Зајас и Управниот суд, повредено му било правото на политичко дејствување на подносителот. Ова затоа што со Решението донесено од Општинската изборна комисија – Зајас, со кое му била одбиена кандидатурата, подносителот практично не бил во можност да влијае на државните органи ажурно да постапуваат и неоправданото постоење на казнената едвиденција да го корегираат. Со Решението на Управниот суд, кое било отфрлено затоа што тужбата била поднесена од неовластено лице, на подносителот му бил оневозможен пристап до суд, а за тоа немало причини во законот.

По дополнителното доставување на комплетните докази кон кандидатурата, Општинската изборна комисија – Зајас одбила да му издаде решение на подносителот и усно го известила дека нема да му биде прифатена кандидатурата, ниту поднесокот ќе биде земен во предвид. Со тоа, на подносителот му било ускратено правото гарантирано со член 24 од Уставот, според кое, секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.Имајќи ја предвид итноста на процедурите кои се предвидени во Изборниот законик, Општинската изборна комисија – Зајас морала писмено да го извести подносителот за правната судбина на поднесокот со кој подносителот извршил дополнување на кандидатурата. Со недонесувањето на правен акт по барањето на подносителот, Општинската изборна комисија – Зајас го повредила правото на политичко дејствување на подносителот, бидејќи Управниот суд подоцна самиот се произнел дека не може да постапува и ја отфрла тужбата на подносителот како недозволена, поради отсуство на правен акт – решение на Општинската изборна комисија – Зајас по барање на подносителот.

5. Врз основа на одржаната јавна расправа на 22 октомври 2009 година, како и од доставената документација по предметот, Судот на седницата утврди дека Општинската изборна комисија – Зајас, врз основа на член 67 став 4 од Изборниот законик, донела Решение бр. 01-31/2 од 06.02.2009 година, со кое Листата на кандидат за Градоначалник на Општина Зајас поднесена од подносителот Бегзат Усеини, се отфрла. Според образложението на Решението, предложениот кандидат за градоначалник на Општина Зајас, Џавид Рушани, видно од дописот бр. 11-258/3 од 04.02.2009 година од Државната изборна комисија за извршени проверки во Министерството за внатрешни работи во казнената евиденција, не ги исполнувал условите за избор утврдени во член 7 став 2 алинеја 4 од Изборниот законик.

Незадоволен од Решението, кандидатот за градоначалник, Џавид Рушани, поднел тужба до Управниот суд, преку полномошник Драган Георгиев, адвокат од Скопје, наведувајќи дека не се точни наводите во Решението дека именуваниот не ги исполнувал условите од член 7 став 2 алинеја 4 од Изборниот законик, затоа што видно од Уверението К.Р. бр. 222/09 од 06.02.2009 година издадено од Основниот суд Кичево и известието од ПС Кичево бр. 28.12.1/84 од 06.02.2009 година, тужителот не бил осудуван, ниту пак против истиот имало подигнато обвинителен акт. Поради тоа, се предлага Управниот суд да ја уважи тужбата, нападнатото решение да го укине и да се прифати кандидатурата на Џавид Рушани за градоначалник на Општина Зајас.

Управниот суд, решавајќи по наведената тужба, на 06.02.2009 година донел Решение УРП бр. 122/2009, со кое тужбата на тужителот Џавид Рушани од с. Зајас, против Решението на општинската Изборна комисија Зајас, бр. 01-31/2 од 06.02.2009 година, се отфрла. Според образложението на Решението, Управниот суд, по спроведениот увид во целокупниот доказен материјал врз основа на кој е донесено решението против кое е поднесена тужбата, оценил дека правилно одлучила општинската изборна комисија Зајас кога со утуженото решение листата на кандидатот за градоначалник на Општина Зајас поднесена од подносителот Бегзат Усеини ја отфрлила. Понатаму, се наведува дека тужбата не била поднесена од овластениот претставник на листата за кандидат за градоначалник, туку била поднесена од страна на самиот кандидат за градоначалник, преку полномошник адвокат Драган Георгиев од Скопје, кој според законските одредби не бил овластен да поднесува тужба, па со оглед дека тужбата била поднесена од неовластено лице, Судот ја отфрлил во смисла на член 60 став 1 од Изборниот законик.

Кандидатот за градоначалник, на 07.02.2009 година поднел ургенција до Државната изборна комисија (примена во ДИК на 07.02.2009 година, под бр. 11-258/4) во која бара, случајот на одбивањето на неговата кандидатура за градоначалник на Општина Зајас, да се анализира со примена на законските одредби од Кривичниот законик (КЗ) на Република Македонија, содржината на писмото испратено од МВР за неговата осуденост и основот за бришење од казнената евиденција со примена на одредбите од член 104 од КЗ на Република Македонија и да се донесе законита одлука. Дополнително, на 12.02.2009 година, до Државната изборна комисија и до Општинската изборна комисија – Зајас, како доказ дека нема законска пречка за прифаќање на кандидатурата, доставени се Решение на Апелациониот суд Скопје, КС бр. 80/03 од 12.03.2003 година и уверение од казнена евиденција.

Подносителот на листата Бегзат Усеини и кандидатот за градоначалник Џавид Рушани, на 15.02.2009 година до Општинската изборна комисија Зајас и до Државната изборна комисија Скопје доставиле акт – барање на решение, во кој наведуваат дека на 12.02.2009 година, во 11:50 часот, пред Општинската изборна комисија Зајас ја предале комплетната документација за кандидатура за градоначалник на Општина Зајас, која ги содржи сите потребни списи и докази согласно Изборниот законик и актите на Државната изборна комисија, а дека истата кандидатура е предадена во Државната изборна комисија во 14:05 часот. Наведуваат дека усно биле известени од страна на членовите на Општинската изборна комисија Зајас дека кандидатурата е одбиена, поради постоење на претходно наведеното решение на Управниот суд. До денот на поднесувањето на ова барање, не добиле одговор по доставената кандидатура, на што сметаат дека имаат право, поради што молат Општинската изборна комисија Зајас, но и Државната изборна комисија, писмено да се произнесат во законски предвидените рокови предвидени во Изборниот законик и за тоа писмено да ги известат подносителите на барањето.

Општинската изборна комисија Зајас, ценејќи дека во постапката за кандидирање на градоначалник на локалните избори закажани за 22 март 2009 година, биле исцрпени нејзините законски надлежности во однос на поднесената кандидатура за градоначалник на Џавид Рушани, со тоа што таа еднаш ги ценела комплетните документи за кандидатурата на именуваниот и ја отфрлила листата за кандидат поради тоа што кандидатот не ги исполнувал законските услови, при што и Управниот суд оценил дека Комисијата правилно одлучила во дадениот случај, не постапила по барањето на подносителот за повторно разгледување и оценување на дополнително доставените докази и не донела ново решение.

Со оглед дека не било донесено ново решение од страна на Општинската изборна комисија – Зајас, ниту пак бил даден друг писмен одговор на барањето, подносителот на листа, Бегзат Усеини, на 15.02.2009 година доставил тужба до Управниот суд, со која бара Судот да ја прифати кандидатурата на Џавид Рушани за градоначалник на Општина Зајас.

Управниот суд на 16.02.2009 година донел Решение УРП.128/09 со кое тужбата на тужителот Бегзат Усеини од Зајас, подносител на листа, за прифаќање на кандидатурата на Џавид Рушани за градоначалник на Општина Зајас, ја отфрлил како недозволена. Според образложението на Решението, Општинската изборна комисија Зајас не донела решение по писмениот поднесок – дополнување на документите за кандидатура за градоначалник на Општина Зајас од 12.02.2009 година за да може тужителот-подносителот на листата во смисла на член 67 став 5 од Изборниот законик да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа по приемот на решението, поради што тужбата е одбиена како недозволена.

Дополнително, во текот на претходната постапка, Уставниот суд побара од Основниот суд во Кичево податоци од казнената евиденција за лицето Џавид Рушани, како надлежен суд за водење на казнена евиденција според местото на раѓање на осудениот, при што добиено е Известување, СУ. бр. 0301-436/09 од 10.06.2009 година, според кое во време на поднесување на кандидатурата за градоначалник, против наведеното лице нема поднесено обвинителен акт, ниту предлог, ниту пак е донесена правосилана пресуда каде истиот е осуден на безусловна казна затвор над 6 месеци.

На 19 јуни 2009 година, по барање на Уставниот суд, претседателот на Општинската изборна комисија Зајас, го достави лично податокот што се бараше од него: документот за податоци од казнената евиденција кој Општинската изборна комисија го ценела при отфрлање на кандидатурата за градоначалник на лицето Џавид Рушани. Станува збор за документ, степенуван како доверлив, кој Министерството за внатрешни работи го доставил до Државната изборна комисија, Сд. бр. 18.3-647 од 04.02.2009 година, кој потоа е проследен до Општинската изборна комисија, во кој се наведува дека наведеното лице минува во казнената евиденција која се води во Министерството за внатрешни работи, со следните податоци: -Основен суд Скопје 1 со пресуда К.1149/01 од 29.09.2001 година го казни со една година затвор за кривично дело по член 396 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Според документацијата која е приложена кон барањето за заштита на слободите и правата на именуваниот, Апелациониот суд Скопје има донесено Решение КС.Бр.80/03 од 12.03.2003 година, со кое се уважува барањето за амнестија на обвинетиот Џавид Рушани од с. Зајас-Кичево и се запира кривичната постапка против обвинетиот Џавид Рушани пред Основниот суд Скопје 1 Скопје под К. бр. 1149/01 по обвинителен акт на Основното јавно обвинителство Скопје КО. бр. 2143/01 од 18.08.2001 година за кривично дело – Неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали по член 396 став 2 в.в. со став 1 од КЗ поради постоење на законски основ предвиден во член 1 став 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18 од 8.03.2002 година).

По барање на Уставниот суд, Министерството за внатрешни работи, со акт Ев.бр.183-68522/1 од 22.10.2009 година достави известување според кое по барање на Државната изборна комисија, Министерството за внатрешни работи извршило проверки и утврдило дека Рушани минува во казнената евиденција, односно од страна на Основниот суд Скопје 1, со пресуда К 1149/01 му била изречена казна затвор во траење од една година, за сторено кривично дело по член 396 став 1 од КЗ на Република Македонија, за која констатирана состојба, на 04.02.2009 година е доставено известување до Државната изборна комисија (акт бр. сд.18.3-647 од 04.02.2009 година). По ова известување, на 06.02 2009 година во Полициската станица Кичево, Рушани поднел барање за уверение за неосудуваност во кое навел дека истото му е потребно за кандидатура за градоначалник на Општина Зајас. Бидејќи според член 106 став 5 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните доказ за својата неосудуваност, на Рушани му било доставено известување дека не постои законски основ да му се издаде бараното уверение. Незадоволен од ваквото известување, Рушани поднел ново барање за издавање на уверение за неосудуваност, во кое навел дека истото му е потребно заради патување во странство. Притоа, од службените лица му било укажано дека не може да му се издаде бараното уверение бидејќи минува во казнената евиденција, односно дека во 2001 година од страна на Основниот суд Скопје 1 му била изречена казна затвор во траење од една година за сторено кривично дело по член 396 став 1 од КЗ на РМ. Од страна на Рушани било појаснето дека за оваа пресуда поседува решение за амнестија донесено од Апелациониот суд Скопје во 2003 година и истото, на 12.02.2009 година го доставил во Полициската станица Кичево, кое веднаш било внесено во казнената евиденција и истиот ден му било издадено уверение за неосудуваност заради патување во странство. Врз основа на презентираното, Министерството за внатрешни работи појаснува дека до Државната изборна комисија доставило известување за извршени проверки во казнената евиденција за лицето Џавид Рушани на 04.02.2009 година, додека решението за амнестија било спроведено на 12.02.2009 година, односно откако Рушани лично го доставил во Полициската станица Кичево.

6. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Според член 20 од Уставот, кој е поместен во Главата II Основни слободи и права на човекот и граѓанинот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Согласно член 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Од наведените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и дека во сферата на овие слободи и права спаѓаат и политичките слободи и права на граѓанинот кои се изразуваат преку правото на политичко здружување и дејствување, како форма и начин за учество на граѓанинот во политичкиот живот на земјата.

Слободата на политичкото здружување и дејствување, како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што со Уставот се наведени случаите поради кои може да се ограничи оваа слобода на човекот и граѓанинот.

Врз основа на изнесените уставни одредби произлегува дека едно од политичките права е избирачкото право кое може да биде активно и пасивно. Определувајќи дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право, Уставот единствено поставил ограничување дека избирачко право немаат само лицата на кои им е одземена деловната способност.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со член 7 став 2 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008 – исправка, 155/2008 – исправка и 163/2008- исправка ) се утврдува дека право да биде избран за пратеник, член на совет и градоначалник има секој државјанин на Република Македонија, ако:
– наполнил 18 години живот,
– има деловна способност,
– не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело и
– не е осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеца.

Според член 17 од овој законик, органи за спроведување на изборите се:
– Државната изборна комисија,
– општинските изборни комисии и изборната комисија на градот Скопје,
– избирачките одбори, и
– избирачките одбори за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија.

Согласно член 37 став 1 на истиот законик, општинската изборна комисија и изборната комисија на градот Скопје се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите во согласност со овој законик и врши надзор на работата на избирачките одбори.

Според член 60 став 1 од овој законик, право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи (во натамошниот текст: подносител на листа). Според став 4 на овој член, листата на кандидати ја потпишува лично овластен претставник на подносителот на листата. Согласно став 6 на истиот член, ако подносител на листата на кандидати е група избирачи, називот на листата се означува со “група избирачи” и според почетната буква од името и презимето на подносителот на листата.

Согласно член 65 став 1 од Изборниот законик, листата на кандидат, односно кандидати се поднесува на пропишан образец од Државната изборна комисија. Според став 4 на овој член, кога подносител на листа на кандидат, односно кандидати е група избирачи, мора да се поднесе и потребниот број на потписи утврден во членот 61, односно членот 62 на овој законик.

Според член 67 став 1 од овој законик, државната, односно општинската изборна комисија, односно изборната комисија на градот Скопје по приемот на листата на кандидат, односно кандидати утврдува дали истата е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на овој законик. Според став 2 на овој член, ако Државната, односно општинската изборна комисија односно Изборната комисија на градот Скопје утврди дека во листата има одделни неправилности, ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата, односно првопотпишаниот пратеник на листата на кандидат, да ги отстранат неправилностите во рок од 48 часа од приемот на листите. Според став 4 на истиот член, ако Државната, односно општинската изборна комисија односно Изборната комисија на градот Скопје утврди дека листите се поднесени ненавремено, односно констатираните неправилности или пропусти, подносителите на листите не ги отстраниле во рокот утврден во ставот 2 од овој член, поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листите. Според став 5 на овој член, против решението на општинската изборна комисија односно Изборната комисија на градот Скопје од ставот 4 на овој член може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението, согласно став 7 на истиот член, Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 24 часа од приемот на тужбата.

Според член 69 став 3 од овој законик, општинската изборна комисија утврдените единствени листи на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник ќе ги огласи најдоцна 25 дена пред денот определен за одржување на изборите во сите населени места и на избирачките места во општината.

Според член 2 став 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија бр.62/2006), во управен спор судот одлучува за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон. Според став 6 на овој член, кога во управен спор се оспоруваат актите од овој член, во постапката се применуваат одредбите од овој закон, ако со друг закон поинаку не е предвидено.

Согласно член 3 став 1 на овој закон, право да поведе управен спор има физичко или правно лице, ако смета дека со управниот акт му е повредено некое право или непосреден интерес заснован врз закон.

Според член 1 став 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија бр.18/2002), со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година. Според став 2 на овој член, амнестијата се однесува и на лица кои и пред 1 јануари 2001 година, подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година. Согласно став 3 на истиот член, со амнестијата од ставовите 1 и 2 на овој член:- се ослободуваат од гонење за кривично дело според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година; – се запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година; – потполно се ослободуваат од извршување на казната затвор за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата кои подготвувале или извршиле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година и – се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со 26 септември 2001 година.

Согласно член 106 став 1 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996,80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006, 73/2006, 7/2008 и 139/2008), казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот.

Во постапката за спроведување на локалните избори во март 2009 година, според Прегледот на потребни документи кои се приложуваат при доставувањето на листа на кандидат, односно листи на кандидати за избор на Претседател на Република Македонија, градоначалник и за членови на совет ( објавен на веб страната на Државната изборна комисија), проверката за неосудуваност со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над 6 месеци за кандидатите за градоначалник на општина, односно градот Скопје, ќе врши Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на Градот Скопје во соработка со Државната изборна комисија преку Министерството за внатрешни работи.

Врз основа на наведените уставни и законски одредби, одржаната јавна расправа и утврдената фактичка состојба по предметот, Судот оцени дека постои повреда на правото на политичко дејствување на лицето Џавид Рушани, сторена со неприфаќање на неговата кандидатура за градоначалник на Општина Зајас на локалните избори одржани во март 2009 година.

Според Судот, неспорно е дека со Решение на Апелациониот суд Скопје, КС.Бр.80/03 од 12.03.2003 година, против именуваниот е запрена кривичната постапка пред Основниот суд Скопје 1 Скопје под К. бр. 1149/01 по обвинителен акт на Основното јавно обвинителство Скопје КО. бр. 2143/01 од 18.08.2001 година за кривично дело – Неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали по член 396 став 2 в.в. со став 1 од КЗ поради постоење на законски основ предвиден во член 1 став 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18 од 8.03.2002 година). Овој факт не бил земен предвид од страна на Општинската изборна комисија Зајас и Управниот суд при утврдувањето дали лицето ги исполнува условите за кандидат за градоначалник, утврдени во член 7 став 2 алинеја 4 од Изборниот законик, поради што погрешно било утврдено дека истиот бил казнет на казна затвор во траење од една година за делото за кое бил амнестиран, како последица на што, неосновано била отфрлена неговата кандидатура за градоначалник по тој основ.

Фактот што податокот за осудуваност на лицето, според упатството од Државната изборна комисија, е баран и обезбеден само од Министерството за внатрешни работи, кое во текот на постапката се докажало дека немало ажурна евиденција, наместо од основниот суд според местото на живеење на лицето, како законски овластен орган да ја води казнената едвиденција, според чија евиденција (Уверение издадено од Основен суд Кичево, КР.бр. 222/2009 од 06.02.2009 година) против лицето Џавид Рушани нема подигнато обвинителен акт кој влегол во правна сила нити пак е донесена неправосилна осудителна пресуда на територијата на Основен суд Кичево, кое уверение му се издава на именуваниот заради лични потреби – кандидатура за градоначалник и за други цели не може да се употреби, очигледно довело до погрешна констатација од страна на изборните органи дека лицето не ги исполнува законски пропишаните услови за кандидирање за градоначалник, поради што неговата кандидатура била отфрлена.

Од значење е, притоа, дека Општинската изборна комисија Зајас, како орган надлежен за спроведување на изборите и Управниот суд, како надлежен суд кој во управен спор одлучува за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка, ја пропуштиле можноста да ја исправат очигледната грешка настаната заради погрешниот податок од казнената евиденција на именуваниот и да ја утврдат точната фактичка состојба по предметот, што е нивна законска обврска, така што и покрај тоа што од страна на именуваниот дополнително, во времетраење на рокот за поднесување кандидатури за градоначалник, им бил доставен доказот за амнестија од кој јасно произлегувало дека е погрешна нивната првична констатација дека именуваниот не го исполнува спорниот услов за кандидат за градоначалник, повикувајќи се на отсуство на процесни претпоставки во Изборниот законик за разгледување и одлучување по барањето, не пристапиле кон решавање на барањето, односно го отфрлиле барањето на именуваниот да постапат согласно новодоставениот доказ, со што овозможиле, без вина на страна на именуваниот, а како последица на пропусти при постапувањето на надлежните органи кои ја спроведувале изборната постапка, именуваниот да го изгуби правото да учествува на изборите за градоначалник на Општина Зајас на локалните избори одржани во март 2009 година, со што го повредиле неговото право политички да се здружува и да дејствува.

Според Судот, Општинската изборна комисија Зајас и Управниот суд, во спроведувањето на изборната постапка, биле должни законот да го толкуваат и применат во корист на граѓанинот, а не на негова штета, како што било сторено во конкретниот случај. Тоа значи дека овие органи биле должни да ја утврдат точната фактичка состојба од значење за предметот, во која смисла биле должни да ги прифатат и ценат доказите што им биле доставени во текот на постапката, имајќи предвид дека согласно член 66 став 4 од Изборниот законик, листата на кандидати за градоначалник овластените предлагачи ја доставуваат до надлежната изборна комисија најдоцна 35 дена пред денот на одржување на изборите, или во конкретниот случај, до 15 февруари 2009 година, со оглед дека изборите биле закажани за 22 март 2009 година. Видно од доставената документација до Уставниот суд, неспорно е дека на 12.02.2009 година, лицето Џавид Рушани доставило до Државната изборна комисија и до Општинската изборна комисија – Зајас, Решение на Апелациониот суд Скопје, КС бр. 80/03 од 12.03.2003 година и уверение од казнената евиденција, како доказ дека нема законска пречка за прифаќање на неговата кандидатура, со што благовремено, во рамките на законскиот рок, биле доставени потребните докази за утврдување на условите за тоа дали лицето ги исполнува законски утврдените услови за кандидат за градоначалник. Според Судот, Општинската изборна комисија – Зајас и Управниот суд, биле должни да го прифатат и оценат понудениот доказ со кој се побивал единствениот аргумент за одбивање на кандидатурата на именуваниот, имајќи предвид дека вината за доставување на погрешниот податок од казнената евиденција е на страната на државните органи кои ја воделе евиденцијата, а во никој случај тоа не може да биде вина за која треба да трпи последици граѓанинот, кој сосема легитимно очекувал дека државата води точна казнена евиденција за своите граѓани, која е од значаење за остварување на нивните права и кој не очекувал дека податоците за него во казнената евиденција се погрешни.

Тргнувајќи од фактот дека државата, преку своите органи, дозволила неточни податоци од казнена евиденција да претставуваат пречка граѓанин да го оствари своето пасивно избирачко право, односно да учествува на изборите за градоначалник на општина Зајас како кандидат кој ги исполнува законските услови за кандидирање на оваа функција, Судот оцени дека отфрлањето на кандидатурата за градоначалник на лицето Џавид Рушани како последица на ваквите неточни податоци од казнената евиденција, во суштина значи повреда на правото на политичко здружување и дејствување на ова лице, зад чија кандидатура застанала организирана група граѓани согласно постојната регулатива.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.84/2009
10 февруари 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски