У.бр.68/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 февруари 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 15 став 4 во делот: „надоместок за работа…“, од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007 и 140/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.68/2009 од 18 ноември 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 15 од Законот е предвидено:

„(1) Централниот регистар преку стручниот совет обезбедува поставување и одржување на единствена методолошка
и технолошка основа на информационите системи кои се од значење за остварувањето на целите и задачите на едношалтерскиот систем утврдени со овој закон.
(2) Стручниот совет го формира директорот на Централниот регистар од органите и организациите кои учествуваат во функционирањето на едношалтерскиот систем.
(3) Директорот на Централниот регистар во работата на стручниот совет може да вклучи и други стручни лица.
(4) Формирањето на стручниот совет, бројот на членовите, начинот на работа и носење на одлуки, надоместокот за работа, како и други прашања, се уредуваат со деловник за работа кој го донесува стручниот совет, а го потврдува директорот на Централниот регистар“.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005 и 106/2008) во членот 1 утврдил дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Според членот 3, овој закон ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и другите правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Според одредбите од овој закон, помеѓу работодавачот и работникот може да се склучат договор за вработување на определено време (член 46), договор за вработување со скратено работно време (членови 48 и 49), договор за вработување со вршење на работа дома (член 50) и договор за вработување на деловни лица (менаџерски договор – член 54). Правата, обврските и одговорностите се уредуваат во договорот.

Според членот 12 став 4 од овој закон, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Законот за Централен регистар („Службен весник на Република Македонија“ број 50/2001, 49/2003, 109/2005 и 88/2008), уредил дека Централниот регистар со овој закон се основа како централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, кои согласно со овој или друг закон или со договор се внесуваат во него, тој има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон. Според членот 5 од овој закон органи на Централниот регистар се Управен одбор од пет члена и директор. Членовите на Управниот одбор ги именува Владата на Република Македонија и тие работат и одлучуваат на седница.

Според членот 7 од овој закон Статутот на Централниот регистар го донесува Управниот одбор, а согласност дава Владата на Република Македонија и со Статутот поблиску се уредуваат внатрешната организација, овластувањата, должностите и одговорностите на неговите органи.

Според членот 8 од овој закон, базата на податоци кои се утврдени со овој закон се внесуваат во Централниот регистар каде што електкронски се обработуваат, обединуваат, селектираат, чуваат и прават достапни до заинтересираните корисници.

Во Централниот регистар се внесуваат податоци од основните регистри со и без својство на правно лице, како и податоци од други правни и физички лица (конституирани права на сопственост и стварните права врз туѓи ствари, статус на трговски друштва и правни лица, завршни сметки, кредитни информации, брачни договори, видови осигурувања, и друго).

Според членот 26 од овој закон, финансирањето на работењето на Централниот регистар се врши од сопствени приходи, и тие се користат за покривање на трошоците за тековното работење, развој и платите на вработените. Висината на приходите и расходите се утврдуваат со финансиски план на кој согласност дава Владата на Република Македонија.

Според членот 18-а од овој закон, за извршените услуги од делокругот на својата работа, кој е утврден со овој или друг закон, а кои се однесуваат на упис, внесување, обработка, обединување, класифицирање, селектирање, складирање, чување и користење на податоците во Централниот регистар на Република Македонија како и дистрибуирање на податоците до заинтересираните корисници, Централниот регистар наплаќа соодветен надоместок кој се утврдува со Тарифа на Централниот регистар, која ја донесува Управниот одбор на Централниот регистар, а на која согласност дава Владата на Република Македонија.

Надоместокот не се наплатува од корисниците и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија од областа на законодавната, извршната и судската власт.

Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица е донесен во 2005 година, но во однос на одредбите од членот 15 (предмет на иницијативата), немал промени со измените и дополнувањата на овој закон. Според членот 1 со овој закон се уредува едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица, регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана на вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност, регистар на споредни казни за сторени кривични дела на правни лица и регистарот на утврдените побарувања на доверителите во стечајна постапка, од страна на Централниот регистар на Република Македонија во писмена и електронска форма и други прашања од значење за уредно водење на регистрите и остварувањето на едношалтерскиот систем, како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници, регистар на водостопанства, регистар на здруженија на граѓани и фондации и регистар на комори од надлежните судови, од страна на Централниот регистар.

Во извршувањето на овие надлежности, согласно членот 15 став 1 од овој закон, Централниот регистар преку стручен совет обезбедува поставување и одржување на единствена методолошка и технолошка основа на информационите системи кои се од значење за остварување на целите и задачите на едношалтерскиот систем утврдени со овој закон. Со одредбите од ставот 2 и ставот 3 на овој член од Законот, е уредено дека стручниот совет го формира директорот на Централниот регистар од редот на органите и организациите кои учествуваат во функционирањето на едношалтерскиот систем, а директорот во рабоата на стручниот совет може да вклучи и други стручни лица. Како резултат на разновидноста, обемноста и сложеноста на видовите и облиците на податоци кои ги прима и чува Централниот регистар, законодавецот предвидел со наведените одредби од членот 15 од Законот, формирање на посебно тело – стручен совет во функција на Централниот регистар. Притоа, битно е што Централниот регистар и неговите органи, статус и надлежности се со закон утврдени (Закон за Централниот регистар), а стручниот совет е предвиден со Законот за едношалтерскиот систем заради функционирање на едношалтерскиот систем. Меѓутоа, овој закон не се занимава со формирањето, статусните и функционалните прашања на стручниот совет, туку Законот дал овластување на Централниот регистар и неговиот директор да одлучуваат за тие прашања на стручниот совет.

Од уставно правен аспект, не е спорно дека законодавецот нема уставни пречки да дава определени овластувања на други органи или институции, со цел да понуди законска флексибилност во одлучувањето и уредувањето на одредени прашања прилагодени на потребите за успешно извршување на законските надлежности на тие органи. Во тие рамки секако е и законското овластување за формирање на советот во членот 15 од Законот.

Законодавецот, меѓутоа, ниту во Законот за Централен регистар ниту во Законот за едношалтерски систем не предвидел дека стручниот совет е орган на Централниот регистар, туку како органи на ова посебно правно лице ги навел Управниот одбор и директорот.

Со членот 15 од Законот за едношалтерски систем се овластува директорот да може да формира стручен совет, но во ставот 4 од овој член од Законот, дирекно се дозволува стручниот совет со свој деловник за работа да уреди прашања за начинот на неговото формирање, бројот на членовите, начинот на работа и носење на одлуки, надоместок за работа (оспорен дел), како и други прашања, а тоа значи не со закон и не со акт на правното лице – Централниот регистар, туку со деловник за работа на стручниот совет (кој не е орган ниту правно лице) да се уредува надоместокот за работа, кој се исплаќа од приходите на Централниот регистар, стекнувани од граѓаните односно корисниците на регистарот.

Формирањето на стручниот совет и видот на работниот ангажман, на членовите во тој совет на релација со Централниот регистар со законите е дозволено и предвидено, меѓутоа в однос на прашањето за надоместокот за работа, Судот оцени дека тоа не може да биде препуштено да се уредува со деловникот за работа кој го донесуват самите членови на советот, со потврда на директорот на Централниот регистар, туку треба да се уреди со закон или со законот да се утврдат критериуми врз основа на кои Централниот регистар со свој акт ќе ги уреди односите со членовите на стручниот совет.

Поаѓајќи од наведените причини во однос на оспорениот дел „надоместок за работа“ од членот 15 став 4 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, Судот оцени дека не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 кој се однесува на владеењето на правото и членот 51 од Уставот..

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.68/2009
10 февруари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски