157/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 4, 5 и 6 од Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи кои вршат обезбедување на осигурените лица со лекови кои се пропишуваат на рецепт во примарната здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004 и 137/2006), донесен од Управниот одбор на Фондот за здравственото осигурување на Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Управниот одбор на Фондот за здравственото осигурување, не бил овластен со Законот за здравствено осигурување, да го утврдува и определува надоместокот за здравствените услуги и тие прашања требале да се уредуваат со закон, а не со оспорените одредби од Правилникот на Фондот.

Од овие причини, оспорените одредби од Правилникот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот. Оспорените одредби од Правилникот, исто така не биле во согласност и со членот 56 став 1 точка 3 и членот 69 став 1 од Законот за здравственото осигурување, како и со одредби од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот е донесен врз основа на членот 56 став 1 и членот 69 став 1 од Законот за здравственото осигурување. Со членот 4 од Правилникот е предвидено:

„Надоместокот за здравствените услуги од член 2 на овој правилник се утврдува во фиксен износ за издаден лек на рецепт.
Надоместокот од став 1 на овој член се утврдува, врз основа на:
1) планираните средства за обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт што се остваруваат од придонесите за задолжителното здравствено осигурување,
2) остварените трошоци за обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт кои се надоместени од средствата на Фондот, во последните три години,
3) бројот на рецептите за издадените лекови во последните три години“.

Според членот 5 од Правилникот, висината на надоместокот за здравствените услуги за обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт ја утврдува Управниот одбор на Фондот врз основа на член 4 на овој правилник.

Според членот 6 од Правилникот висината на надоместокот од член 5 на овој правилник, за здравствените услуги кои здравствените установи ги вршат во оддалечените рурални населени места се зголемува за 20%.
Оддалечените рурални населени места, во смисла на овој правилник, се определуваат од Управниот одбор на Фондот.

4. Според членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Граѓаните имаат право и должност да го чуваат и унапредуваат сопственото здравје и здравјето на другите.

Имајќи го предвид членот 39 од Уставот, со кој на секој граѓанин му се гарантира право на здравствена заштита, произлегува и дека право е на државата, односно законодавецот да ги определи условите, начинот и средствата за задоволување на здравствените потреби на граѓаните, односно да ја вреднува општествената целисходност на решенијата и да создаде нормативна претпоставка за остварување на уставно загарантираните права на здравствена заштита.

Согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Од наведените уставни одредби произлегува дека здравствената заштита на граѓаните се обезбедува преку систем на здравствено осигурување како дел од социјалното осигурување во поширока смисла и дека правата што произлегуваат од тоа се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за здравственото осигурување покрај другото, е определен кругот на правата од здравствено осигурување, односно основните здравствени услуги кои осигуреното лице може да ги оствари на товар на средствата на здравствено осигурување. Имено, според членот 9 од наведениот закон, основните здравствени услуги осигуреното лице може да ги остварува во:

а) Во примарната здравствена заштита која опфаќа здравствени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравствената состојба, преземена на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба во примарната здравствена заштита:

1) здравствени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравствената состојба;
2) преземање на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба, спречување и сузбивање и рано откривање на болестите и други нарушувања на здравјето;
3) укажување на итна медицинска помош, вклучувајќи и превоз со санитетско возило кога е тоа неопходно;
4) лекување во ординација, односно во домот на корисникот;
5) здравствена заштита во врска со бременост и породување;
6) спроведување на превентивни, терапевтски и рехабилитациони мерки;
7) превенција, лекување и санирање на болестите на устата и забите и
8) лекови според листата на лекови што со општ акт ги утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност;

б) во специјалистичко – консултативната здравствена заштита:

1) испитување и утврдување на заболувањата, повредите и здравствената состојба;
2) спроведување на специјализирани дијагностички, терапевтски и рехабилитациони постапки и
3) протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства според индикации утврдени со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност;

в) во болничката (краткотрајна и долготрајна) здравствена заштита:

1) испитување и утврдување на здравствената состојба, лекување, рехабилитација, нега, сместување и исхрана во болнички услови;
2) лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност, како и помошни материјали кои служат за примена на лековите и санитетските и друг материјал потребен за лекување и
3) сместување и исхрана на придружник при неопходно придружување на дете до тригодишна возраст, додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена и

г) обдукција на умрени по барање на здравствени установи.

Основните здравствени услуги Фондот ги обезбедува на осигурените лица во здравствените установи во висина на цени утврдени со Ценовникот на здравствени услуги во Република Македонија кој го донесува Управниот одбор на Фондот.

Фондот како купувач на здравствени услуги, со општ акт поблиску ги определува начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги, како и спроведување на здравствената заштита, на кој министерот за здравство дава согласност.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според став 1 на член 35, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведеното произлегува дека Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 53 од Законот за здравствено осигурување, за спроведување на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување се основа фонд за здравствено осигурување. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со наведениот закон.

Во членот 56 од наведениот закон е определен делокругот на работа на Управниот одбор (орган кој управува со Фондот) во кој, меѓу другото, е предвидено дека Управниот одбор на Фондот ги донесува општите акти предвидени со овој закон.

Според членот 68-а од овој закон, Фондот е купувач на здравствените услуги во интерес на осигурените лица. Во зависност од потребите на здравствените услуги и утврдените средства за таа намена во буџетот на Фондот, Фондот купува здравствени услуги за што склучува и раскинува договори со здравствени установи.

Според членот 69 од овој закон, Фондот со општ акт утврдува критериуми за склучување на договори со здравствените установи за купување на основни здравствени услуги од овој закон, начинот на склучување на договорите, начинот на плаќањето на здравствените услуги и тоа според:

– бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита,
– цени на завршени здравствени услуги во специјалистичко-консултативна здравствена заштита,
– цени на здравствени услуги групирани во ДСГ во болничка здравствена заштита за акутна нега на хоспитализирани болни,
– утврдени цени на здравствените услуги,
– програмите за одделни видови здравствена заштита односно услуги,
– според утврдените средства во буџетот на Фондот по намени и
– според други критериуми.

Министерот за здравство дава согласност на општиот акт од став 1 на овој член.

Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека Фондот е овластен со општ акт да ги утврди критериумите за склучување на договори со здравствени установи. Притоа Законот ги определил можните начини на плаќање на здравствените услуги, а Фондот на таа основа е овластен со Законот да ги разработи и операционализира законските одредби заради нивно извршување. Со членот 69 од Законот, се дава законска рамка и глобално се определуваат можните начини (критериуми) за склучување на договори со здравствените установи, врз основа на кои Фондот има овластување со подзаконски акт да ги доуреди предметните прашања.

Со членот 56 од Законот, како што е наведено, е утврден делокругот на работата на Управниот одбор на Фондот, во рамки на кој спаѓа и носењето на општите акти.

Врз основа на цитираните членови 56 и 69 од Законот е донесен Правилникот во кој се содржани оспорените одредби.

Со овој Правилник се утврдуваат критериумите за предметната материја меѓутоа, Управниот одбор на Фондот тие критериуми ги заснова на Законот за здравствено осигурување, како што е погоре наведено.

Според членот 2 од овој правилник, како здравствени услуги за обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт, во смисла на овој правилник, се сметаат: набавка, сместување, чување и издавање на лековите на рецепт, како и обработка на рецепт.

Според членот 2-а на овој правилник, за обезбедување на здравствени услуги за издавање на лекови на рецепт во примарната здравствена заштита, Фондот склучува договори со здравствените установи кои вршат обезбедување на осигурените лица со лекови кои се пропишуват на рецепт во примарната здравствена заштита. Договорите, Фондот ги склучува во рамките на утврдените буџетски средства за таа намена, по доставена понуда за склучување на договор придружена со потребна документација, со важност на договорот за тековната година.

Со оспорените одредби од членовите 4, 5 и 6 од Правилникот, Управниот одбор на Фондот ги уредил прашањата кои се однесуваат за надоместокот кој Фондот го исплаќа на договорните здравствени установи, а кој е определен како фиксен износ за издаден лек на рецепт, определен како таков врз основа на определените елементи во членот 4 став 2 од Правилникот.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека во случајов станувало збор за спорни одредби од Правилникот кои биле неуставни и незаконити, бидејќи уредувале прашања за кои не бил овластен Управниот одбор на Фондот, како и дека овие прашања не можеле да се уредуваат со подзаконски акт, туку само со закон. Ова поради тоа што неспорно е дека Законот за здравственото осигурување на основа на законските утврдени критериуми дал овластување на Управниот одбор на Фондот со подзаконски акт да ги операционализира предметните односи утврдени во Законот. Според Судот, подносителот во иницијативата имал едностран пристап кон оспорените одредби од Правилникот, при што одредбите ги прикажува изолирано, надвор од нивната законска основа односно поврзаност која ја имаат со одредбите од целината на Законот за здравственото осигурување, кој уредува обемна материја од наведената област. Законодавецот преку овластувањето за операционализација на Законот со подзаконски акти овозможил флексибилност во уредување на материјата заради извршување на Законот.

Поаѓајќи од наведените причини пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Уставот и одредбите на законите на кои се повикува подносителот во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.157/2009
3 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски