97/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за давање на користење на недвижна ствар на Министерството за култура, бр.19-905/1, донесена од Владата на Република Македонија на 17 февруари 2009 година.

2. Здружението на граѓани „Разбуди се„ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одлуката на Владата на Република Македонија за изградба на православна црква на Плоштадот „Македонија„ во Скопје, замолувајќи Судот по службена должност да ја обезбеди одлуката поради недостпност за нив.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била во спротивност со Уставот на Република Македонија од причина што Владата на Република Македонија и Општината Центар не го почитувале секуларниот карактер на државата, се мешале во изградба на верски објект наменет за припадници само на една верска заедница, а со тоа ја повредувале уставната одредба за одвоеност на државата од верските заедници, поради што Одлуката не била во согласност со член 19 став 3 од Уставот.

Владата на Република Македонија планирала за изградба на црквата да потроши средства од Буџетот на Република Македонија иако Република Македонија е држава во која живеат граѓани од различни верски заедници, па Владата со пари на сите граѓани на Република Македонија привилегирала припадници само на една верска заедница односно припадниците на православната вера, а тоа не било во согласност со начелото на еднаквоста на граѓаните по основ на верско уверување утврдено во член 9 од Уставот и со член 51 од Уставот на Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со законите (став 1) и дека секој бил должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката за давање на користење на недвижна ствар на Министерството за култура, бр.19-905/1, донесена од Владата на Република Македонија на 17 февруари 2009 година, се определува дека: „недвижната ствар – градежно земјиште имот во сопственост на Република Македонија, со површина од вкупно 1525 м2 на Плоштадот Македонија во Скопје, од кои 983 м2 се евидентирани во Имотен лист бр. 53963, Катастарска парцела 12069, Катастарска општина Центар 1 и 542 м2 се евидентирани во Имотен лист бр.53967, Катастарска парцела 13825, Катастарска општина Центар 1, се дава на трајно користење без надоместок на Министерството за култура, за изградба на Православен храм“ (член 1). Во член 2 од Одлуката се определува дека Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.

Во Одлуката за престанок на користење на недвижна ствар на Министерството за култура, бр.19-3234/1, донесена од Владата на Република Македонија на 26 јуни 2009 година, се определува дека: „со оваа одлука престанува користењето на Министерството за култура на недвижната ствар – градежно земјиште со површина од вкупно 1525 м2 на Плоштадот Македонија во Скопје, од кои 983 м2 се евидентирани во Имотен лист бр. 53963, Катастарска парцела 12069, Катастарска општина Центар 1 и 542 м2 се евидентирани во Имотен лист бр. 53967, Катастарска парцела 13825, Катастарска оштина Центар 1“ (член 1). Во член 2 од Одлуката се определува дека: „со денот на влегување во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за давање на користење на недвижна ствар на Министерството за култура бр.19-905/1 од 17.02.2009 година“. Во член 3 од Одлуката се определува дека: „оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето“.

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Одлуката за давање на користење на недвижна ствар на Министерството за култура, бр.19-905/1, а со која се определува изградба на православен храм на Плоштад „Македонија“ во Скопје, престанала да важи со Одлуката за престанок на користење на недвижна ствар на Министерството за култура, бр.19-3234/1, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата поради што ја отфрли иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.97/2009
3 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски