Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, предвидувањето, во член 10 став 1 од Законот, Владата на Република Македонија да ја определи висината на надоместокот за закупнина на стан за лицата на кои им следува право на користење службен стан доколку станот не може да им биде обезбеден, во ситуација кога Законот не содржел никакви критериуми и параметри врз основа на кои Владата на Република Македонија би го извршила таквото овластување, значело утврдување на права и обврски на граѓаните со подзаконски акт, оставање можност за арбитрерност и мешање на извршната во законодавната власт, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеите 2 и 3, член 88 и член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.
Во однос на член 24 став 2 од Законот, иницијаторот смета дека определувањето Министерството за финансии според своите интерни процедури да обезбедува средства од Буџетот на Република Македонија доколку средствата од ЕУ за финансирање на одделни проекти биле ненавремени, значело Министерството за финансии да донесува подзаконски прописи – интерни процедури без да постои законско овластување за тоа согласно на член 49 став 1 и член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), поради што таквата законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во член 10 став 1 од Законот се определува дека: „На лицата на кои им следува право на користење на службен стан согласно со закон, доколку истиот не може да им биде обезбеден, имаат право на надоместок за закупнина на стан. Владата на Република Македонија ќе ја определи висината на надоместокот за закупнина на стан“.
Во член 24 став 1 од Законот се определува дека „средствата за финансирање на проектите од одделните компоненти од ИПА (национално кофинансирање и ИПА средствата од ЕУ), индикативно се планирани во Раздел 090.02 – Министерство за финансии – функции на државата, освен средствата за национално кофинансирање на петтата компонента од ИПА – Рурален развој кои се планирани во Раздел 140.04 – Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој“.
Во оспорениот став 2 од истиот член на Законот се определува дека: „При ненавремен трансфер на средствата од ЕУ наменети за финансирање на проектите од одделните компоненти од ИПА, средства ќе се обезбедат од Буџетот на Република Македонија согласно со интерните процедури на Министерството за финансии“.
Во член 51 од Законот се определува дека: „Буџетот на Република Македонија за 2009 година ќе се извршува од 1 јануари до 31 декември 2009 година.“
Во член 54, пак, од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година („Службен весник на Република Македонија“бр.156/2009) се определува дека: „Буџетот на Република Македонија за 2010 година ќе се извршува од 1 јануари до 31 декември 2010 година.“
4. Според член 110 став 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што Законот и неговите оспорени одредби престанале да важат на 31 декември 2009 година, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата согласно означената одредба од Деловникот на Судот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.32/2009
20 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски