141/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 20 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 41 став 3 од Законот за судската служба (“Службен весник на Република Македонија”, број 98/2008, 161/2008 и 6/2009).

2. Раде Настоски од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот за судската служба, не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 од Уставот на Република Македонија, бидејќи така пропишаната одредба создавала дискриминација и нееднаквост меѓу судските службеници и другите вработени во Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 41 став 1 од Законот за судската служба, определува дека со основната плата која се исплатува на судскиот службеник се обезбедува вреднување на соодветниот степен на образование утврден со актот за систематизација за работните места, за работното место на кое тој е распореден и работното искуство.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, степенот на образование утврден за соодветната група во согласнсот со членот 7 од овој закон се вреднува, и тоа за:
-високо образование 200 бодови
-вишо образование 150 бодови и
-средно образование 100 бодови

Судот, исто така, утврди дека со оспорениот став 3 од истиот член од Законот, работното искуство на судскиот службеник се вреднувало во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образование за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба од Законот за судската служба, бил предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нејзината согласност со одредби од Уставот, односно со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија број 206/2009 од 23.12.2009 година, Судот помеѓу другото го укинал членот 41 став 3 од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“, број 98/2008, 161/2008 и 6/2009), бидејќи утврдил дека таквото законско решение со кое е определено основицата за пресметување на работното искуство на судските службеници да биде дел од основната плата-степенот на образованието, во ситуација кога на другите вработени во јавниот сектор основицата за пресметување на работното искуство е основната плата составена од образованието и искуството заедно (член 18 од Општиот колективен договор за јавниот сектор), таквата законска одредба создавала нееднаквост и не го обезбедувала принципот на владеењето на правото, односно дека различната должина на работното искуство различно се одразувала на образованието, обезбедувала различно знаење и резултати во работата, поради што работното искуство требало и различно да се вреднува.

Имајќи предвид дека веќе ја оценувал уставноста на оспорениот член 41 став 3 од Законот за судската служба и притоа со Одлука број 206/2009 од 23.12.2009 година, истиот го укинал, односно повеќе не е во правниот поредок на Републиката, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети процесните услови за примена на цитираната деловничка одредба.

5. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 141/2009
20 јануари 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски