Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јануари 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на максималната висина на еднократниот надоместок за услугата преносливост на броеви, донесена од Директорот на Агенцијата за електронски комуникации на 30 јуни 2009 година.
2. Македонски Телеком АД – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијтивата со оспорената одлука се нарушувала една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а тоа било владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.Ова затоа што оспорената одлука по својата суштина претставувала општ правен акт, а пратендирала да биде поединечен правен акт. Во македонскиот правен систем општите правни акти имале правно дејство кон сите erga omnes, а тоа значело дека одредбите содржани во нив биле задолжителни за сите граѓани на територијата на која има надлежност органот што ја донел. Од друга страна, должност било на доносителот на одлуката во правната поука за правната заштита точно и прецизно да го наведе органот пред кој странката можела да оствари правна заштита, а не само да наведе дека против одлуката е дозволена судска заштита, што не било доволно јасно каде операторите можеле да бараат заштита на своите права и интереси.
Според подносителот на иницијативата, самата содржината на Одлуката која се однесувала на утврдување на цена на одредена услуга за сите органи во државата (претплатници и оператори) како и начинот на нејзиното донесување (задолжително јавна објава на предлог-одлуката, прибирање на мислења и нејзината содржина) укажувало на фактот дека станувало збор за општ пропис кој подлежи на оцена пред Уставниот суд. Исто така, за подносителот на иницијативата спорно било и овластувањето на директорот на Агенцијата за електронски комуникации да донесува општи правни акти, бидејќи таквото овластување било во надлежност на Комисијата како орган на Агенцијата.
Подносителот на иницијативата наведува дека надлежноста на Агенцијата за електронски комуникации согласно членовите 84 и 85 од Законот за електронски комуникации во врска со прашањето за преносливост на броеви се исцрпувала со донесување на Правилникот за преносливост на броеви објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2006 ,поради што основ за донесување на ваков вид на општ акт немала ниту Комисијата, ниту директорот на Агенцијата.
Со оглед на наведеното, подносителот смета дека со наведената одлука се нарушувала и слободата на пазарот и претприемништвото утврдена во член 55 став 1 од Уставот.
Воедно, подносителот на иницијативата предлага Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената Одлука, бидејќи со нејзиното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 17, а во врска со член 84 став 6 од Законот за електронски комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007 и 98/2008) и член 11 став 1 од Правилникот за преносливост на броевви („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2006, 57/2007, 145/2007, 87/2008 и 17/2009), директорот на Агенцијата за електронски комуникации на 30 јуни 2009 година донел Одлука за утврдување на максималната висина на еднократниот надоместок на услугите преносливост на броеви.
Според точката I од оваа одлука „Максималната висина на еднократниот надоместок на услугите преносливост на броеви што операторот давател го наплатува од операторот примател или пак од претплатниците се утврдува во износ од 200,00 денари (без ДДВ) по пренесен број или по одредена серија на броеви по мрежно завршна точка.
Според точката II од Одлуката, операторот давател од точка I на оваа одлука е должен да постапи по оваа одлука во рок од 30 дена од денот на приемот на истата.
Во точката III на одлуката е предвидено дека одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.
Во точката IV, пак, од одлуката е предвидено дека оваа одлука е конечна.
Во продолжение на текстот на одлуката е презентирано образложението од потребата за донесување на одлуката,при што е предвидено дека против одлуката се дозволува судска заштита.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на Законот со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законот.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби како и од содржината на оспорената одлука, а независно од нејзиниот назив што е вообичаен и за одлуките како посебен вид на нормативни акти, произлегува дека оваа одлука е поединечен односно конкретен акт затоа што со неа директорот на Агенцијата за електронски комуникации ја утврдил висината на еднократниот надоместок односно трошок што треба да го платат операторите, односно корисниците на јавните телекомуникациски услуги за услугата преносливост на броеви.
Со оглед на тоа што оспорената одлука не содржи одредби од нормативен карактер и не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е поединечен, конкретен акт, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува нејзината согласност со Уставот и со Законот за електронски комуникации, поради што во конкретниов случај се исполнети условите за примена на член 28 алинеја 1 од Деловникот.
5. Со оглед на изнесеното ,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.215/2009
13 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски