14/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31 точка 2, член 32 точка 2, член 33-а, член 33-б ставовите 1, 3 и 4, член 33-в, член 45 став 2, член 45-а, член 45-б ставовите 1, 3 и 4 и член 45-в од Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2004, 89/2008 и 12/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби, донесени во 2008 година, значајно се менувале условите за вршење на туристичката дејност определени во основниот текст на Законот донесен во 2004 година, со што се доведувале во прашање легитимните очекувања на лицата кои се вработиле во туристичките агенции според условите во Законот од 2004 година и стекнатите права и интереси односно правната сигурност на тие граѓани, новите услови не биле пропорционални мерки со целите кои требало да се остварат, односно биле престроги а последиците од непочитувањето на тие услови тешки и се ограничувала, дури ја попречувала, слободата на пазарот и претприемништвото загарантирана со Уставот, се селектирале и елиминирале од оваа дејност определени субјекти-вршители на оваа дејност и се создавала монополска положба на други субјекти, со што се вршела дискриминација на граѓаните. Поради тоа, оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 9, член 32, член 54 став 4 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Во однос на член 33-б став 4 и член 45-б став 4 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека овластувањето на Владата на Република Македонија да ја определува висината на трошоците за полагање на стручен испит за раководење со туристичка агенција и за туристички придружник, во ситуација кога Законот не утврдил критериуми и мерила за тоа, значело навлегување на извршната во законодавната власт и излегување на Владата на Република Македонија надвор од нејзините уставни надлежности, со што се повредувале темелните вредности за поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и владеењето на правото, поради што наведените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеите 2 и 3 и член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот. Подносителот на иницијативата побара изрекување на привремена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека во член 31 од Законот се определуваат условите кои мора да ги исполнува туристичка агенција со лиценца „А“, при што оспорената точка 2 пропишува: „Лицето кое раководи со туристичката агенција треба да има сертификат за раководење со туристичката агенција“.

Во член 32 од Законот се определуваат условите кои мора да ги исполнува туристичка агенција со лиценца „Б“, при што и тука оспорената точка 2 пропишува: „Лицето кое раководи со туристичката агенција треба да има сертификат за раководење со туристичката агенција“;

Во член 33 од Законот, кој инаку не е оспорен, се определуваат условите кои мора да ги исполнува туристичката агенција со лиценца „В“, при што за овој вид на туристички агенции не е предвиден условот раководното лице да има сертификат за раководење со туристичка агенција.

Според оспорениот член 33-а од Законот, за да се стекне со сертификат за раководење со туристичката агенција лицето треба да полага стручен испит пред испитна комисија (став 1); Испитната комисија за полагање на стручен испит за добивање на сертификат за раководење со туристичка агенција, ја формира високообразовната установа за туризам и угостителство (став 2); Стручниот испит за добивање сертификат за раководење со туристичката агенција се полага според утврдена програма (став 3); Програмата за полагање стручен испит за сертификат за раководење со туристичката агенција ја донесува високообразовната установа за туризам и угостителство по претходна согласност на органот на државната управа надлежен за работите од областа на образованието и науката (став 4); Програмата од ставот 4 на овој член се објавува во „Службен весник на Република Македонија“ (став 5); По исклучок од ставот 1 на овој член на лицата кои имаат завршено високо образование од областа на туризмот и угостителството, им се издава сертификат за раководење со туристичка агенција без да полагаат стручен испит (став 6).

Според оспорениот член 33-б од Законот, трошоците за полагање на стручен испит за добивање сертификат за раководење со туристичката агенција ги намирува кандидатот (став 1); Трошоците од ставот 1 на овој член се уплаќаат на сметка на високообразовната установа за туризам и угостителство (став 2); Трошоците од ставот 1 на овој член можат да ги надоместат правните и физичките лица кои се заинтересирани за добивање на лиценца (став 3); Висината на трошоците од ставот 1 на овој член, во зависност од фактичките трошоци за полагање на стручниот испит, ја определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот (став 4).

Во оспорениот член 33-в од Законот се определува дека на кандидатот кој го положил стручниот испит, високообразовната институција му издава сертификат (став 1); Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот ја пропишува формата и содржината на образецот на сертификатот од ставот 1 на овој член (став 2).

Во член 45 став 1 од Законот се определува дека туристички придружник е лице кое ја придружува туристичката група. Тој треба да ги познава најзначајните туристички региони во светот, како и туристичките места во Република Македонија, … а според оспорениот став 2 од истиот член на Законот, „својството на туристичкиот придружник се докажува со уверение за положен стручен испит за туристички придружник“.

Според оспорениот член 45-а од Законот, стручен испит за туристички придружник се полага пред испитна комисија (став 1); Испитната комисија за полагање стручен испит за туристички придружник ја формира високообразовната установа за туризам и угостителство (став 2); Стручниот испит за туристички придружник се полага според утврдена програма (став 3); Програмата за полагање стручен испит за туристички водич (туристички придружник) ја донесува високообразовната институција за туризам и угостителство по претходна согласност на органот на државната управа надлежен за работите од областа на образованието и науката (став 4); Програмата од ставот 4 на овој член се објавува во „Службен весник на Репубика Македонија“ (став 5).

Според оспорениот член 45-б од Законот, трошоците за полагање на стручен испит за туристички придружник ги намирува кандидатот (став 1); Трошоците за полагање на стручниот испит се уплаќаат на сметка на високообразовната установа за туризам и угостителство (став 2); Трошоците од ставот 1 на овој член можат да ги надоместат правните и физичките лица кои се заинтересирани за услугите на туристичките придружници (став 3); Висината на трошоците од ставот 1 на овој член, во зависност од фактичките трошоци за полагање на стручниот испит, ја определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот (став 4).

Според оспорениот член 45-в од Законот, на кандидатот кој го положил стручниот испит високообразовната институција му издава уверение (став 1); Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот ја пропишува формата и содржината на образецот на уверението од ставот 1 на овој член (став 2).

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1); граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа и слободен избор на вработување (став 1); секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2); остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).,

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1), Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2).

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија има уставно овластување да донесува закони односно да ги уредува правата и обврските на граѓаните, меѓу кои и правата на вработените, како и правната положба на сите субјекти на пазарот, при што Собранието е должно да обезбеди еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, истовремено спречувајќи монополска положба и монополско однесување на пазарот. Со тоа се обезбедуваат темелните вредности за слободата на пазарот и претприемништвото и за владеењето на правото.

Со оглед на тоа што со оспорените одредби законодавецот ги определува условите за раководење со туристичка агенција со лиценца „А“ и лиценца „Б“ и за туристички придружник, а тоа се сертификат односно уверение, како и начинот на исполнување на тие услови, а тоа е полагање на стручен испит пред посебна комисија и според јавно објавена програма, при што за вршителите на туристичката дејност е определен период од шест месеци за исполнување на овој услов, а дадена е можност оваа дејност да се врши со лиценца „В“ односно без условот – сертификат, но така што само ќе се продаваат туристички патувања организирани од туристичките агенции со лиценца „А“ и лиценца „Б“, Судот смета дека таквите одредби не создаваат правна несигурност, непропорционалност, дискриминација на граѓаните, ниту ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, па ни монополска положба на пазарот со оглед дека секој може да ја врши туристичката дејност во зависност од тоа кои услови од Законот ги исполнува. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со член 8 став 1 алинеите 3 и 7 и членовите 9, 32 и 55 од Уставот.

5. Во однос на наводите во иницијативата дека овластувањето на Владата на Република Македонија определено во член 33-б став 4 и во член 45-б став 4 од Законот не е во согласност со Уставот, Судот оцени дека наводот е неоснован.

Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија донесува закони односно уредува права и обврски на граѓаните, при што тие мораат да бидат во согласност со Уставот, а Владата е одговорна за нивното извршување во рамките определени со Уставот и со законот, со што се обезбедуваат темелните вредности за поделбата на власта и за владеењето на правото.

Со оглед на тоа што овластувањето на Владата на Република Македонија, определено во член 33-б став 4 и во член 45-б став 4 од Законот, да ја утврди висината на трошоците за полагање на стручен испит, има законска рамка, а тоа се фактичките или реалните, објективните трошоци, при што тоа Владата на Република Македонија и утврдува на предлог на министерот во чиј делокруг е областа на туризмот, а трошоците се уплатуваат на сметка на организаторот на стручниот испит, Судот смета дека таквата одредба е во функција на извршувањето на Законот, а не е утврдување на обврски на граѓаните надвор од законските рамки, па нема повреда на темелните вредности за поделбата на власта и за владеењето на правото, ниту на наведените уставни одредби. Поради тоа, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 33-б став 4 и член 45-б став 4 од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 91 алинеја 1 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.14/2009
13 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски