154/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 став 3 алинеја 4 и став 4 алинеја 2 од Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби со кои се вршело ограничување на можноста за именување на директор, односно заменик-директор во Агенцијата за остварување на правата на заедниците поради осуда за кривично дело или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и престанувањето на таа функција ако бил осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца, кои настапувале како правна последица од осуда по сила на законот, а не како индивидуализирана казна што ја изрекувал судот во рамките на видовите на казни, не биле во согласност со член13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25 и член 51, а во врска со член 54 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 3 алинеја 4 од Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија, за директор, односно заменик-директор на Агенцијата може да биде именувано лице ако кое не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Според став 4 алинеја 2 на истиот член, на директорот или на заменик-директорот функцијата му престанува ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казнивo дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија, се уредуваат постапката за следење на остварувањето и унапредувањето, заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија и надзорот над спроведувањето на одредбите на законите со кои се утврдени тие права (член 1 став 1).

Според член 2 од Законот, за спроведување на овој закон и за вршењето надзор над спроведувањето на законите со кои се уредуваат правата на припадниците на заедниците, се оснoва Агенција за остварување на правата на заедниците.

Агенцијата за остварување на правата на заедниците, според член 9 од овој закон, е самостоен орган на државната управа со својство на правно лице со седиште во Скопје.

Според член 11 став 1 од истиот закон, со Агенцијата раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија, за време од четири години со право на повторно именување. Според став 2 на овој член, директорот на Агенцијата има заменик кој го именува и разрешува Владата за време од четири години. Со став 3 на овој член, се утврдуваат условите за именување на директор, односно заменик-директор на Агенцијата, при што во алинеја 4 се утврдува како услов на оваа функција да може да биде именувано лице на кое не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност. Со став 4 на истиот член, се утврдуваат случаите кога на директорот или на заменик-директорот му престанува функцијата, при што во алинејата 2 се утврдува дека функцијата ќе му престане ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца.

Наводите во иницијативата дека ваквите законски решенија за именување на директор и заменик директор на Агенцијата, односно за престанување на нивната функција пред истекот на мандатот за кои се именувани, настанувале како правна последица од осуда по сила на закон, а не како индивидуализирана казна што ја изрекува суд во рамките на видовите на казни, поради што се доведувала во прашање нивната уставност, Судот ги оцени како неосновани.

Согласно член 33 став 1 точка 5 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008 и 114/2009), забраната за вршење на професија, дејност или должност е една од казните кои може да им се изречат за извршени кривични дела на кривично одговорните сторители. При тоа, во ставот 6 на овој член е утврдено дека казната забрана на вршење на професија, дејност или должност може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор или со условна осуда со која е утврдена казна затвор. Согласно член 38-б од овој законик, Судот може на сторителот на кој му изрекол казна затвор или условна осуда со која е утврдена казна затвор да му забрани вршење определена професија или дејност, на должности или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршување на кривично дело и ако врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело. Судот го определува траењето на забраната, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во времето на нејзиното траење.

Согласно член 13 точка 5 од Законот за прекршоците („ Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006), забраната на вршење професија, дејност или должност претставува санкција која може да се изрече за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители. Според член 22 од овој закон, на сторителот на прекршокот може да му се забрани вршење определена професија, дејност или должност или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должноста заради извршување на прекршок и ако врз основа на природата на прекршокот и околностите под кои е сторен може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење на прекршок. Траењето на забраната го определува судот, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката.

Со оглед на тоа што во Кривичниот законик и во Законот за прекршоците е утврдено во кои случаи судот може да ја изрече казната забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и времетраењето на оваа забрана, според Судот, забраната за именување на јавна функција, како што е директор и заменик директор на Агенцијата, поради изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, претставува последица на индивидуализирана казна изречена од суд, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.

По однос на законското решение според кое функцијата на директорот, односно заменикот на директорот на Агенцијата, ќе му престане ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, Судот, исто така, оцени дека не станува збор за правна последица од осуда по сила на закон, како што се наведува во иницијативата, туку за последица од казната што ја изрекол судот. Имено, ова законско решение е токму последица од судската осуда со која е изречена казна затвор од најмалку шест месеци, која казна по својата природа не дозволува истовремено вршителот на јавната функција да биде присутен и да ја врши функцијата.

Ваквото решение предвидено во Законот е во согласност и со Законот за работните односи, каде во член 99 е уредено дека „работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или поради издржување на затворска казна ќе мора да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.“

Како последица на изречена правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, произлегува дека вршителот на јавната функција – директор, односно заменик на директорот на Агенцијата нема да биде во состојба да ја врши функцијата, бидејќи тоа лице е физички отсутно и спречено да ја врши функцијата за која е именувано, што е класичен основ за престанок на вработувањето или во конкретниот случај, на вршењето на јавната функција, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 11 став 3 алинеја 4 и став 4 алинеја 2 од Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија со член13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25 и член 51, а во врска со член 54 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.154/2009
23 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски