У.бр.206/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 41 став 3 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2008, 161/2008 и 6/2009) и член 35 став 3 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2007 и 6/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите на Раде Настоски од Струга, Коле Илијев од Виница, Јаким Илиев од Кочани и Трајан Петрески од Скопје, со Решение У.бр.206/2008 од 4 ноември 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 41 став 3 и член 35 став 3 од законите означени во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. а) Судот на седницата утврди дека во член 41 од Законот за судска служба се определува дека основната плата на судскиот службеник опфаќа: (1) степен на образование и (2) работно искуство (став 1), со тоа што образованието се вреднува од 200 до 100 бодови во зависност од тоа дали судскиот службеник има високо, вишо или средно образование (став 2), а според оспорениот став 3 од истиот член на Законот „работното искуство на судскиот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.“

б) Во однос на платата и основицата за пресметување на работното искуство на другите вработени во судовите кои не се судски службеници, Судот утврди дека во член 3 ставовите 2 и 3 од Законот за судска служба се определува дека лицата кои вршат технички и помошни работи во судовите и судската полиција немаат статус на судски службеници.

Во член 105 став 3 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008 и 161/2008) се определува дека платата на работникот се состои од: основна плата, успешност во работата и додатоци на плата. Во член 106 став 3 од овој закон, пак, се определува дека, покрај другото, на основната плата се додава и додаток за работен стаж. Неговата основа и висина не е поблиску разработена во овој закон.

Во Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, склучен меѓу Владата на Република Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија на 16 јануари 2008 година врз основа на Законот за работните односи (Колективниот договор е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008 и 85/2009 и се однесува на правата и обврските на работниците вработени во органите на државната власт… и другите правни лица од јавниот сектор кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија – членовите 1 и 2 од Колективниот договор), поблиску се определува основицата и висината на работниот стаж на вработените во државните органи. Така, со член 18 од Колективниот договор се утврдува дека: „Основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.“

в) Во врска со платата и основицата за пресметување на работното искуство на државните службеници, Судот утврди дека во член 34 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008 и 6/2009), кој Закон се однесува на вработените во државната управа и стручните служби на одделни органи, се определува дека платата на овие вработени се состои од: основна плата, додаток на плата за звање, додаток на плата за кариера, додаток на плата за посебни услови за работа и додаток на плата за прекувремена работа. При тоа, основната плата и на овие вработени – државни службеници, како и на судските службеници, го опфаќа односно вреднува: (1) степенот на образованието и (2) работното искуство (член 35 став 1) и тоа од 200 до 100 бодови се вреднува степенот на образованието (член 35 став 2), а „работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%“ (член 35 став 3).

г) Во однос на основицата за пресметување на работното искуство на носителите на јавни функции, Судот утврди дека во член 10 став 2 од Законот за платата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ бр.36/1990 и 44/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007 и 161/2008) се определува дека: „Работното искуство се вреднува така што платата во месечен износ се зголемува со процентот утврден за работното искуство од 0,5% за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%“.

д) Во однос на основицата за пресметување на работното искуство на судиите, Судот утврди дека во член 10 став 2 од Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2007, 103/2008 и 161/2008) се определува дека: „Работното искуство се вреднува со додаток на платата од 0,5% за секоја започната година на работен стаж, а најмногу до 20%.“

ѓ) Во врска со основицата за пресметување на работното искуство на вработените во стопанството на Република Македонија, Судот утврди дека во член 25 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2006), на кој посочува иницијаторот, „Основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја година работен стаж“.

Од изнесеното произлегува дека работното искуство (па со тоа и платата) на судските службеници, како и на државните службеници, се определува врз основа на дел од основната плата-степенот на образованието, додека на другите вработени во јавниот сектор (па и на лицата вработени на технички и помошни работи во судовите, судската полиција), работното искуство се заснова на основната плата (составена од образование и искуство), а пак кај носителите на јавните функции и судиите врз основа на целата плата.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1); граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека правата на вработените, меѓу кои и правото на плата, се уредуваат со закон и со колективни договори, при што тие права мораат да бидат еднакви за граѓаните независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што се обезбедува темелната вредност владеењето на правото. Еднаквоста, пак, подразбира еднакви права за граѓаните кои се наоѓаат во иста положба и различни права за граѓаните кои се наоѓаат во различна положба.

Со оглед на тоа што судските службеници, од една страна, и другите вработени во јавниот сектор, меѓу кои и вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција, од друга страна, се вработени кај ист работодавач и остваруваат средства од ист извор – Буџетот на Република Македонија, Судот оцени дека тие мора да имаат еднаков правен третман.

Имајќи предвид дека членот 41 став 3 од Законот за судска служба определува основицата за пресметување на работното искуство на судските службеници да биде дел од основната плата-степенот на образованието, во ситуација кога на другите вработени во јавниот сектор основицата за пресметување на работното искуство е основната плата составена од образованието и искуството заедно (член 18 од Општиот колективен договор за јавниот сектор), Судот утврди дека таквата законска одредба создава нееднаквост и не го обезбедува принципот на владеењето на правото. Покрај тоа, Судот оцени дека различната должина на работното искуство различно се одразува на образованието, обезбедува различно знаење и резултати во работата, поради што работното искуство треба и различно да се вреднува.

6. Судот, исто така утврди, по сопствена иницијатива, дека членот 35 став 3 од Законот за државните службеници определува основицата за пресметување на работното искуство на државните службеници да биде дел од основната плата-степенот на образованието, со што и тие вработени се ставени во нееднаква, понеповолна положба во однос на другите вработени во јавниот сектор на кои основицата за пресметување на работното искуство им е основната плата составена од образованието и искуството заедно (член 18 од Општиот колективен договор за јавниот сектор).

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.206/2008
23 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски