39/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 70 став 5 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги оспорува наведените одредби, бидејќи во истите и во другите одредби од Законот за превоз во патниот сообраќај немало одредби за тоа кога и во кои случаи контролата ја вршеле инспекторите за патен сообраќај, а кога и во кои случаи полицијата од оспорениот член 70 став 5 од Законот. Според подносителот со тоа се овозможувало да дојде до судир на надлежностите помеѓу Царинската управа, инспекторите за патен сообраќај и полицијата, односно можело да дојде до префрлување на надлежностите од еден на друг орган, што не било во ред од уставно-правен аспект. Се наведува дека ако се имале во предвид одредбите од членовите 88 став 1 алинеја 3, односно со измените и дополнувањата-алинеја 4 (“Службен весник на Република Македонија “бр. 114/2009) и 89 став 1 алинеи 6 и 7 и ставот 2 од оспорениот член 81 од Законот, ќе се заклучело дека можело да дојде до судир на надлежностите помеѓу Царинската управа и државниот инспектор за патен сообраќај, од кои причини смета подносителот, со еден закон не можело да се предвидуваат паралелни надлежности истовремено на два органа. Наведува и дека од оспорените членови 71, 72 и 81, произлегувало дека целосна контрола вршела само и исклучиво Царинската управа и нешто инспекторите за патен сообраќај, но не и полицијата, што според подносителот не било во ред.

Според подносителот на иницијативата, Царинската управа била орган во состав на Министерството за финансии, а не орган во состав на Министерството за транспорт и врски како што произлегувало од оспорените членови 71 став 2, 72 ставови 2 и 3 и 81 ставови 2 и 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, па на Царинската управа да и се определувале надлежности и според овој закон и таа за својата работа да била одговорна на Министерството за транспорт и врски, имајќи во предвид дека надлежностите на Царинската управа биле определени во специјалните и посебни закони како што се Законот за Царинската управа и Царинскиот закон и според тоа Царинската управа за својата работа можела да биде одговорна само на своето матично Министерство за финансии, а не и на Министерството за транспорт и врски , како што било предвидено со оспорените законски одредби.

Од наведените причини подносителот смета дека оспорените законски одредби не биле во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и со член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, поради што предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, со тоа што при одлучувањето да се имало предвид и одредбата од член 27 став 2 алинеја 3 од Законот за организација и работа на органите во државната управа, според која во состав на Министерството за транспорт и врски е Државниот инспекторат за транспорт, кој би бил и исклучиво надлежен да ги спроведуа оспорените законски одредби. Предлага и донесување на решение за времена мерка за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија доенесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за превоз во патниот сообраќај ги уредува условите и начинот за вршење превоз на патниците и стоки во внатрешниот и меѓународниот сообраќај. Превозот во меѓународниот сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународните договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија. Доколку со одделни држави не е склучен договор или спогодба, превозот меѓу тие држави и Република Македонија се врши во согласност со Законот за превоз во патниот сообраќај и мултилатералните меѓународни договори кои Република Македонија ги ратификувала почитувајќи го принципот на реципроцитет.

Судот, утврди и дека според оспорениот член 70 став 5 од Законот за превоз во патниот сообраќај, дозволата за меѓународен превоз на стоки мора да се наоѓа во странското возило за цело време додека се наоѓа на територијата на Република Македонија, а контролата ја вршат Царинската управа, инспекторите за патен сообраќај и полицијата

Според оспорениот член 71 од овој закон, ако странскиот превозник е од земја со која Република Македонија не склучила спогодба за меѓународен превоз на стоки, Царинската управа на граничниот премин каде што се врши царинскиот надзор, на превозникот ќе му издаде посебна дозвола со наплата на административна такса, а за издадените вакви дозволи, царинскиот орган доставува извештај до Министерството за транспорт и врски до 15-ти во месецот за изминатиот месец.

Согласно оспорениот член 72 од истиот закон, ако Царинската управа утврди дека странскиот превозник при влез или излез од Република Македонија не поседува дозвола за меѓународен превоз на стоки, а е од земја со која Република Македонија има склучено спогодба за меѓународен превоз на стоки со која е предвидено превозот да се извршува врз основа на дозволи, ќе го забрани влегувањето, односно излегувањето на возилото од територијата на Република Македонија и за тоа ќе го извести Министерството за транспорт и врски. Министерството за транспорт и врски може да го одобри движењето на возилото со издавање на посебна дозвола за која се плаќа такса согласно со прописите за административни такси. Дозволата, по добиена согласност од Министерството за транспорт и врски ја издава царинскиот орган на граничниот премин и за вакви издадени дозволи, надлежниот царински орган доставува извештај до Министерството за транспорт и врски до 15-ти во месецот за изминатиот месец.

Судот, исто така утврди дека согласно оспорениот член 81 од овој закон, Царинската управа е овластена на граничниот премин, односно на друго место каде што се врши царински надзор да проверува дали домашниот и странскиот превозник имаат дозвола и други исправи или документи, пропишани со овој закон, други прописи и меѓународни договори и дали превозникот го врши превозот во согласност со тие документи. Ако Царинската управа утврди дека странски или домашен превозник нема во возилото дозвола и другите потребни исправи или истите не ги користи на пропишан начин, ќе забрани влез на возилото во Република Македонија, односно излез од неа и за тоа ќе го извести Министерството за транспорт и врски, кое може да го одобри движењето на возилото со посебна дозвола.

Судот, утврди и дека со Законот за превоз во патниот сообраќај, определени се надлежностите на Министерството за транспорт и врски и Државниот инспекторат за патен сообраќај, кој е орган во состав на ова министерство, но и дека со овој закон се определени надлежности и на други органи кои со свои дејствија и овластувања учествуваат во спроведувањето на Законот. Конкретно, овластувањата на Царинската управа да презема и врши определени дејствија во врска со превозот во патниот сообраќај, се определени со овој закон, на што впрочем упатува и Законот за Царинската управа (“Службен весник на Република Македонија“, број 46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009 и 105/2009), во кој со членовите 9 и 10 од овој закон е пропишано дека Царинската управа работите од својата надлежност ги врши согласно со Законот за Царинската управа, Царинскиот закон, Законот за царинската тарифа и други закони со кои се уредува увозот, извозот и транзитот на стока, како и за извршување на други дејности кои што со други закони и се утврдени во надлежност на Царинската управа и дека во надлежност на Царинската управа помеѓу другото е и спроведување на царински надзор, спроведување на царинска контрола, соработка со други државни органи, соработка со странски царински управи и меѓународни организации и вршење на други надлежности пропишани со Законот за Царинската управа или со друг закон.

Понатаму, соодветно учество во спроведувањето на Законот за превоз во патниот сообраќај има и Министерството за внатрешни работи, кое согласно со членовите 89 и 90 од овој закон, во секој случај Државниот инспекторат за патен сообраќај го известува за сите мерки кои инспекторатот ги презема во врска со одземањето на сообраќајна дозвола и регистарска табличка кои во тој случај се предаваат на Министерството за внатрешни работи.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај се определени одредени надлежности и на други органи. Конкретно со членот 75 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека дозволата за вонреден превоз наместо Министерството за транспорт и врски, може да ги издава Агенцијата за државни патишта (претходно-Јавното претпријатие за одржување и заштита на јавните патишта), по прибавено мислење од Министерството за внатрешни работи, што приднесува за олеснување на процедурата при издавањето на истите и создавање на услови за побрз проток на стока, кога се работи за овој вид на превоз.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон, а според став 3 од истиот член од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 19 став 2 алинеја 2 и став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија”, број 58/2000, 44/2002 и 82/2008), во состав на Министерството за финансии е Царинската управа со својство на правно лице, а според член 27 став 2 алинеја 2 од истиот закон, во состав на Министерството за транспорт и врски е Државниот инспекторат за транспорт.

Со член 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот сообраќај.

Со членот 2 од Законот, определено е дека превозот на патници и стоки во меѓународниот сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународни договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија. Ако со одделни држави не е склучен договор или спогодба, превозот меѓу тие држави и Република Македонија се врши во согласност со овој закон и мултилатералните меѓународни договори ратификувани од Република Македонија почитувајќи го принципот на реципроцитет.

Условите за вршење на превоз во патниот сообраќај се утврдени во Глава II од Законот, каде во членот 4 е предвидено дека домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.

Според член 5 став 2 од Законот, посебните техничко-експлоатациони услови за возилата за одделни видови на превоз, ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Видовите на лиценци за вршење на одделни видови на јавен превоз се утврдени во член 7 од Законот, со кој е определено и дека формата и содржината на овие лиценци, ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Во членот 9 од Законот, определено е дека лиценцата и изводот од лиценцата за секое возило со кое ќе се врши превозот ги издава Министерството за транспорт и врски, освен лиценцата и изводот на лиценцата за општински превоз на патници и автотакси превоз на патници кои ги издава градоначалникот на општината, односно за градот Скопје градоначалникот на градот Скопје, со рок на важење од четири години. Превозникот е должен во рок од шест месеца пред истекот на важноста на лиценцата да поднесе барање за издавање на нова лиценца до надлежниот орган.

Според член 13 од Законот, Министерството за транспорт и врски е должно да води евиденција за превозниците и моторните возила регистрирани за превоз на патници и стоки во патниот сообраќај во зависност од видот на превозот. Ваквата евиденција, може да се води како централна информативна база, врз основа на податоците кои ги обезбедуваат и користат Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, надлежниот првостепен суд и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Превозот на стоки е регулиран со Глава V од Законот, каде во член 62 е предвидено дека превозот на стоки може да се врши како внатрешен и меѓународен превоз на стоки во патниот сообраќај.

Според членот 64 ставови 2 и 3 од Законот, е определено дека превозникот може да започне со вршење на превозот откако ќе добие лиценца. Превозникот е должен изводот од лиценцата секогаш да го носи во возилото. При вршење на внатрешен превоз на стока покрај изводот од лиценцата превозникот е должен во возилото да има и патен налог и товарен лист. Формата и содржината на товарниот лист за внатрешниот превоз на стока го пропишува министерот за транспорт и врски.

Според член 66 од Законот, домашен превозник може да врши меѓународен превоз на стоки ако претходно има добиено лиценца за меѓународен превоз на стоки. Покрај изводот од лиценцата во возилото превозникот мора да има патен налог, меѓународен товарен лист и дозвола за меѓународен превоз на стока доколку таа се бара согласно со меѓународната спогодба или договор за превоз на патници и стока во патниот сообраќај склучена меѓу Република Македонија и земјата до, од или преку чија територија се извршува превозот (поединечни дозволи). Меѓународниот превоз на стоки може да се врши и врз основа на дозволи од мултилатералната квота на дозволи од Европската конференција на министрите за транспорт (ЕКМТ). Според рокот на важење ЕКМТ дозвола може да биде месечна со важност од 30 дена и годишна, со важност од една календарска година.

Според член 67 од Законот, Министерството за транспорт и врски ги добива дозволите за меѓународен превоз на стоки од надлежниот орган на другата земја врз основа на склучена меѓународна спогодба. Годишните мултилатерални дозволи (ЕКМТ) Министерството за транспорт и врски ги добива од Секретаријатот на Европската конференција на министрите за транспорт.

Според член 68 од Законот, распределбата на дозволите од членот 67 на овој закон ја врши Министерството за транспорт и врски. Распределбата и дистрибуцијата на дозволите се врши по електронски пат врз основа на критериуми утврдени со овој член, а начинот на распределба, дистрибуција и ревизија на искористеност на дозволите за меѓународен превоз на стока согласно со критериумите од ставот 2 на овој член ги пропишува Владата на Република Македонија.

Според член 69 став 1 од Законот, дозвола за меѓународен превоз на стока може да добие превозник кој има лиценца за вршење на меѓународен превоз на стоки и кој ги исполнува критериумите пропишани во членот 68 став 2 на овој закон. Барањето за добивање на дозвола се поднесува до Министерството за транспорт и врски.

Според член 70 став 1 од Законот, странски превозник регистриран во земјата со која Република Македонија има склучено спогодба за меѓународен превоз на стоки во патниот сообраќај врши меѓународен превоз на стоки во Република Македонија врз основа на дозвола за превоз на стоки издадена од Министерството за транспорт и врски, ако со меѓународната спогодба не е предвидено превозот да се врши без дозвола, а според ставот 2 од истиот член, Министерството за транспорт и врски, дозволите за меѓународен превоз на стока му ги предава на надлежниот орган на земјата во која странскиот превозник е регистриран.

Според член 70 став 5 од Законот, дозволата за меѓународен превоз на стоки мора да се наоѓа во странското возило за цело време додека се наоѓа на територијата на Република Македонија, а контролата ја вршат Царинската управа, инспекторите за патен сообраќај и полицијата.

Според член 71 став 1 од Законот, ако странскиот превозник е од земја со која Република Македонија не склучила спогодба за меѓународен превоз на стоки, Царинската управа на граничниот премин каде што се врши царинскиот надзор, на превозникот ќе му издаде посебна дозвола со наплата на административна такса. За издадените дозволи од ставот 1 на овој член царинскиот орган доставува извештај до Министерството за транспорт и врски до 15 во месецот за изминатиот месец.

Според член 72 од Законот, ако Царинската управа утврди дека странскиот превозник при влез или излез од Република Македонија не поседува дозвола за меѓународен превоз на стоки, а е од земја со која Република Македонија има склучено спогодба за меѓународен превоз на стоки со која е предвидено превозот да се извршува врз основа на дозволи, ќе го забрани влегувањето, односно излегувањето на возилото од територијата на Република Македонија и за тоа ќе го извести Министерството за транспорт и врски. Министерството за транспорт и врски може да го одобри движењето на возилото со издавање на посебна дозвола за која се плаќа такса согласно со прописите за административни такси. Дозволата од ставот 2 на овој член по добиена согласност од Министерството за транспорт и врски ја издава царинскиот орган на граничниот премин. За издадените дозволи од ставот 3 на овој член надлежниот царински орган доставува извештај до Министерството за транспорт и врски до 15 во месецот за изминатиот месец.

Со членот 75 став 2 од Законот, пропишано е овластување на Агенцијата за државни патишта, да издава дозвола за вонреден превоз на барање на домашниот и странскиот превозник, по прибавено мислење од Министерството за внатрешни работи.

Овластувањата на Царинската управа во врска со превозот во патниот сообраќај, се уредени во Глава VIII од Законот, каде во член 81 е утврдено дека Царинската управа, на граничниот премин, односно на друго место каде што се врши царински надзор проверува дали домашниот и странскиот превозник имаат дозвола и други исправи или документи, пропишани со овој закон, други прописи и меѓународни договори и дали превозникот го врши превозот во согласност со тие документи. Ако Царинската управа утврди дека странски или домашен превозник нема во возилото дозвола и другите потребни исправи или истите не ги користи на пропишан начин, ќе забрани влез на возилото во Република Македонија, односно излез од неа и за тоа ќе го извести Министерството за транспорт и врски. Министерството за транспорт и врски може да го одобри движењето на возилото со посебна дозвола.

Во Глава X од Законот, во зависност од тоа каде се одвива превозот, определено е дека надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на него, врши Министерството за транспорт и врски, Државниот инспекторат за транспорт преку државни инспектори за патен сообраќај, овластени инспектори за патен сообраќај на општината и овластени инспектори за патен сообраќај на градот Скопје.

Со членовите 89 и 90 од Законот, помеѓу другото е пропишано дека овластениот инспектор за патен сообраќај при вршењето на своите надлежности, одземените сообраќајни дозволи и регистарски таблици, ги предава во Министерството за внатрешни работи.

Согласно со член 9 од Законот за Царинската управа (“Службен весник на Република Македонија“, број 46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009 и 105/2009), Царинската управа работите од својата надлежност ги врши согласно со Законот за Царинската управа, Царинскиот закон, Законот за царинската тарифа и други закони со кои се уредува увозот, извозот и транзитот на стока, како и за извршување на други дејности кои што со други закони и се утврдени во надлежност на Царинската управа.

Според член 10 од истиот закон, во надлежност на Царинската управа помеѓу другото е и спроведување на царински надзор, спроведување на царинска контрола, соработка со други државни органи, соработка со странски царински управи и меѓународни организации и вршење на други надлежности пропишани со Законот за царинската управа или со друг закон.

Подносителот во иницијативата, не наведува конкретни, јасни и прецизни аргументи, односно воопшто не дава аргументи за оспорување на наведените одредби. Имено, истиот, ги оспорува одредбите тргнувајќи од претпоставки за евентуален можен судир на надлежностите односно за еветуално преклопување на надлежностите на Царинската управа, државните инспектори за патен сообраќај и на полицијата, дека Законот не содржел одредби кои требало да ги содржи, односно дека Законот содржел одредби кои не требало да ги содржи. Воедно, според иницијативата, Законот не требало да ја содржи Главата VIII и членот 81, кој се однесува на овластувањата на Царинската управа, бидејќи не била орган во состав на Министерството за транспорт и врски.

Тргнувајќи од уставно-правната анализа на оспорените одредби, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, кои не содржат конкретни аргументи, Судот, утврди дека во конкретниот случај подносителот еднострано ги изнесува наводите со сопствени претпоставки дека Законот не бил во согласност со Уставот. Имено, подносителот не водел сметка дека одредбите во еден закон се комплексно поврзани меѓу себе, како и дека одредбите на еден закон се комплексно поврзани со други закони. Таа меѓусебна синхронизираност на законските одредби, бара и нивно комлексно согледување при нивната анализа и фактичка примена. Меѓусебната согласеност на законите не е во надлежност на Уставниот суд кој има надлежност да врши оценка на согланоста на законите со Уставот и на согласноста на другите прописи со Уставот и со законите. Оттука, законските решенија од оспорените одредби, не можат да се проблематизираат од уставен аспект од наводите изнесени во иницијативата, за кои очигледно е дека оспорените одредби се разгледувале изолирано, надвор од целината на Законот за превоз во патниот сообраќај и надвор од Законот за Царинската управа и другите закони во правниот поредок во Република Македонија. Ова дотолку повеќе што овој суд нема надлежност да цени што Законот според подносителот на иницијативата би требало да содржи. Судот, нема надлежност да цени судир на надлежности помеѓу органи на државната управа, ниту за евентуален судир, бидејќи овој вид на прашања не се во надлежност на Уставниот суд, туку на Владата на Република Македонија која согласно со член 54 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, одлучува за спорните прашања во врска со надлежностите помеѓу органите на државната управа.
Бидејќи, подносителот со иницијативата ги оспорува нацедените одредби како спротивни на Уставот, овој суд се впушти во уставно-правна анализа на оспорените одредби, од аспект на уставниот основ за дадените надлежност и овластувања на Царинската управа.

Од анализата на уставните и законски одредби, произлегува дека, органите на државната управа, а со тоа и нивните органи во состав, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите. Тргнувајќи од наведеното, надлежностите и овластувањата на Царинската управа се утврдени со закон односно со член 9 од Законот за Царинската управа, со кој е пропишано дека надлежностите на Царинската управа како орган во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице, се определени со Законот за Царинската управа, Царинскиот закон, Законот за царинската тарифа и други закони со кои се уредува увозот, извозот и транзитот на стока, како и за извршување на други дејности кои што со други закони и се утврдени во надлежност, а според член 10 од истиот закон, во надлежност на Царинската управа помеѓу другото е и спроведување на царински надзор, спроведување на царинска контрола, соработка со други државни органи, соработка со странски царински управи и меѓународни организации и вршење на други надлежности пропишани со Законот за царинската управа или со друг закон.

Во оваа насока, определни надлежности на Царинската управа, можат да бидат уредени и со други закони, во случајов со Законот за превоз во патниот сообраќај, конкретно со одредбите кои се оспоруваат со оваа иницијатива. Оттука, покрај околноста што Министерството за транспорт и врски, а како негов орган во состав и Државниот инспекторат за патен сообраќај, се најповикани органи на државната управа за спроведување на овој закон, заради ефикасно и целосно покривање на прашањата поврзани со дејноста превоз во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, Законот дава можност и право и други органи со свои дејствија, односно надлежности и овластувања, да делуваат во спроведувањето на Законот за превоз во патниот сообраќај. Во случајов, законодавецот водел сметка за распределените надлежности на сите органи вклучени во спроведувањето на Законот, на начин што определил конкретни надлежности за сите органи.

Со Законот јасно се пропишани надлежностите на Министерството за транспорт и врски како ресорно министерство за спроведување на овој закон, кое помеѓу другите работи ги пропишува посебните технички-експлоатациони услови за возилата за одделни видови на превоз, ги издава лиценците за вршење на одредени видови на превоз во патниот сообраќај како и дозволите за превоз со кој се дозволува пристап на патиштата и возење по нив, право за одземање и ставање вон сила на дозволата и одредување привремена забрана на пристап на патиштата на територијата на Република Македонија и врши други работи определени со овој закон. Исто така, со овој закон се пропишани и надлежностите на Државниот инспекторат за патен сообраќај кој е орган во состав на Министерството за транспорт и врски, кој врши надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на него, меѓутоа Законот со оспорениот член 70 став 5, дал овластување, контролата на потребната документација за вршење на превозот, покрај инспекторите за патен сообраќај, да можат да ја вршат Царинската управа и полицијата, а исто така и во останатите одредби од оспорените членови 71, 72 и 81 од овој закон, утврдени се одредени надлежности и овластувања на Царинската управа, за што не постојат уставни пречки за такво законско решение.

Во контекст на наведеното, соодветно учество во спроведувањето на Законот за превоз во патниот сообраќај, има и Министерството за внатрешни работи, кое согласно со овој закон, во секој случај се известува од страна на Државниот инспекторат за патен сообраќај за сите мерки кои инспекторатот ги презема во врска со одземањето на сообраќајна дозвола и регистарска табличка кои во тој случај се предаваат на Министерството за внатрешни работи.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај, се определени одредени надлежности и на други органи. Конкретно со членот 75 од Законот според кој, помеѓу другото е предвидено дека дозволата за вонреден превоз наместо Министерството за транспорт и врски, да може да ги издава Агенцијата за државни патишта (претходно-Јавното претпријатие за одржување и заштита на јавните патишта), по прибавено мислење од Министерството за внатрешни работи, што приднесува за олеснување на процедурата при издавањето на истите и создавање на услови за побрз проток на стока, кога се работи за овој вид на превоз.

Имајќи ја предвид содржината на одредбите со кои се регулира инспекцискиот надзор кои го вршат државните инспектори за патен сообраќај и овластените инспектори за патен сообраќај на општините односно на градот Скопје, Судот утврди дека во конкретниот случај нема можности за предизвикување на судир на надлежностите кои со одредбите од овој закон се дадени на Царинската управа, бидејќи во Законот јасно е пропишано дека Царинската управа оваа контрола ја врши на граничните премини каде што се врши царински надзор и на други места каде што се врши царински надзор, додека инспекторите за патен сообраќај, ваквата контрола односно надзор, ја вршат низ патиштата на Републиката во меѓуопштинскиот, посебниот линиски превоз на патници меѓу две и повеќе општини и меѓународниот превоз на патници и превозот на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај. Ова дотолку повеќе што, Царинската управа, има секојдневна комуникација со превозниците, а особено на граничните премини преку кои се обавуваат меѓународните превози, поради што има можност да утврди дали определен домашен или странски превозник, има соодветна документација, пропишана со закон, за да може легално да го обавува конкретниот превоз. При тоа, во Законот за превоз во патниот сообраќај е определено ограничено право на Царинската управа, односно доколку овој орган се посомнева во валидноста на исправите или доколку утврди дека превозникот нема определена исправа, за тоа да го извести Министерството за транспорт и врски кое донесува конечна одлука за пропуштањето на возилото.

Од сите напред наведени причини, Уставниот суд утврди дека не постои уставна пречка со Законот за превоз на патниот сообраќај да се утврдат определени надлежности и овластувања на Царинската управа, особено имајќи го предвид фактот дека материјата која се уредува со овој закон, бара соработка и вклучување и на други органи во функција на комплексно и целосно опфаќање и реализирање на прашањата кои Законот ги регулира, поради што оцени дека законските решенија содржани во оспорените одредби, се во согласност со цитираните одредби од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот, утврди дека во конкретниот случај не постои основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за превоз во патниот сообраќај.

5. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 39/2009
9 декември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски