257/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 2 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 32, член 33 став 3 и член 50 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).

2. Александар Радевски и група инжинери од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби не биле во согласност со Уставот, бидејќи со овие одредби се одземале стекнатите права на голем број на архитекти и инжењери, особено инжењери од градежната струка и истите биле принудени да добиваат нови лиценци за работа со што биле изложени на непредвидени финансиски трошоци.

Во останатиот дел од појаснувањето на иницијативата подносителите на иницијативата предлагаат и нова содржина на членот 32 од Законот.

По однос на членот 33 став 3 и членот 50 од Законот, подносителите на иницијативата сметаат дака во набројувањето на видовите на проекти била испуштена многу важна област која ги содржела најкрупните проекти како што биле хидротехничките проекти и објекти по категории.

Подносителите сметаат дека на овој начин им биле одземени овластувањата, односно можноста за интелектуално и креативно творештво кое еднаш било стекнато и останувало за цел живот и дека овие одредби поради овие причини, биле во спротивност и на членовите 30 и 47 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 32 од Законот, за вршење работи на: изработка на проектна документација, ревизија на проекти, надзор над изградбата неопходно е овластување од Комората (став 1). Согласно ставот 2 на овој член од Законот, овластувањето Б се добива од Комората, за градби од трета и четврта категорија од членот 50 на овој закон, со важност од седум години и со можност за негово продолжување. Во ставот 3 е предвидено дека овластување А за градби од прва и втора категорија од членот 50 на овој закон се добива од Комората, по најмалку пет години од добиеното овластување Б од ставот 2 на овој член. Овластување А е со важност од пет години, со можност за негово продолжување. Според ставот 4 на овој член од Законот, за добивање на овластувањето од ставовите 2 и 3 на овој член се плаќа надоместок. Согласно ставот 5 на истиот член, начинот за издавање, продолжување и одземање на овластувањето од ставовите 2 и 3 на овој член, како и формата и содржината на образецот за овластување А и овластување Б и висината на надоместокот за добивање на овластување од ставот 4 на овој член, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Судот на седницата, исто така, утврди дека според членот 33 од Законот, проектната документација претставува севкупност на меѓусебно усогласени студии, проекти, елаборати, анализи, експертизи и друга документација, со која се утврдува концепцијата и се дефинира техничкото решение на градбата, се разработуваат условите и начините на изградбата и се обезбедуваат нејзината технолошка функција, предвидената трајност и услови за употреба. Во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека според нивото на изработка проектот може да биде: 1) идеен проект; 2) основен проект; 3) изведбен проект; 4) проект на изведена состојба и 5) проект за употреба и одржување на градбата. Во ставот 3 на овој член од Законот е предвидено дека според намената проектот може да биде: 1) архитектонски; 2) градежен (статика); 3) електротехнички; 4) сообраќаен; 5) термотехники и 6) други проекти и елаборати во зависност од намената на градбата. Согласно ставот 4 на овој член од Законот, проектите од ставовите 2 и 3 на овој член се изработуваат согласно со стандардите и нормативите за проектирање и други технички прописи, со кои се утврдуваат основните параметри при проектирањето од областа на: архитектонското обликување на градбите, јавни патишта, водостопански градби, засолништа и слично. Стандардите и нормативите за проектирање од ставот 4 на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 5).

Судот на седницата понатаму утврди дека според член 50 став 2 од Законот, градбите според видот се: високоградби, нискоградби и хидроградби. Овие градби според нивната специфичност, намената, сложеноста на конструктивниот систем и техничко- технолошките услови се определуваат во категории и тоа:
1) Градби од прва категорија се нуклеарна градба, термоцентрала, центар за истражување, телекомуникациски систем, нафтовод, магистрален гасовод и продуктовод, автопат, магистрален пат и главна пруга, аеродром, хидроелектрана над 10 МВт, далновод со напонско ниво над 110кВ, депонија за опасен отпад и друго;

2) Градби од втора категорија се градби наменети за вршење на функциите на државата, градби на дипломатски, конзуларни претставништва, како и организации и специјализирани агенции на ОН и Советот на Европа, градба наменета за високо образование, градба наменета за терцијална здравствена заштита, регионален пат, граничен премин, хидроелектрана од 2 до 10 МВт, трафостаница над 10 Кв, далновод до 110 кВ, разводна градска гасоводна мрежа, жичара, градба за одбрана и заштита, регионален водоснабдителен и водостопански систем, опсерваторија и друго;

3) Градби од трета категорија се градба наменета за основно и средно образование, градба наменета за спортски дејности (сала), градба од областа на културата, градба од верски карактер, градба наменета за примарна и секундарна здравствена заштита, градба наменета за социјална заштита, стопанска и индустриска градба, угостителска градба, деловна, станбено-деловна и станбена градба со висина над три нивоа, локален пат и улици, локална пруга, хидроелектрана до 2 МВт, локална градска гасоводна мрежа, ски-лифт, локален водоснабдителен и канализационен систем со пречистителна станица, водостопанска градба, депонија за комунален отпад и друго;

4) Градби од четврта категорија се станбена и деловна градба до три нивоа висина, градба за мало стопанство со висина до две нивоа, трафостаница до 10 кВ и друго и

5)Градби од петта категорија се семејна куќа, меморијален споменик и спомен обележје, приземна стопанска градба во стопански двор, киоск и друга градба со монтажна конструкција, спортски терен кој со својата површина е поставен рамно на теренот (игралиште за фудбал, тенис и слично) и друго.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот, градбите по одделни категории од ставот 1 на овој член, поблиску ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во претходната постапка се утврди дека Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 28 октомври 2009 година го донесе Законот за градење (“Службен весник на Република Македонија” бр.130/2009) од 28 октомври 2009 година).

Согласно член 172 од овој закон, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 82/2008 и106/2008), а согласно членот 173 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Новиот Закон за градење влегол во сила на 3 ноември 2009 година.

Иницијативата првобитно до Судот е поднесена на 15 октомври 2009 година, а појаснувањето на иницијативата е заведено на 4 ноември 2009 година.

Од утврдената фактичка состојба Судот утврди дека оспорените одредби од Законот не се повеќе во правниот поредок, односно дека тие престанале да важат со влегувањето во сила на новиот Закон за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2009). Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека престанокот на важење на оспорените одредби претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата, и дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.257/2009
2 ноември 2009 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски