У.бр.259/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 157 од Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.91/2008).

2. Тито Петковски, Соња Мираковска и Горан Мисовски пратеници од Нова Социјалдемократска партија од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 157 од Деловникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 2 и член 62 од Уставот на Република Македонија како и со член 2 и член 10 од Законот за пратеници. Ова затоа што пратениците кои не биле членови на пратенички групи немале право и немале можност да го изнесат своето мислење по предлог на закон на кој начин тие биле дискриминирани во однос на пратениците членови на пратенички групи. Имено, од одредбите на Уставот и Законот за пратениците, произлегувало дека суверенитетот на Република Македонија го имаат граѓаните и дека секој пратеник е претставник на граѓаните и тој е должен да учествува во работата и одлучувањето на Собранието. Според тоа, еден пратеник без разлика на тоа дали е член или не на пратеничка група, имал уставно и законско право како претставник на граѓаните активно да учествува и да дава свое мислење за предлози на закони и на оние седници на Собранието, кога не се одржува општ претрес во смисла на член 157 од Деловникот. Со други зборови, не можело правата и должностите на пратениците, да се условуваат со тоа дали истите се членови на пратеничка група или не се. Според Уставот и Законот за пратеници сите пратеници имале еднакви права и должности во работата и одлучувањето на Собранието.

3. Судот на седницата утврди дека според член 157 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија „ако не се одржи општ претрес по предлогот на законот, претставниците на пратеничките групи можат да го изнесат мислењето на пратеничката група по предлогот на законот на седница на Собранието на почетокот на претресот“, а според став 2 излагањето не може да трае повеќе од десет минути.

4. Според член 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Според членот 2 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните во Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, а според ставот 2 на овој член организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Според член 62 став 1 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Согласно ставот 2 на овој член, пратениците се избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

Според член 62 став 3, пак, од Уставот пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.

Според членот 66 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, Собранието е во постојано заседание и работи на седници кои ги свикува претседателот на Собранието, а според ставот 4 на овој член, Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно членот 1 од Деловникот, со него се уредуваат организацијата и функцијата на Собранието на Република Македонија и на работните тела на Собранието.

Во Глава III „Права и должности на пратениците“ односно во членовите од 29 до 59 од Деловникот на Собранието се уредени прашањата кои се однесуваат на: присуство на седница и учество во работата на Собранието, пратенички групи, право на информирање на пратениците и обезбедување на услови за вршење на функцијата пратеник, пратенички прашања, интерпелација, чување на тајна, имунитет на пратениците, престанок и одземање на мандатот на пратениците.

Во членот 33 од Деловникот е утврдено дека во Собранието се основаат пратенички групи. Пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или повеќе политички партии.

Според членот 29 од Деловникот, пратеникот има право и должност да присуствува на седници на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.

Во Глава IX „Донесување на закони и други акти“ од Деловникот односно во членовите 132 до 166 е пропишано дека законите и другите акти во Собранието и во работните тела се разгледуваат и донесуваат во редовна постапка кое опфаќа три читања.

Предлогот на законот, поднесен од овластен предлагач (Влада, пратеник или најмалку 10.000 избирачи) се поднесува до претседателот на Собранието, кој веднаш или најдоцна во рок од три работни дена од денот на поднесувањето го доставува до пратениците во писмена форма или електронска форма со што започнува законодавната постапка.

Најмалку 15 пратеници во рок од седум дена од денот на добивањето на предлогот на законот можат да поднесат барање, Собранието да одржи општ претрес.

Ако барањето од ставот 1 на овој член не е поднесено завршува првото читање (член 139).

Според член 157 од Деловникот, ако не се одржи општ претрес по предлогот на законот, претставниците на пратеничката група можат да го изнесат мислењето на пратеничката група по предлогот на законот на седница на Собранието на почетокот на претресот во фазата на второто читање. Излагањето не може да трае повеќе од десет минути.

Од наведените уставни одредби произлегува дека уставотворецот определувајќи се за граѓански суверенитет што јасно произлегува од членот 2 на Уставот, според кој во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и дека граѓаните власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, Собранието на Република Македонија го дефинира како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавна власт.

Статусните прашања на овој орган на државната власт се уредени со Уставот, а организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Деловник на Собранието кој претставува основен правен акт со цел да се уреди организацијата, да се уредат основните елементи на работа и постапката преку кои Собранието ги остварува своите функции и надлежности.

Следователно на наведеното, со Деловникот на Собранието се уредени прашањата кои се однесуваат на правата и должностите на пратеникот да учествува во работата и одлучувањето на Собранието, односно во постапката за донесување на законите како едно од неговите основни надлежности.

Судот, исто така, ја имаше во предвид и околноста дека со Деловникот е воведен институтот пратенички групи, при што пратеничка група ја сочинуваат најмалку пет пратеници кои припаѓаат на една или повеќе партии и дека тие имаат определена положба дури и кога се работи за учество во работата на Собранието во постапката за донесување на закони. Меѓутоа, основањето на пратеничка група е дадено како можност, а не како обврска за пратеникот, имајќи предвид дека во Собранието се избрани и пратеници претставници на граѓаните кои не припаѓаат на ниедна партија која е застапена во него, а сепак и тие во принцип имаат исти права како и секој друг пратеник.

Во смисла на наведеното, не би требало да се проблематизира различната положба на пратеничката група и поединецот пратеник, на пример од аспект на должината на траењето на неговиот говор, затоа што пратеничката група зборува во име на повеќе пратеници, а пратеникот поединечно. Меѓутоа, во иста смисла прашање е дали разликата помеѓу пратениците може да оди до степен да го исклучи пратеникот од можноста да учествува по претресот на предлог на законот само поради тоа што не е член на пратеничка група и дали таквото ограничување е соодветно на функцијата и статусот на пратеник согласно Уставот.

Според тоа, кога Деловникот утврдил дека на седница на Собранието се отвора претрес, тогаш право на учество на претресот мора да има секој пратеник и не може да се исклучи од тоа право пратеникот кој не е член на пратеничка група. Сосема е друго прашањето на времетраењето на дискусијата, од аспект на тоа дали пратеникот зборува во име на пратеничката група или зборува во свое име.

Поаѓајќи од наведеното, а прифаќајќи го концептот на Деловникот на Собранието за воведување на пратенички групи и утврдување на нивната положба, сепак со основ се поставува прашањето дали пратеникот кој е избран на непосредни избори и на кој граѓаните му го пренеле суверенитетот, може да биде исклучен од можноста да го изнесе своето мислење по предлог на законот за кој не е одржан општ претрес, само поради фактот што тој не е член на пратеничка група.

Со оглед на наведеното, а имајќи ги предвид наведените уставни одредби, анализата на Деловникот на Собранието наспрема наводите во иницијативата и содржината на оспорениот член, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за неговата согласност со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.259/2008
18 ноември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски