Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување на уставноста на член 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 101/2005, 70/1996, 153/2007, 152/2008 и 161/2008).
2. . Стамен Филипов од Скопје, Предраг Симовски од Скопје, Иван Соколов, Владимир Борозанов, Методи Чепреганов, Илија Џонов, Ѓорѓи Чадловски, Петар Пемов и Владимир Спасов, сите од Скопје, Петре Стојановски од Скопје, Никола Прелиќ од Скопје, Здружение на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија – Скопје, Љубомир Маљцев од Скопје и Димитар Тодоровски, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативите, со оспорената одредба од Законот се напуштило претходното законско решение според кое на корисникот на пензија додека бил во работен однос или вршел дејност со полно работно време, со половина од полното работно време или со помалку од половината на работното време му се исплатувале 30%, 50% и 70% од пензијата, меѓутоа ваквото поволно решение кое постоело и во други земји, сега било изменето со оспорената одредба од Законот и се предвидувало да се запре исплатата на пензија на корисникот додека бил во работен однос или додека вршел самостојна дејност во Република Македонија или странство. Ова законско решение било неповолно за корисниците на пензија, а воедно и не било согласно со членот 6 став 1 од истиот Закон, според кој правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права кои не можеле да се пренесуваат на други лица, и не можеле да се одземат од корисникот.
Според иницијативите со оспорената одредба од Законот се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните кои биле корисници на пензија, а кои паралелно биле и во работен однос или вршеле самостојна дејност во Република Македонија или во странство, бидејќи пензионерите таквото делување го планирале во рамки на своите финансиски интереси и поволности на важечкото законско решение а кое потоа со оспорената законска одредба се изменило и ги довело во неповолна ситуација бидејќи им се запрела исплатата на пензијата, што била од нив остварена и заслужена и претставувала веќе стекнато и неотуѓиво лично материјално право.
Понатаму, договорот за вработување на определено време, договорот за вработување на сезонска работа, посебните договори од членот 252 од Законот за работните односи, договорот за дело од Законот за облигациони односи, како и договорите од Законот за трговски друштва (член 3 став 1 точки 12 и 13), според наводите во иницијативата не можеле да се подведат под поимот на „работен однос“, во смисла на оспорената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Вработените лица со договори по овие основи не би требало да бидат онеправдани и да им престане исплатата на пензијата на која биле корисници само заради вршењето на работи со договори кои немале никаква врска со стекнатото право на пензија. Правото на пензија било стекнато право и лично право загарантирано со закон, а примањата од дополнителната дејност би била оданочена по закон како и за сите вработени лица, па оттука не би требало со оспорената одредба од Законот да се попречува примањето на пензија заради вршењето на дополнителни работни дејности на корисниците на пензија.
Со оглед на наведеното со иницијативите се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 154 од Законот е предвидено: „На корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија или странство, му се запира исплата на пензијата.
На корисникот на старосна пензија може да му се определи нов износ на пензија, ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето право на старосна пензија.
Новиот износ на старосна пензија ќе се утврди според вкупно навршениот пензиски стаж и остварени плати“.
4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Судот, со Решение У.бр.47/2009 од 9 септември 2009 година, по повод поднесена иницијатива, веќе одлучувал и не повел постапка за оценување на уставноста на членот 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Од образложението на Решението на Судот меѓу другото произлегува дека: според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 34 од Уставот, на граѓаните на Република Македонија им се гарантираат правото на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а со членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.
Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување (член 1).
Согласно членот 3 на овој закон, со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, општа неспособност за работа или професионална неспособност за работа, смрт и телесно оштетување.
Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, и тоа:
1)право на старосна пензија;
2)право на инвалидска пензија;
3)професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
4)право на семејна пензија;
5)право на паричен надоместок за телесно оштетување;
6)право на најнизок износ на пензија.
Со член 6 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права и не можат да се пренесуваат на други лица. Правата од пензиското и инвалидското осигурување не можат да застарат освен пристигнатите, а неисплатените износи на пензии на други парични примања, во случаите утврдени со овој закон. Користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, остварени според овој закон може да престане или да се ограничи само во случаи и под услови предвидени со овој закон.
Правото на старосна пензија и правото на инвалидска пензија се лични права кои осигуреникот ги стекнува по основ на работа, врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност.
Услов за остварување на овие права е престанок на работниот однос поради навршување на одредена возраст на осигуреникот, условена со остварување на минимален работен стаж, односно општа неспособност за работа на осигуреникот или намалена, односно преостаната работна способност. Така, пензиското осигурување во наведените случаи претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанокот на работниот однос или по престанокот на вршење дејност или на друг со закон предвиден начин за обезбедување средства за живот.
Со членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” број 161/08), изменет е членот 154 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, така што наместо дотогашното решение според кое на корисник на пензија, додека е во работен однос или додека врши дејност во Република Македонија или работи во странство, му се исплатуваше 30% од пензијата за полно работно време, 50% за половина од полното работно време и 70% за работа помалку од половина од полното работно време, со ставот 1 од овој член законодавецот утврдил ново решение, според кое, на корисник на пензија, додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија или странство му се запира исплатата на пензијата, кое законско решение се оспорува со иницијативата. Со законското решение од членот 154 од Законот, извршено е усогласување со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на РМ” број 142/08 и 64/09), бидејќи во дефинирањето на обврзниците за плаќање на придонеси опфатени со членот 7 согласно овој закон, не постои можност корисник на пензија да биде обврзник за плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување по повторно засновање на работен однос и истовремено да користи дел од својата пензија. Но, во членот 10 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, воспоставена е можност на корисник на старосна пензија да му се определи нов износ на пензија, ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето право на старосна пензија. Новиот износ на старосна пензија ќе се утврди според вкупно навршениот пензиски стаж и остварени плати. Со ова решение дадена е можност повторниот работен однос да повлече и повторно определување на пензијата (признавање на тоа време во пензиски стаж или повторно определување на пензиската основа), бидејќи корисникот на пензија ќе биде обврзник за плаќање на придонес од задолжително социјално осигурување.
Наводите во иницијативата дека користењето на правото на пензија е еднаш стекнато право, и не можело да се укинува со друг закон кој бил понеповолен за граѓаните бидејќи според новото законско решение истите го губеле еднаш стекнатото право покрај личниот доход да примаат и дел од пензијата и дека оспорената одредба имала повратно и понеповолно дејство за корисниците на пензија пред изменувањето на Законот, според Судот се неосновани. Законското решение кое се оспорува, не се однесува на укинување на стекнато право кое корисник на пензија го остварил при повторно вработување, од причини што само правото на пензија е стекнато право и истото според новото законско решение не се губи туку времено мирува додека корисникот на пензија е во работен однос односно врши самостојна дејност. Стекнувањето и користењето на пензијата, како една од формите преку кои се обезбедува правото на социјална сигурност на граѓаните, спаѓа во корпусот на права кои произлегуваат од сферата на работните односи, кои можат да бидат ограничени или да се изгубат, но според околности и услови утврдени со Устав или со закон и со колективен договор. Уставот му дал право на законодавецот, покрај другото, да ја уреди процедурата во која се остваруваат правата од пензиско и инвалидско осигурување, а во тие рамки и процедурата за престанок или ограничување на тие права. Тоа значи дека со закон и со колективни договори се определува постапката на остварување, ограничување и губење на правата од оваа област. Со временото запирање на користење на пензијата во случај кога корисникот на пензијата ќе заснова работен однос, односно ќе врши дејност од која ќе остварува дополнителен приход, како решение утврдено во постојниот член 154 став 1 од Законот не се задира во веќе стекнатото право на пензија што значи дека тие ниту се отуѓуваат ниту се одземаат, туку, како што е предвидено во член 6 став 3 од Законот, користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување остварени според овој закон, може да престане или да се ограничи само во случај и под услови предвидени со овој закон. Ова од причина што не постои уставна пречка со закон да се предвиди на лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност, по стекнувањето право на лична пензија, а не со користење на пензијата, привремено да им мирува користењето на пензијата.
Според Судот, законското решение, со кое на пензионер додека е во работен однос, му се запира исплатата на пензијата поради тоа што остварува средства за егзистенција на друг начин (со ново работно ангажирање, за кое е задолжително осигуран по основ на пензиско и инвалидско осигурување), не излегува од уставните рамки според кои законодавецот ја уредува сферата на пензиското и инвалидското осигурување, водејќи сметка за социјалната сигурност и за социјалната правда на осигурениците, како и за обезбедување на одржлив и стабилен пензиски систем кој се заснова на начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, односно со истото не се повредуваат начелата на владеењето на правото и социјална праведност утврдени со член 8 став 1 алинеи 1 и 8 од Уставот. По однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба имала повратно дејство кое не е поповолно за лицата кои остварувале право согласно претходно пропишаната одредба од членот 154 од Законот, Судот оцени дека истите се неосновани бидејќи примената на законското решение од членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на РМ” број 161/08), со кој е изменет членот 154 од Законот, се применува после неговото донесување односно сметано од 1 јануари 2009 година, па во иднина и право на законодавецот е да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот кој важи по, а не пред неговото донесување и влегување во сила еднакво за сите корисници на пензии додека се во работен однос или додека вршат самостојна дејност во Република Македонија или странство. Повратното дејство би постоело доколку една норма би се однесувала на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, што тука не е случај, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек. Поради гореизнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 8 алинеи 3 и 8 и член 52 став 4 од Уставот, поради што одлучи како во точките 1 од ова решение“.
Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот била ценета од Уставниот суд и со наведеното Решение Судот не повел постапка за оценување на уставноста, а имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби Судот оцени дека во случајов предметните иницијативи треба да се отфрлат согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.82/2009
18 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски