У.бр.217/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 11 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Благица Моневска од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забрана на дискриминација по однос на социјална припадност.

2. Благица Моневска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барањето за заштита на слободите и правата во кое наведува дека спрема МЗТ ФОП АД Скопје, односно спрема должниковиот должник Министерство за одбрана, има парично побарување од околу 600.000 денари, утврдено за периодот 1994 до 16 јуни 2003 година и тоа врз основа на три правосилни пресуди, но како Министерството за одбрана ги извршило обврските спрема останатите доверители, освен спрема неа, а извршителот Фанија Каламатиева од Скопје не издавала налог за исплата на нејзиното побарување смета дека и е повредено уставното право на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност од членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Како акти со кои и се повредени слободите и правата се наведуваат:

– Решение ППНИ бр.103/2009 од 4 март 2009 година, донесено од претседателот на Основниот суд Скопје II Скопје,
– Решение РОЖ бр.685/2009 од 23 април 2009 година донесено од Апелациониот суд Скопје и
– Решение УПП бр.09-604 од 30 јуни 2009 година, донесено од Министерот за правда.

Како дејствија, пак, со кои и се повредени слободите и правата се наведуваат: неоправданото одбивање на Министерството за одбрана да и ги исплати паричните побарувања по основ на плати, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, регрес и слично утврдени со правосилни пресуди спрема нејзиниот работодавец МЗТ ФОП АД Скопје, односно спрема должниковиот должник Министе-рство за одбрана, како и неоправданото одбивање на извршителот Фанија Каламатиева од Скопје да издаде налог за пренос на побарувањето. Поконкретно, слободите и правата на подносителот на барањето биле повредени од страна на Министерството за одбрана поради одбивањето да и исплати огромна сума на пари, иако била во подобра позиција од останатите доверители заради постоењето на правосилни пресуди, со што Министерството покажало дискримина-торски однос. Потоа, подносителката на барањето наведува дека во извршната и судската постапка немала правично и фер судење, како и право на ефикасен правен лек, а сето тоа довело до повреда на забраната на дискриминација по социјален основ, од членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, од кои причини ги посочува Основниот суд Скопје II-Скопје, Апелациониот суд Скопје и Министерството за правда како органи што ги повредиле нејзините слободи и права.

Заради погоре опишаните повреди подносителката на барањето, бара Уставниот суд да ги поништи како неуставни, незаконити и дискриминаторски решенијата од точката 2 од појаснувањето на барањето, но за кои решенија станува збор, не може да се утврди со сигурност.

3. Судот на седницата врз основа на приложената и прибавена документација утврди дека, Основниот суд Скопје II-Скопје со Пресуда П.бр.3352/2005 од 22 ноември 2006 година делумно го усвоил тужбеното барање на тужителката Благица Моневска од Скопје и го задолжил тужениот МЗТ ФОП АД Скопје да и исплати на тужителката точно определени износи на име неиплатени плати, хранарина, регрес, испратнина и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување со законска затезна камата сметано од точно опреде-лени периоди. Пресудата станала правосилна на 25 декември 2006 година.

Врз основа на вака донесената пресуда, Благица Моневска, во својство на доверител поднела барање за спроведу-вање на извршување до извршителот Фанија Каламатиева на 14 октомври 2008 година во кое своето побарување го пренасочила кон должниковиот должник Министерството за одбрана повикувајќи се на донесена одлука ПСС бр.1498/2003 од 13 октомври 2003 година.

Постапувајќи по барањето извршителот издал налог И.бр. 438/2008 од 15 октомври 2008 година, за забрана на побарување од должниковиот должник (член 107 став 1 од Законот за извршување) во кој, меѓу другото е определено задолжение за Министерството за одбрана, како должников должник на МЗТ ФОП АД Скопје да се произнесе во рок од три дена дали и во кој износ го признава побарувањето, дали е согласен да го намири, како и дали неговата обврска за намирување е условена со исполнување на друга обврска.

По повод вака издадениот налог, Министерството за одбрана во одговорот бр.12/3-6302/3 од 20 октомври 2008 година во целост го оспорил издадениот налог, појаснувајќи дека не постоел законски и правен основ за преминување на побарувањето од должникот на должниковиот должник, бидејќи споменатото судско порамнување (ПСС.бр.1498/2003 од 13 октомври 2003 година) во целост било испочитувано со уплата на утврдениот износ со спогодбата и тоа само на име придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за сите вработени, а не за поединци, за што во постапката пред Уставниот суд се прилагаат и писмени докази. Воедно, Министерството за одбрана до претседателот на Основниот суд Скопје II-Скопје поднело приговор за отстранување на непра-вилностите при споведувањето на извршувањето по предметот И.бр.438/2008.

Со заклучок И.бр.438/2008 од 21 октомври 2008 година извршителот го запрел налогот за забрана на побарувањето од должниковиот должник.

Со оглед на тоа што Министерството за одбрана по повод издадениот налог поднело приговор до Претседателот на Основниот суд Скопје II-Скопје во кој се содржани идентични наводи како во одговорот на издадениот налог, претседателот на Судот со допис број ППНИ.бр.51/2008 од 30 октомври 2008 година побарал од изврши-телот одговор на наводите од приговорот.

Во одговор на наводите од приговорот извршителот го известил претседателот на Судот дека издадениот налог е ставен вон сила.

Претседателот на Судот со решение ППНИ.бр.551/2008 од 6 ноември 2008 година, го отфлил како беспредметен приговорот на Министерството за одбрана.

Жалба против решението изјавила доверителката Благица Моневска, во која, покрај другото, наведува дека не го добила потребниот третман на странка во постапката, како и тоа дека поднела приговор за неправилности во извршувањето од страна на извршителот од кои причини предлага жалбата да се уважи, решението да се укине и предметот да се врати на Судот на повторно одлучување.

Со решение РОЖ бр.1883/2008 од 29 јануари 2009 година жалбата е одбиена како неоснована, а решението е потврдено.

Во приговорот, пак, доверителот наведува дека не постоел основ за повлекување на налогот поради што смета дека извршителот направил неправилности при извршувањето.

Извршителот Фанија Каламатиева поднела навремен одговор на приговорот.

Со решение ППНИ.бр.590/2008 од 26 ноември 2008 година претседателот на Судот го усвоил приговорот и утврдил дека извршителот Фанија Каламатиева сторила неправилности при извршувањето бидејќи заклучокот за запирање на извршувањето (И.бр.438/2008 од 21 октомври 2008) го донела спротивно на одредбите од Законот за извршување. Со истото решение на Судот Заклучокот е ставен вон сила. Ова од причини што Судот оценил дека согласно одредбите од Законот за извршување извршителот не бил повикан да расправа за материјално-правните прашања за основа-ност на правото и слично, туку во негова надлежност било прашањето за пренос, од каде се констатирани неправилности во извршувањето.

Жалба против решението (ППНИ.бр.590/2008 од 26 ноември 2008 година) изјавил должниковиот должник, односно Министерството за одбрана во која, меѓу другото, наведува дека не постоел ниту еден доказ дека е должников должник од каде и нема негова обврска да исплати парични средства на доверителот.

Одговор на жалбата е даден од доверителот Благица Моневска.

Апелациониот суд Скопје со решение РОЖ.бр.47/2009 од 26 ноември 2008 година ја одбил како неоснована жалбата на должниковиот должник и го потврдил првостепеното решение на Судот (ППНИ.бр.590/2008 од 26 ноември 2008 година).

Со допис И.бр.438/2008 од 19 февруари 2009 година извршителот побарал информации и податоци поради спроведување на извршување од Министерството за одбрана во насока дали и во кој износ го признава забранетото побарување и дали е согласен истото да го намири.

Со допис И.бр.438/2008 од 20 февруари 2009 година извршителот побарал од Агенцијата за катастар на недвижности податок за тоа дали МЗТ ФОП АД Скопје е запишан како сопственик на недвижен имот во Република Македонија. Според дописот на Агенцијата должникот не е евидентиран како сопственик на недвижен имот.

Повторно изјавениот приговор и дополнување на приговорот од доверителот Благица Моневска, претседателот на Основниот суд Скопје II-Скопје со решение ППНИ.бр.103/2009 од 4 март 2009 година ги отфрлил како решена работа. Ова од причина што утврдил дека по приговорот Судот се произнел со решението донесено на 26 ноември 2008 година, во кое решение се дадени и напатствија на извршителот за натамошно постапување, како и тоа дека од списите произлегувало дека немало ново преземени дејствија од извршителот против кои дејствија доверителот би можел да изјави приговор.

Апелациониот суд Скопје со решение РОЖ.бр.685/2009 од 23 април 2009 година жалбата на доверителот Благица Моневска делумно ја усвоил и првостепеното решение го преиначил на начин што приговорот и дополнувањето на приговорот ги одбил како непосновани. Ова од причина што не станувало збор за неправи-лностите за кои веќе се произнел Судот, туку за неправилност напра-вена со неиздавање на налог за пренос на побарувањето за наплата, која може да биде основ за дисциплинска одговорност на изврши-телот (член 54 од Законот за извршување), а не за утврдување на неправилност (член 77 од истиот закон).

Врз основа на доставениот приговор за неправилности извршителот до Комората на извршители на 19 март 2009 година дал одговор на наводите од приговорот.

Согласно член 53 од Законот за извршување Министе-рството за правда извршило вонреден надзор во работата на извршителот Фанија Каламатиева и сочинетиот извештај од 23 март 2009 година, со допис УПП.бр.09-262 од 6 мај 2009 година го доставило до Комората на извршители. Во него е констатирано дека извршителот не ја почитувал одлуката на Судот (РОЖ.бр. 47/2009 од 29 јануари 2009 година) и не продолжил со спроведувањето на извршувањето, што е причина за преиспитување и утврдување на дисциплинска одговорност на извршителот согласно член 54 од Законот за извршување. На крајот од извештајот е содржан налог со истиот да се запознае извршителот, но не и доверителот, а Комората да го извести Министерството за натамошното постапување по извештајот.

Дисциплинската комисија при Комората на извршители со решение ДП.бр.185 од 5 мај 2009 година не повела постапка за дисциплинска одговорност на извршителот Фанија Каламатиева во врска со предметот И.бр. 438/2008. Право на жалба е дадено само по однос на извршителот, а решението е доставено до доверителот и извршителот.

Против решението на Дисциплинската комисија на Комората доверителот Благица Моневска изјавила жалба до Министерот за правда, но истата со решение УПП.бр.09-604 од 30 јуни 2009 година е отфрлена како недозволена. Министерот се раководел од содржината на членот 59 став 7 од Законот за извршување, според кој против одлуката на министерот за правда извршителот има право да поведе управен спор, што,според мини-стерот упатувало на тоа дека жалба против одлуката на Дисци-плинската комисија може да понесе само извршителот.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Репу-блика Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно алинеја 3 од истиот член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставу-вањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од цитираните уставни и деловнички одредби произле-гува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.

Од цитираните уставни одредби, исто така, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, од каде Судот не е надлежен да одлучува по барањето за заштита на правото на законито и во разумен рок судење на кое, меѓу другото, се повикува подносителката во барањето.

Уставниот суд, по однос на наводите за дискриминација, оцени дека содржат само начелно повикување на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност, а со цел долго-трајната извршна постапка да добие своја завршница како довери-телката во таа постапка би остварила намирување на побарувањето, а конкретни факти и докази на оваа околност во барањето и појаснувањето на барањето, не се содржани.

Имајќи ги предвид наводите во барањето, како и фактот што подносителката во барањето наведува голем број на акти и дејствија на надлежните органи и овластени лица со кои според неа и биле повредени слободите и правата, од целината на барањето несомнено произлегува дека е незадоволна од спората реализација на предложеното присилно извршување заради наплата на паричното побарување, од каде таквите наводи се сведуваат на барање Уставниот суд да ја преиспита работата и преземените дејствија на Министерството за одбрана, Министерството за правда, Основниот суд Скопје II-Скопје, Апелациониот суд, Комората на извршители, како и на извршителот Фанија Каламатиева, односно Уставниот суд да се стави во улога на инстанционо надлежен суд за оцена на уставноста и законитоста на донесените акти и преземените дејствија на наведените органи и лица.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на судовите и други државни органи, ниту може да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на нивните одлуки и преземени дејствија.

По однос на наводите за оценка на уставноста на член 43, член 54 и член 59 ставови 6 и 7 од Законот за извршување присутни во барањето за заштита на слободите и правата поднесено до Уставниот суд на 21 јули 2009 година Судот оцени дека подноси-телката на барањето се откажала од барањето за поведување постапка за оценување на уставноста на наведените одредби, бидејќи во појаснувањето на барањето од 14 септември 2009 година, изречно бара само заштита на слободите и правата, согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Врз основа на изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај подносителката на барањето бара судска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите и други органи, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува поради што барањето се отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.217/2009
11 ноември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски