163/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за

а) оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план на град Кичево за Ложионица – Урбан блок А, Кичево, број 07-2704/5 од 20 јули 2007 година, донесена од Советот на општина Кичево („Службен гласник на општина Кичево“ бр.9/2007), и

б) за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006, 140/2007 и 121/2009).

2. Група сопственици на станови на станбена зграда – Кула Кичево, претставувани од Саве Крстевски – Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 под а) од ова решение.

Во доставениот допис до Уставниот суд, кој е насловен како „Доставување доказ како законски основ за измена на ваше решение“, подносителите наведуваат дека Уставниот суд при донесување на Решението У.бр.112/2008 од 1 октомври 2008 година, во кое се произнел по однос на уставноста и законитоста на Одлуката, која сега повторно се посочува во доставениот поднесок, иако пред себе ја имал целокупната документација, не сакал да утврди дека известувањето до сопствениците на становите не било образложено и на станарите им било доставено по истек на подолг временски период.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека дадената согласност од Министерството за транспорт и врски била во спротивност со фактот дека Стоковната куќа – Бистра во Кичево била дивоградба и како таква не смеела да биде предмет на вцртување.

Во поднесокот, исто така, се наведува дека Уставниот суд не сакал да утврди дека оспорената Одлука за Деталниот урбанистички план биле во директна спротивност со одредбите на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и дека Уставниот суд ги немал во предвид растојанието помеѓу објектите, гаражирањето во станбената зграда – Кула, не било решено, регулационата линија, немање дворно место итн.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од оспорената Одлука е предвидено дека со оваа Одлука се донесува Детален урбанистички план за „Ложионица“ Урбан блок А во Кичево, со Предлог-планот, изготвен од ДООЕЛ „Форми“ – Битола, со тех.бр. УП.2/05/06 од мај 2006 година.

Според член 2 од Одлуката Планот од член 1 на оваа Одлука соддржи:

– Документациона основа;
– Текстуално образложение,
– Графички прилози според законски одредби,
– Стручна ревизија на Нацрт-планот изготвен од ИН ПУМА Скопје, од август 2006 година,
– Стручно мислење од Министерството за транспорт и врски бр.18-19993 од 5.12.2006 година,
– Извештај по Јавна анекта за Нацрт-планот, бр.09-227/4 од 9.02.2007 година,
– Согласност на Предлог-планот, издадена од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот во Скопје, бр.16-6951/2 од 13.07.2007 година.

Согласно член 3 од Одлуката Планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесувањето, во седум (7) примероци со потпис и печат од доносителот на Планот и се доставува до надлежните служби согласно член 27 став 4 од ЗПУП („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), еден се чува во Архивот на донесувачот на Планот, еден кај органот што го спроведува, еден во надлежниот државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работи за уредување на просторот, еден примерок се доставува до државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Државениот завод за геодетски работи и седмиот примерок се изложува во Одделението за комунални дејности при општина Кичево заради достапност на јавноста.

Според член 4 од истата Одлука Планот ќе го спроведува Одделението за урбанизам и заштита на животната средина на општина Кичево.

Според член 5 од Одлуката примерок од оваа Одлука се доставува до: Општина Кичевво-Одделение за комунални дејности, Одделение за урбанизам и заштита на животната средина на општина Кичево и до Министерството за транспорт и врски-Скопје, Сектор за уредување на просторот Скопје.

Согласно член 6 од Одлуката, Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кичево“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македнија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основа за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.112/2008 од 1 октомври 2008 година, не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за „Ложионица“ Урбан блок А – Кичево 2006-2011, број 07-2704/5 од 20 јули 2007 година, донесена од Советот на општина Кичево, од што произлегува дека оспорената Одлука била предмет на оценување по однос на нејзината согласност со Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно Уставниот суд ја ценел постапката за нејзиното донесување, по кое зазел став дека истата е донесена во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. При тоа, Судот оценил дека постапката за донесување на Детален урбанистички план за „Ложионица“ – Кичево Урбан блок А, била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи во постапката за изготвување и донесување на оспорената Одлука за Деталниот урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во овој закон за што Уставниот суд има надлежност поради што не го поставил прашањето за нејзината согласност со одредбите од Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

По однос на наводите истакнати во сега доставениот поднесок дека известувањето до сопствениците не било образложено ниту доставено во одреден временски период, како и наводот дека дадената согласност од Министерството за транспорт и врски го негирала фактот дека Стоковната куќа – Бистра во Кичево е дивоградба, поради што истата не смеела да биде вцртана во оспорениот Детален урбанистички план, Судот оцени дека не постојат основи за поинакво одлучување од утврдените при донесување на горенаведеното решение. Имено, со оглед на тоа што оспорената одлука била предмет на оценување од наведениот аспект за кој Уставниот суд е надлежен да одлучува, односно да постапува, а нема основи за поинакво одлучување, според Судот, во целост се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, пропишана во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Во однос на наводите, истакнати во поднесокот дека оспорената Одлука не била во согласност со одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, исто така, Судот ги отфрли, од причина што Уставниот суд нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на актите од ист правен ранг, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 под а) и б) од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на точката 1 под а) решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.163/2009
11 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски