Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 ноември 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 53 ставовите 2 и 3 и член 55 ставовите 3 и 4 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998 и 29/2007).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените членови од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 6, член 20 ставовите 1 и 2, член 30 ставовите 1 и 3, член 51 став 1, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што од оспорените одредби не можело да се заклучи кое е тоа соодветно министерство што ќе го определи здружението на граѓани на кое ќе преминат имотот и средствата што останувале по намирување на обврските со престанокот на здружението односно фондацијата. Според подносителот несватливо било зошто според оспорената одредба од член 55 став 3 од Законот средствата се пренесувале на здружение, а не на определена фондација како што требало да биде, што значело дека оспорените одредби биле нејасни, непрецизни и излишни.
Тоа што е најбитно во конкретниов случај со имотот и средствата на здружението не можело да располага и одлучува соодветно министерство, а против жалбата на таквото решение да одлучува комисија при Владата на Република Македонија бидејќи за тоа постоеле надлежни судови како што тоа било предвидено во член 52 ставовите 4 и 5 и член 54 став 4 од истиот закон.
Понатаму, подносителот смета дека оспорените законски одредби биле неодржливи од уставно правен аспект, особено по донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженијата на граѓаните и фондации („Службен весник на Репубика Македонија“ бр.29/2007),односно со дополнувањето на членот 52 ставот 4 и членот 54 ставот 4 со кои се уредува прашањето за тоа што во случаите кога не можат да се исполнат условите утврдени во статутот на здружението, односно фондацијата за начинот на користење и поделба на имотот на здружението..
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 53 став 2 од Законот „Во случаи во кои не можат да се исполнат условите утврдени со статутот за начинот на користење на имотот и средствата што остануваат по намирување на обврските со престанокот на здружението на граѓани, имотот и средствата преминуваат во здружение на граѓани кое ќе го определи соодветното министерство.
Според оспорениот став 3 на член 53 од Законот, против решението од став 2 на овој член може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија.
Во оспорениот член 55 став 3 од Законот е предвидено: „Во случаи во кои не можат да се исполнат условите утврдени со статутот за начинот на распределбата на средствата што остануваат по намирување на побарувањата со престанок на „функцијата“ треба да стои фондацијата, средствата се пренесуваат на здружение на граѓани кое ќе го определи соодветното министерство.
Според оспорениот став 4 на наведениот член „против решението од ставот 3 на овој член може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија“.
5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (став 1). Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (став 2). Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост (став 3). Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија (став 4).
Според членот 2 од Законот за здруженија на граѓани и фондациите, („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998 и 29/2007), граѓаните слободно можат да се здружуваат во здруженија на граѓани и да основаат фондации заради остварување и заштита на економски, социјални, културни, научни, стручни, технички, хумани-тарни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и законот (став 1). Здруженијата на граѓани и фондациите се непрофитни организации (став 2). Ако во работењето на здруженијата на граѓани и фондациите се оствари добивка, таа мора да биде употребена исклучително за поддржување и остварување на нивните цели и активности утврдени со статутот (став 3).
Здруженијата на граѓани и фондациите се правни лица кои овој статус го стекнуваат со упис во регистарот на здруженија на граѓани и фондации кој се води во Централниот регистар и тие не можат да се трансформираат во други видови на правни лица.
Според член 20 од Законот, статутот на Здружението покрај другото, содржи одредби кои се однесуваат на стекнувањето и располагањето со имотот, престанок на здружението на граѓани како и постапување со имотот на здружението на граѓани во случај на престанок на здружението, а според член 37 од законот, во статутот на фондацијата покрај другото треба да е уредено прашањето за пренос на имотот на фондацијата во случај на престанок со работа.
Во делот 2 „Престанок на здруженија на граѓани и фондации“ односно во член 52 став 1 од Законот се утврдени случаи кога здружението на граѓани престанува.
Според ставот 2 на овој член лицето кое го застапува здружението на граѓани е должен за околностите од став 1 на овој член да го извести Централниот регистар во рок од 15 дена по нивното настапување.
Според став 3 на наведениот член „врз основа на известувањето од ставот 2 на овој член Централниот регистар донесува решение за бришење на здружението на граѓани од Централниот регистар.
Во ставот 4, пак, од наведениот член е предвидено дека: „Врз основа на решението од ставот 3 на овој член, во случаи во кои не можат да се исполнат условите утврдени со статутот за начинот на користење и поделба на имотот на здружението, заинтересираното лице поведува постапка пред надлежниот суд за начинот на кој ќе се користи имотот на здружението“.
Во членот 53 став 1 од Законот е предвидено дека по престанокот на работата на здружението на граѓани имотот и средствата се користат на начин утврден во статутот на здружението на граѓани.
Во оспорениот став 2 на член 53 од Законот е предвидено дека во случаи во кои не можат да се исполнат условите утврдени со статутот за начинот на користење на имот и средствата што остануваат по намирување на обврските со престанок на здружението на граѓани, имотот и средствата преминуваат во здружението на граѓани кое ќе го определи соодветното министерство.
Според оспорениот став 3 на член 53 од Законот против решението од став 2 на овој член може да се поднесе жалба до комисијата на Владата на Република Македонија.
Во членот 54 став 1 од Законот се утврдени случаите на престанок на фондацијата, при што според став 2 на овој член лицето кое ја застапува фондацијата е должно за околностите од ставот 1 на овој член да го извести Централниот регистар во рок од 15 дена по нивното настапување.
Според ставот 3 на овој член, врз основа на известувањето на ставот 2 на овој член Централниот регистар донесува решение за бришење на фондацијата од Централниот регистар.
Во ставот 4 на наведениот член е предвидено дека „врз основа на решението од ставот 3 на овој лен, во случаи во кои не можат да се исполнат условите со статутот за начинот на користење и поделба на имотот на здружението заинтересираното лице поведува постапка пред надлежниот суд за начинот на кој ќе се подели и ќе се користи имотот на фондацијата“.
Во членот 55 е предвидено дека по престанокот на работата на фондацијата депонираните средства што остануваат по намирување на побарувањата, се распределуваат меѓу лицата кои се овластени за тоа во согласност со статутот.
Во оспорениот член 55 став 3 од Законот е предвидено: „Во случаи во кои не можат да се исполнат условите утврдени со статутот за начинот на распределбата на средствата што остануваат по намирување на побарувањата со престанок на „функцијата“ (треба да стои) фондацијата, средствата се пренесуват на здружение на граѓани кое ќе го определи соодветното министерство“.
Во оспорениот став 4 на член 55 од Законот е предвидено дека: „Против решението од ставот 3 на овој член може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија“.
Во членот 61 од Законот се утврдени основите за стекнување на предмети, парични средства и имотни права на здруженијата и фондациите кои согласно членот 62 се нивна сопственост.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби и анализата на Законот за здруженијата на граѓани и фондации произлегува дека здруженијата на граѓани и фондациите се непрофитни организации кои се основаат заради остварување и заштита на економски, социјални, културни, научни, стручни техники, хуманитарни и други права, дека овие субјекти стекнуваат статус на правни лица со упис во Регистарот на здруженијата на граѓани и фондации кој се води во Централниот регистар и дека тие не можат да се трансформираат во други видови на правни лица.
Со статутот на здружението односно фондацијата, покрај другото нужно е потребно да се уреди прашањето за пренос на имотот на здружението односно фондацијата во случај на нивниот престанок.
Понатаму, од анализата на одредбите од Законот, кои се однесуваат на престанок на здруженијата на граѓани и фондациите, односно членовите од 52 до 55 од законот кои треба да се гледаат во корелација произлегува дека со нив се уредува прашањето за тоа што со имотот на здруженијата на граѓани и фондации кои ќе престанат, а при тоа не можат да се исполнат условите утврдени во статутот за начинот на користење на имотот и средствата.
Во тие случаи, согласно членот 52 став 4 и членот 54 став 4 од Законот, заинтересираното лице поведува постапка пред надлежниот суд за начинот на кој ќе се подели и користи имотот на здружението, односно фондацијата.
Понатаму, доколку за начинот на користење и поделба на имотот на овие субјекти не се јави заинтересирано лице, односно не се решат имотно правните односи во судска постапка, а со цел имотот, односно средствата да не останат без корисник, согласно оспорениот член 53 ставовите 2 и 3 и член 55 ставовите 3 и 4, имотот и средствата преминуваат во здружението на граѓани кое ќе го определи соодветното министерство, против кое решение допуштена е жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија.
Имајќи го предвид наведеното,Судот оцени дека со оспорените одредби од Законот не се доведуваат во прашање одредбите од Уставот кои се однесуваат на правото на граѓаните да можат да основаат здруженија на граѓани, да пристапуваат кон нив и да истапуваат, да управуваат и да располагаат со имотот и средствата на овие здруженија, ниту правото на сопственост, како што смета подносителот. Напротив, Судот смета дека целта на законодавецот со оспорените одредби била да го заштити имотот на одредено здружение ,односно фондација кои престанале, а притоа за тој имот не се јавило заинтересирано лице во судска постапка да се разреши ова прашање, на начин што соодветното министерство со решение ќе определи на кое друго здружение ќе преминат средствата.
6. Што се однесува до наводот во иницијативата дека неприфатливо било што според одредбата од член 55 став 3 од Законот средствата на фондацијата по нејзиниот престанок наместо да преминат во друга фондација, преминувале во здружение на граѓани, е прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.116/2009
11 ноември 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски
Издвоено мислење по предметот У.бр.116/2009