102/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 4 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 8 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Репу-блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 8 дел од став 1 и став 2 од од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, Амандманот XXV и член 112 став 3 од Уставот на Република Македо-нија, бидејќи со нив се засегнувало во уредување на прашањата од извршната постапка.Toa не било во согласност со Амандманот XXV, според кој уредувањето и на извршната постапка, како една од видовите на судски постапки било резервирано да биде уредена со закон. Исто така, даденото овластување во оспорените одредби отстапувало од општиот принцип за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Освен тоа, предвидувањето можност за министерот за финансии да го пропишува начинот на извршување на присилната наплата, која била регулирана со Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006 и 8/2008), според подносителот на иницијативата, би можело да значи арбитрерност и можност од нееднаков третман кон субјектите во платниот промет. Со оспорените одредби можел да се наруши и принципот на правосилност (конечност) и извршност на решенијата за присилна наплата, односно одредбите содржеле елементи кои дозволувале Народната банка и министерот за финансии да ги толкуваат, пролонгираат и да го оневозможат нивното навремено извршување.

Подносителот на иницијативата, потоа ги цитираат член 13 ставови 4 и 5, член 15 и член 16 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 111/2008) без да даде посебен коментар по однос на овие одредби и предлага при одлучу-вањето да се има предвид одлуката на Уставниот суд У.бр.117/2001 од 21 ноември 2001 година, со кој била укината законска одредба слична, според формулацијата, со сега оспорените.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на членот 8 став 1 од Законот за платниот промет, решенијата за присилна наплата кои ја задолжуваат трезорската сметка, односно сметката на должникот која се наоѓа во рамките на Трезорската главна сметка, Народната банка ги извршува така што по истите изготвува налози за извршување кои ги доставува за извршување до Трезорот.

Одредбата се оспорува во делот: „ така што по истите изготвува налози за извршување кои ги доставува за извршување до Трезорот.“

Според содржината на оспорениот став 2 од членот 8 од Законот, начинот на извршување на налозите од ставот 1 на овој член кога е задолжена Трезорската сметка, односно сметката на должникот која се наоѓа во рамките на Трезорската сметка, го пропишува министерот за финансии.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и подел­бата на држа-вната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Репуб­лика Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според Амандманот XXV на Уставот, со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 112 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и рабо­та на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија„ бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови на акти за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 64 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува минис­терот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Со Законот за платен промет се уредува платниот промет во земјата, односите меѓу носителите на платниот промет и учесни-ците во платниот промет, односите меѓу носителите на платниот промет и Народната банка на Република Македонија во делот за платниот промет, платните системи, порамнувањето на плаќањата, издавањето на електронски пари и надзорот на платните системи.

Во членот 2 од Законот е дадено значењето на одделните поими употребени со овој закон, при што се утврдува дека “Платен промет” се плаќања во денари што ги вршат учесниците во платниот промет преку носителите на платниот промет (точка 1), “Учесник во платниот промет” е домашно или странско, правно или физичко лице кое врши регистрирана дејност или друго физичко лице, кое врши плаќања во денари преку носителите на платниот промет (точка 2), “Плаќање” е уплата на готови пари на трансакциска сметка, пренос на средства од една трансакциска на друга трансакциска сметка и исплата на готови пари од трансакциска сметка (точка 3), “Трансакциска сметка” е сметка која претставува единствен и непо-вторлив нумерички податок кој служи за идентификација на учесникот во платниот промет, а преку која истиот врши плаќања (точка 4), “Блокирана трансакциска сметка” е трансакциска сметка на учесник во платниот промет за кој има евидентирано неизвршено решение за присилна наплата (точка 5), “Решение за присилна наплата” е налог за извршување од извршител, правосилна судска одлука за дозвола за извршување, извршно решение за казна за прекршок, извршно решение за наплата на јавни давачки или решение на други органи овластени со закон (точка 10), “Расположливи средства” се сите средства на денарските и девизните трансакциски сметки на учесникот во платниот промет-должник, кај носителот на платниот промет, од кои се извршуваат решенијата за присилна наплата, освен средствата на сметките со посебна намена кои се издвоени согласно со закон или пропис донесен врз основа на закон и средствата одобрени врз основа на договор со банката за дозволено негативно салдо на сметката (точка 13), “Трезорска сметка” е трансакциска сметка која содржи систем на сметки кои се водат во Трезорската главна книга (точка 15), и други.

Согласно член 3 од Законот, носители на платниот промет се Народната банка на Република Македонија (во натамошниот текст: Народната банка), банките кои добиле согласност за вршење на платен промет согласно со закон и филијали на странски банки и Трезорот при Министерството за финансии (во натамошниот текст: Трезорот), како посебен носител на платен промет за буџетските корисници и единките корисници.

Според содржината на членот 5 од Законот, Народната банка, како носител на платниот промет, меѓу другото, отвора и води трансакциски сметки на банките, депозитни сметки на брокерските друштва и други сметки кои со закон е пропишано да се водат во Народната банка и врши плаќање од сметки (точка 2); отвора и води и други трансакциски сметки, доколку со закон поинаку не е определено (точка 3); отвора и води трезорска сметка (точка 4); води регистар на трансакциски сметки во својот систем (точка 9); извршува решенија за присилна наплата кои се однесуваат за трансакциски сметки што ги води (точка 10) и го уредува начинот на водењето и содржината на единствениот регистар на трансакциски сметки (точка 11).

Според членот 7 став 1 точка 3 од Законот, Трезорот, како посебен носител на платниот промет, освен работите утврдени со членот 38 од Законот за буџетите ги врши и плаќањата од сметките во рамките на Трезорската главна книга преку Трезорската сметка.

Во членот 21 од Законот е предвидено дека, носителот на платниот промет е должен да ги извршува решенијата за присилна наплата во согласност со закон. Носителот на платен промет е должен да постапи по решенијата за присилна наплата најдоцна наредниот работен ден од денот на приемот на решението. Според ставот 2 од истиот член од Законот, решенија за присилна наплата се заведуваат во евиденции според датумот и времето на нивното пристигнување и по ист редослед се извршуваат.

Во членот 22 став 1 од Законот е предвидено дека, решението за присилна наплата се доставува до носителот на платен промет назначен во решението за присилна наплата.

Носителот на платен промет го извршува решението за присилна наплата доколку се точно наведени податоците од кои може со сигурност да се идентификуваат сите елементи на решението. Во спротивно го враќа на органот кој го издал решението за допрецизирање (став 2).

Носителот на платен промет го извршува решението за присилна наплата од сите расположливи средства, од учесникот во платниот промет-должник кај носителот на платен промет (став 3).

Доколку учесникот во платниот промет-должник на денарските сметки нема средства за целосно извршување на реше-нието за присилна наплата, носителот на платен промет со примена на средниот курс на Народната банка кој важи на денот на транса-кцијата, врши конверзија во денари на средства од девизни сметки и пренос на денарската сметка на учесникот во платен промет- должник до износот потребен за целосно извршување на решението за присилна наплата (став 4).

Во случај на недостиг на средства за потполно извршу-вање на решението за присилна наплата, носителот на платниот промет го извршува решението до висината на расположливите средства и ја блокира сметката и со доставување на даночниот број на учесникот-должник преку единствениот регистар на трансакциски сметки ги известува сите други носители на платен промет дека не смеат да вршат плаќања од средствата на денарските и девизните сметки на учесникот-должник до потполно извршување на решението, освен налози со кои се врши пренос на средствата на сметката кај носителот на платен промет кој треба да го изврши решението за присилна наплата (став 5).

По намирување на обврските по решение за присилна наплата, носителот на платниот промет ја деблокира трансакциската сметка за што преку единствениот регистар на трансакциски сметки ги известува сите носители на платниот промет (став 6).

Носителот на платниот промет може да врши платен промет за учесникот-должник доколку нема други евидентирани решенија за присилна наплата (став 7).

Во член 50 став 1 точка 8 од Законот е предвидено дека глоба во износ од 15.000 до 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на носител на платен промет, ако не постапи по решение за присилна наплата најдоцна наредниот ден од денот на приемот на решението за присилна наплата, решенијата за присилна наплата не ги евидентира според датумот и времето на нивното пристигнување или не ги извршува решенијата за присилна наплата според нивниот редослед (член 21). Истата глоба е предвидена во точката 9 од истиот член од Законот ако не се изврши конверзија во денари на средства од девизни сметки со примена на средниот курс на Народната банка на Република Македонија кој важи на денот на трансакцијата или не изврши пренос на денарската сметка на учесникот во платен промет-должник до износот потребен за целосно извршување на решението за присилна наплата (член 22 став 4), потоа во точката 10, ако не ја блокира сметката или не го достави даночниот број на учесникот-должник преку единствениот регистар на трансакциски сметки до другите носители на платен промет дека не смеат да вршат плаќања од средствата на дена-рските и девизните сметки на учесникот-должник до потполно извршу-вање на решението за присилна наплата (член 22 став 5); во точката 11 ако, по намирување на обврските по решение за присилна наплата не ја деблокира сметката или за деблокирањето на сметка не ги извести другите носители на платен промет преку единствениот регистар на трансакциски сметки (член 22 став 6) и во точката 15, ако решенијата за присилна наплата кои ја задолжуваат трезорската сметка не ги извршува со изготвување на налози за извршување кои ги доставува за извршување до Трезорот (член 8 став 1).

Според ставот 2 од истиот член од Законот, покрај глобата за дејствијата од ставот 1 точки 1, 6 и 8 на овој член на носителот на платен промет ќе му се изрече и прекршочна санкција привремена забрана за вршење дејност во траење од шест месеца до пет години.

Глоба во износ од 4.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице кај носителот на платен промет, според ставот 3 од истиот член од Законот.

Покрај глобата за дејствијата од ставот 1 точки 1, 6 и 8 на овој член на одговорното лице кај носителот на платен промет ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од една до пет години, според ставот 4 на членот 50 од Законот.

Согласно член 13 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2006 и 35/2008) судските одлуки се изрекуваат во името на граѓаните на Република Македонија (став 1). Правосилната судска одлука има неприкосновено дејство (став 2). Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд и во постапка пропишана со закон (став 3). Судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган (став 4). Секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции (став 5).

Согласно членот 14 од Законот, секој е должен да се воздржува од сторување или од пропуштање на дејствие со кое се попречува донесувањето или извршувањето на судската одлука.

Согласно член 15 од Законот, секој државен орган е должен, кога тоа е ставено во негова надлежност, да го обезбеди извршувањето на судската одлука. Надзорот над извршувањето на судските одлуки го врши судот во согласност со закон.

Согласно членот 16 од Законот, извршувањето на право-силна и извршна судска одлука се спроведува на најбрз и најефи-касен можен начин, и тоа не може да биде попречено со одлука на кој било друг државен орган.

Тргнувајќи од содржината на уставните одредби што се однесуваат на надлежностите на извршната власт во донесувањето на прописи за извршување на законите и од системските решенија содржани во Законот за организација и работа на органите на државната управа, а имајќи ја предвид целината на Законот за платниот промет и посебно содржината на оспорениот дел од членот 8 став 1 и ставот 2 од Законот Судот оцени дека овластувањето на Народната банка да ги извршува решенијата за присилна наплата кои ја задолжуваат трезорската сметка, така што по истите изготвува налози за извршување кои ги доставува за извршување до Трезорот, односно на министерот за финансии со подзаконски акт поблиску да го пропишува начинот на извршување на налозите за извршување кога е задолжена трезорската сметка, односно сметката на должникот која се наоѓа во трезорската сметка не ги доведуваат во прашање начелото на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Со Законот за платниот промет се утврдува дека Народната банка на Република Македонија, како еден од носителите на платниот промет, меѓу другото, отвора и води трансакциски сметки на банките, депозитни сметки на брокерските друштва и други сметки кои со закон е пропишано да се водат во Народната банка и врши плаќање од сметки; отвора и води и други трансакциски сметки, доколку со закон поинаку не е определено; отвора и води трезорска сметка; води регистар на трансакциски сметки во својот систем; извршува решенија за присилна наплата кои се однесуваат за трансакциски сметки што ги води и го уредува начинот на водењето и содржината на единствениот регистар на трансакциски сметки со што јасно е дефинирана улогата на Народната банка во процесот на извршување на правосилните и извршни судски одлуки. Во таа смисла Народната банка со оспорениот дел од членот 8 став 1 од Законот е овластена да изготви налог за извршување до Трезорот секогаш кога е во прашање решение за присилна наплата кое ја задолжува трезорската сметка, односно сметката на должникот која се наоѓа во рамките на Трезорската главна сметка што е во функција на реализирање на наплатата на паричното побарување кое потекнало од правосилно завршената извршна постапка. Од друга страна, за непостапување по решенијата за присилна наплата, односно за сторени намерни пропусти Народната банка, како и останатите носители на платниот промет и нивните одговорни лица, согласно членот 50 од Законот подлежат на одговорност, може да им биде изречена глоба или прекршочна санкција привремена забрана за вршење дејност, односно за вршење на професија, дејност или должност.

Законот, исто така, определил налогот за извршување да се достави до Трезорот, односно до Трезорот при Министерството за финансии, како посебен носител на платен промет за буџетските корисници и единките корисници, според членот 3 од Законот и сето тоа во функција на реализација на наплата на парично побарување кое потекнало од претходно целосно спроведената извршна постапка, а не како дел од самата извршна постапка која претходно во целост ја спроведуваат судовите, како што погрешно смета подносителот на иницијативата. Тука треба да се има предвид дека Законот во членовите 21 и 22 во целост ги уредил и прашањата за евиденција на одлуките за присилна наплата, редоследот на нивното пристигање и извршување, податоците кои истите треба да ги имаат, начинот на исправање на погрешните податоци, начинот на доставување и други прашања од значење за конечна реализација на паричното побару-вање кое потекнало од претходно донесените судски одлуки за присилна наплата.

Функционерите кои раководат со органите на државната управа, од друга страна, можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ја содржи рамката на овластувањето на функционерот, која во конкретниот случај, според Судот, е содржана во Законот за платниот промет. Ова особено ако се има предвид дека Трезорот всушност е дел од Министерството за финансии, со кое пак раководи министерот за финансии и тој во законски определената рамка, според оцена на Судот, може да го пропише начинот на извршување на налозите претходно доставени од Народната банка во случаите кога е задолжена Трезорската сметка, односно сметката на должникот која се наоѓа во рамките на Трезорската сметка, бидејќи вака определеното овластување не преставува дел од извршната судска постапка, туку е пропишување насочено кон побрза, ефикасна и конечна реализација на паричното побарување. Во таа смисла и врз основа на вака поставеното овластување министерот за финасии го донел Упатството за начинот на извршување на налозите за извршување кои ја задолжуваат трезорската сметка, односно сметката на должникот, која се наоѓа во рамките на трезорската сметка („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2008 и 30/2009).

Според Судот, од значење е што оспорените одредби во целост кореспондираат со содржината на членот 202 став 3 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008 и 83/2009) според кој налозите за извршување кои ја задолжуваат трезорската сметка, носителот на платниот промет ги извршува на начин што врз основа на налозите за извршување изготвува налози кои ги доставува до Трезорот при Министерството за финансии каде што на должникот му се води сметката. Имајќи ја предвид изнесената содржина на законските одредби како и посебното значењето и специфичноста на трезорската сметка, Судот оцени дека дадените законски овластувања за Народната банка и министерот за финансии не значат овластување кое задира во законодавната или судската власт, од каде произлезе дека не се повредува уставниот принцип на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, ниту се доведува во прашање уставната поставеноста на судовите.

Судот оцени деке е неоснован наводот за повреда на членот 112 став 3 од Уставот. Имено, точно е тврдењето во иницијативата дека Судот со Одлука У.бр.117/2001 од 21 ноември 2001 година го укинал член 17 став 3 од Законот за платниот промет што престана да важи, но не од причини изнесени во предметната иницијатива, туку заради овластувањето на министерот за финансии по потреба да го пропишува начинот и постапката на извршување на присилната наплата како овластување спротивно на членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот. Од друга страна, подносителот на иниција-тивата, како добар познавач на уставно-судската практика, немал предвид дека Судот со Решение У.бр.51/2006 од 14 јуни 2006 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 17-б од Законот за платен промет што престана да важи, која одредба има скоро идентична содржина како сега оспорениот дел од ставот 1 на членот 8 и ставот 2 од Законот за платниот промет што сега е во сила, што значи дека Судот изградил свое гледиште за уставноста на така поставени овластувања за Народната банка и министерот за финансии.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорените одредби од Законот содржеле елементи кои дозволувале Народната банка и министерот за финансии да ги толкуваат, пролонгираат и да го оневозможат нивното навремено извршување Судот оцени дека се наводи кои навлегуваат во конкретната примена на законските одредби и во нивната можна злоупотреба или недоследна примена за кое нешто Уставниот суд не е надлежен да постапува.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел од член 8 став 1 и ставот 2 од истиот член од Законот се во согласност со со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, Амандманот XXV и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.102/2009
4 ноември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски