159/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 точка 4 и член 15 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008 и 64/2009).

2. Биљана Димовска од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 15 од Законот продуцирал нееднаква положба на самовработените лица, што било спротивно на член 32 од Уставот каде се гарантирало правото на слободен избор за вработување под еднакви усови и спротивно на член 55 од Уставот со кој се гарантирала слобода на пазарот и претприемништвото.

Имено, според иницијативата, самовработеното лице што вршело професионална и друга интелектуална дејност, остварувало средства со личен труд и државата со оспореното законско решение вршела атак врз приватниот капитал на самовработеното лице што врши професионална и друга интелектуална дејност и на тој начин го ставала во нерамноправна положба од другите лица што самостојно вршат дејност.

Подносителот на иницијативата смета дека законодавецот не смеел и неможел да врши определување на плата за самовработено лице, бидејќи платата била реална категорија, а не замислена плата на самовработеното лице.

Нерамноправноста, според иницијативата, постоела и во поглед на придонесот од здравствено осигурување кое би требало да биде еднакво лимитирано за сите граѓани.

Неуставна и незаконита, според наводите во иницијативата била и одредбата на член 14 став 1 точка 4 од Законот кој како основица за пресметување на придонесите ја земал месечната аконтација на нето приходот, односно на паушално утврдениот нето приход, на кој се плаќало данок, согласно Законот за персонален данок на доход, за самовработено лице. Имено, тоа можело да претставува само основ за оданочување, а не и основ за плаќање придонеси во наредната година.

3. Судот на седницата утврди дека според член 14 став 1 точка 4 од Законот основица за пресметка и плаќање на придонеси е месечната аконтација на нето приходот, односно на паушално утврдениот нето приход на кој се плаќа данок, согласно Законот за персонален данок на доход за самовработено лице.

Според член 15 од истиот закон основица за пресметување и плаќање на придонесите, односно основицата за осигурување за тековната година не може да биде пониска од 50% од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика, со исклучок на основицата утврдена во членот 14 став 1 точка 3, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12 и 13 на овој закон (став 1).

Во став 2 е предвидено дека за самовработено лице кое врши професионална и друга интелектуална услуга основица за пресметување и плаќање на придонесите, односно основицата за осигурување за тековната година не може да биде пониска од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.

4. Според член 8 став 1 алинеите 7 и 8 темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите се и слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според став 2 на наведениот член во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичката и верската припадност, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 3 на наведениот член секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Во согласност со член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во член 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од членот 1 од Уставот, според кој Република Македонија се декларира, покрај другото и како социјална држава, со наведените членови 34 и 35 од Уставот е утврдено правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, кое право се остварува врз начелото на социјална праведност. Видовите на правата, обемот, начинот на стекнување и користење, Уставот го резервирал да го уреди законодавната власт, што значи Уставот утврдил обврска за нивно законско уредување.

Нормативната функција на државата во уредувањето на правата од социјалното осигурување Уставот не го димензионирал, туку препуштил на законодавецот со еден или повеќе закони да утврди права кои ќе се однесуваат на сите граѓани, односно во користењето на тие права да бидат еднакво третирани и да се однесуваат на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба.

Според член 1 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со овој закон се уредуваат видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување (во натамошниот текст:придонеси), обврзниците за плаќање на придонесите, обврзниците за пресметка и уплата на придонесите, основиците на кои се плаќаат придонесите, стапките на придонеси, потоа, начинот на пресметката, роковите на плаќањето на придонесите, контролата на пресметувањето и уплатата на придонесите и други прашања значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

Според членот 2 од Законот, со плаќање на придонесите се обезбедуваат средства за финансирање на задолжителното социјално осигурување.

Според член 3 од Законот, во задолжително социјално осигурување спаѓаат придонесите за:
1) пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата;
2) задолжително капитално финансирано пензиско осигурување;
3) стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење;
4) здравствено осигурување и
5) осигурување во случај на невработеност.

Со оспорениот закон се обезбедува унифицирање на поимите дефинирање на стапките и основиците на придонесите во системот на социјалното осигурување, на кој начин се обезбедува поедноставен пристап до системот во кој различните субјекти ќе ги добијат сите неопходни информации со увид во еден закон.

Придонесите претставуваат јавна давачка, се пропишуваат со закон и кај овие јавни давачки изразен е елементот на противуслуга, односно се претпоставува дека лицата кои се задолжени за овој вид на јавни давачки, во одреден момент ќе имаат директна корист преку остварување на одредено право од сферата на социјалното осигурување, како резултат на плаќање на соодветни придонеси.

Оспорениот член 14 е содржан во Глава V од Законот со наслов „Основица за пресметка на придонесите“, а членот 15 е содржан во Глава VI со наслов: „Најниска и највисока основица за пресметка и уплата на придонеси“.

Самовработените лица, согласно Законот за трговски друштва, имаат статус трговец-поединец и самостојно трајно, во вид на занимање, вршат трговска дејност заради остварување добивка. Самовработените лица – вршители на економска дејност и вршители на професионална и друга интелектуална услуга врз основа на Законот за персонален данок од доход плаќаат данок на доход за приходите од самостојна дејност на основица нето-приход, кој се утврдува во даночниот биланс, а не плаќаат данок на добивка. Со оглед на тоа што овие самовработени лица не исплатуваат плата за себе и оттаму неможе да се утврди реалниот износ на платата која би претставувала основица за пресметување и плаќање на социјални придонеси, туку заработувачка им е нето-приходот, за целите на задолжително социјално осигурување за нив се дефинира месечната аконтација на нето приходот како основица за пресметување и плаќање на придонеси.

Со членот 15 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување не е ограничено правото на работа, ниту слободниот избор на вработување на самовработените лица вршители на професионални и други интелекттуални услуги, а не се ограничуваат ниту заштитата при работа и материјалната обезбедност за време на привремена невработеност. Исто така, со овој член воопшто не се ограничува достапноста до работното место, ниту правото на соодветна заработувачка и годишен одмор.

Според подносителот на иницијативата, одредбата од член 15 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е спротивна на член 55 од Уставот на Република Македонија. Со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според истиот член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Репубиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според Судот, со членот 15 од Законот не е повреден член 55 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со истиот ниту се дозволува монополско однесување, ниту се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото, ниту пак се создава нееднаква правна положба на субјектите на пазарот. Придонесите за социјално осигурување не претставуваат давачка од која осигурениците немаат директна корист. Од платените придонеси, денес се користат здравсствени услуги, а во иднина се остварува право на пензија.

Член 33 од Уставот на Република Македонија создава основ со закон да се определи начинот на кој граѓаните на Република Македонија ќе учествуваат во намирувањето на јавните давачки, па оттаму сосема е легитимно и согласно со Уставот воведувањето на најниска основица за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување, дополнително, посочува дека утврдената обврска за плаќање на придонесите во Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување е во насока на афирмирање на член 34 од Уставот.

Согласно член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор. Правото на социјална сигурност и социјално осигурување за самовработените лица – вршители на професионална и друга интелектуална услуга, произлегува од обврските дефинирани во Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување, вклучително и од членот 15 кој е оспорен од подносителот на иницијативата. Социјалната сигурност на одредена категорија граѓани се обезбедува врз принциот на солидарност. Имено, пензиите на пензионерите денес се исплатуваат од средствата кои се прибираат од осигурениците денес. На принципот на меѓугенерациска солидарност функционира пензискиот систем кој е тековно финансиран, а исто така темелните уставни начела – хуманизмот, социјалната права и солидарноста се основи врз кои функционира здравствениот систем на Република Македонија.

Имајќи ги предвид прашањата кои се уредуваат со оспорените членови од Законот, како и Законот во целина, односно утврдувањето на статусот на осигурениците, придонесите и стапките на придонесите, како и начинот на нивното регулирање, според Судот право е на законодвецот да утврдува права и обврски на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба со што се реализира уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и пред законите како и начелото на социјална солидарност.

Имено, утврдувањето на различна основица за осигурување е легитимно право на законодавецот при што од уставно-правен аспект од суштинско значење е дека сите правни субјекти во иста правна положба, имаат иста обврска за плаќање на придонеси, што ги прави еднакви пред Уставот и пред законите. Поделбата на обврзниците во различни категории на субјекти и определување на различна стапка основица за пресметка за плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување, според Судот, не значи нарушување на принципот на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот. Во таа смисла, право на законодавецот е да ја утврди месечната аконтација на нето приходот на кој се плаќа данок за самовработено лице, како и основицата за пресметување и плаќање на придонесите за самовработено лице кое врши професионална и друга интелектуална дејност, како што предвидуваат оспорените одредби, притоа водејќи сметка законските решенија еднакво да се однесуваат на субјектите кои се наоѓаат во еднаква правна положба.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, неосновани се наводите во иницијативата дека со член 14 став 1 точка 4 и член 15 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се ставени во нееднаква положба субјектите на пазарот и дека се повредувале членовите 9, 32 и 55 од Уставот на Република Македонија, поради што не го постави прашањето за согласноста на овие одредби од Законот со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.159/2009
4 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски