98/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Колективниот договор за уредување на правата и обврските од работен однос, склучен на 16.02.2009 година помеѓу Одборот на директори на ЕМО Охрид АД и КНСМ при ЕМО Охрид АД, објавен во весникот на ЕМО Охрид АД, бр. 159 од април 2009 година.

2. Синдикалната Конференција ЕМО АД Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Колективниот договор означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот колективен договор бил во спротивност со членовите 210, 211, 212 и 214 од Законот за работните односи. Ова затоа што во ЕМО АД Охрид постоеле две синдикални организации, и тоа : Синдикална Конференција ЕМО Охрид АД и КНСМ при ЕМО Охрид АД, при што, според подносителот на иницијативата, Синдикалната Конференција ЕМО Охрид АД, како членка на гранковиот Синдикат СИЕР (Синдикат на индустријата, енергетичарите и рударите на Република Македонија), кој Синдикат бил член на ССМ (Сојуз на синдикати на Македонија), била член на репрезентативниот синдикат на повисоко ниво на организирање, поради што Одборот на директори на ЕМО Охрид АД бил должен да склучи колективен договор со оваа синдикална организација или со преговори помеѓу двете синдикални организации по потреба да формира и арбитража за решавање на спорните прашања, но во никој случај не можел еднострано да склучи колективен договор само со КНСМ при ЕМО Охрид АД. Во оваа смисла, се појаснува дека во целокупното досегашно работење на ЕМО Охрид АД, Синдикалната Конференција ЕМО Охрид АД постоела и ја водела целокупната синдикална активност за заштита на правата на вработените со постојано масовно членство, за што говорел и фактот дека последниот колективен договор за ЕМО Охрид АД, на кој важењето му престанало на 20.12.2008 година поради истекот на рокот за кој бил склучен, бил склучен помеѓу овој синдикат и Одборот на директори на ЕМО Охрид АД. За склучувањето на новиот колективен договор, работодавачот ЕМО Охрид АД само на една средба ги поканил претставниците на овој синдикат за да отпочнат преговори за склучување на договорот, што значело дека преговорите отпочнале со претставници на овој синдикат, но на општо изненадување, без натамошно учество на истиот, во фабричкиот весник бил објавен склучениот колективен договор со другиот синдикат.

Поради фактот што со наведениот колективен договор биле загрозени голем број работнички права на вработените, се предлага Уставниот суд да донесе времена мерка со која ќе се запре примената на овој колективен договор до донесување на одлука по оваа иницијатива.

3. Судот на седницата утврди дека Колективниот договор за уредување на правата и обврските од работен однос, склучен на 16.02.2009 година помеѓу Одборот на директори на ЕМО Охрид АД и КНСМ при ЕМО Охрид АД, е објавен во весникот на ЕМО Охрид АД, бр. 159 од април 2009 година.

Содржината на Колективниот договор е поделена во девет глави, во 72 члена.

Во првата глава, насловена како Основни одредби (член 1 до член 11), се утврдува дека со овој колективен договор се уредуваат или доуредуваат правата и обврските помеѓу работниците и работодавачот од работен однос, обемот и начинот на остварување на правата и обврските, како и правата и обврските помеѓу потписниците на колективниот договор. Во оваа глава, во посебни точки, се утврдуваат обврските на работникот, обврските на работодавачот и распоредувањето на работниците.

Во Главата II (член 12 до член 31) се уредува платата, со тоа што во посебни точки се утврдува основната плата, дел од платата за работна успешност на работникот, додаток на платата (зголемување), надоместоци на платата, надоместоци на трошоците поврзани со работата и другите парични примања.

Главата III (член 32 до член 35) се однесува на уредување на работното време, а Главата IV ( член 36 до член 49) ги уредува паузите, одморите и отсуствата од работа.

Случаите и постапката за откажување на договорот за вработување се утврдени во Главата V (член 50 до член 60).

Синдикалното организирање на работниците и условите за работа на синдикатот се уредени во Главата VI (член 61 до член 65), а колективната заштита на правата и штрајк се уредени во Главата VII (член 66 до член 68).

Со Главата VIII е уредено колективното договарање (членовите 69 и 70), а Главата IX (членовите 71 и 72) се однесува на преодни и завршни одредби.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, остварувањeto на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективni договорi.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008 и 161/2008), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Според член 206 од истиот закон, со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој договор, се применува колективниот договор.

Согласно член 210 став 1 од Законот, колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Како репрезентативен синдикат за склучување колективен договор кај работодавачот, согласно член 212 став 1 од Законот, се смета синдикатот во кој се зачленети најмалку 33% од работниците кај работодавачот или синдикатот кој е член на репрезентативниот синдикат на повисоко ниво на организирање.

Согласно член 214 од Законот за работните односи, ако ниеден од синдикатите, односно здружението на работодавачите не ги исполнува условите за репрезентативност, во смисла на овој закон, синдикатите, односно здружението на работодавачите, можат да склучат спогодба за здружување заради учество во склучувањето на колективниот договор.

Според член 215 од овој закон, во случај на спор за репрезентативноста на синдикатот, односно на здружението на работодавачите, одлучува надлежниот суд во согласност со закон, во рок од осум дена.

Согласно член 219 став 1 од Законот, поединечен колективен договор склучуваат репрезентативниот синдикат кај работодавачот и овластеното лице од работодавачот. Според став 2 на истиот член, ако во склучувањето на колективниот договор од ставот 1 на овој член учествуваат повеќе репрезентативни синдикати се образува одбор за преговори.

Од напред наведените уставни и законски одредби, произлегува дека правен основ за склучување на поединечен колективен договор на ниво на работодавач е член 32 од Уставот и наведените одредби од Законот за работните односи. Во оваа смисла, на 16 февруари 2009 година е склучен поединечен колективен договор на ниво на работодавач, помеѓу Одборот на директори на ЕМО Охрид АД и КНСМ при ЕМО Охрид АД.

Според наводите во иницијативата, доставениот одговор на иницијативата и приложената писмена документација, Судот утврди дека Одборот на директори на ЕМО АД Охрид, како работодавач, имајќи предвид дека во претпријатието постојат две синдикални организации, спровел постапка за утврдување на репрезентативноста на синдикатот кој треба да претставува договорна страна при склучувањето на колективниот договор во смисла на член 210 од Законот за работните односи. Притоа, во оваа постапка (видно од Записникот од состанокот за преговарање и колективно договарање одржан на 16.01.2009 година и Записникот од продолжување на состанокот за преговарање и колективно договарање од 21.01.2009 година) е доставен доказ дека едната синдикална организација – КНСМ при ЕМО Охрид АД, има членство од 67% од вкупниот број вработени во претпријатието (акт на КНСМ при ЕМО Охрид АД, бр. 01/2009 од 21.01.2009 година), а другата синдикална организација – Синдикалната Конференција ЕМО Охрид АД, доставила известување од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија – СИЕР, бр. 03-7/1 од 20.01.2009 година, според кое, овој синдикат бил организациона единица на СИЕР, кој пак бил член на ССМ (Сојуз на синдикати на Македонија), што ја потврдувало репрезентативноста за склучување колективен договор. Притоа, во наведеното известување се нагласува дека до сега во Република Македонија не била утврдувана репрезентативност за ниту еден синдикат односно синдикална организација.

Наведеното известување од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија – СИЕР, од претставникот на работодавачот за колективно преговарање, било оценето како недоволен доказ за утврдување на репрезентативност на Синдикалната Конференција ЕМО Охрид АД, поради што како единствен исполнет услов за утврдување на репрезентативноста, бил утврден критериумот – бројноста на членовите во синдикатот, со поднесен доказ од КНСМ при ЕМО Охрид АД, поради што му предложиле на Одборот на директори на ЕМО АД Охрид да потпише колективен договор со КНСМ при ЕМО Охрид АД, како единствен репрезентативен синдикат во моментот ( известување бр. 0202-300 од 22.01.2009 година).

Одборот на директори на ЕМО АД Охрид го прифатил наведеното известување и донел одлука за склучување на колективниот договор да се преговара исклучиво со репрезентативниот синдикат КНСМ при ЕМО Охрид АД (Одлука бр. 0202-345/3 од 23.01.2009 година).

Законот за работните односи, во член 215, уредил дека, во случај на спор за репрезентативноста на синдикатот, односно на здружението на работодавачите, одлучува надлежниот суд во согласност со закон, во рок од осум дена, од каде произлегува дека законодавецот пропишал начин за разрешување на можните спорови во врска со определбата на репрезентативноста на синдикатот. Од наводите во иницијативата и доставената документација по овој предмет, не произлегува дека подносителот на иницијативата го искористил ова правно средство за заштита на своите права, односно дека побарал судот да утврди дали тој ги исполнува условите за репрезентативност, што би можело да биде основ за примена на член 219 став 2 од Законот за работните односи, според кој ако во склучувањето на поединечен колективен договор учествуваат повеќе репрезентативни синдикати, се образува одбор за преговори.

Имајќи предвид дека согласно член 212 став 1 од Законот за работните односи, како репрезентативен синдикат за склучување колективен договор кај работодавачот, се смета синдикатот во кој се зачленети најмалку 33% од работниците кај работодавачот или синдикатот кој е член на репрезентативниот синдикат на повисоко ниво на организирање, односно дека не постои законски утврден приоритет за примена на едниот критериум во однос на другиот критериум, според Судот, право е на работодавачот да одлучи кој критериум за определување на репрезентативноста на синдикатот како договорна страна за склучување на колективен договор, ќе го примени, се разбира, под услов истиот да биде исполнет.

Во конкретниот случај, кога работодавачот спровел постапка за утврдување на репрезентативноста на синдикатот, при што, според доставените докази, констатирал дека репрезентативноста единствено може да се определи во однос на критериумот – поголемо членство на работниците во синдикатот, поради што го склучил колективниот договор со синдикалната организација која го исполнила овој услов, Судот оцени дека не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека колективниот договор бил склучен спротивно на член 210, член 212 и член 214 од Законот за работните односи, како одредби кои се релевантни за прашањето на утврдувањето на репрезентативноста на синдикатот кој може да биде страна во колективното договарање на ниво на работодавач.

Во однос на прашањето дали и втората синдикална организација кај работодавачот ги исполнувала условите за репрезентативност, што би значело обврска за работодавачот, согласно член 219 став 2 од Законот за работните односи, да образува одбор за преговори, Судот оцени дека станува збор за прашање од надлежност на редовното судство, поради што Уставниот суд не е надлежен да одлучува за истото.

Тргнувајќи од фактот дека во иницијативата воопшто нема наводи за тоа со кои одредби од оспорениот колективен договор се загрозени голем број на работнички права на вработените, како што само декларативно е наведено како основ за барање на времена мерка – запирање на извршувањето на колективниот договор до донесување на одлука на Судот, Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки да се впушта во анализа и оцена на уставноста и законитоста на содржината на оспорениот колективен договор.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.98/2009
28 октомври 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски