Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 24 од Законот за бирото на развој на образованието („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/2006 и 142/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, обврската што произлегувала од оспорениот член 24 став 1 од Законот им се наметнувала само на постојните стручни државни службеници на Бирото кои не ги исполнувале посебните услови од членот 17 на овој закон, што претставувало прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а истовремено претставувала загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото.
Имено, овој член во целина, сам по себе не создавал еднаквост меѓу вработените во Бирото за развој на образованието.
Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 24 од Законот не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија и предлага Уставниот суд да поведе постапка за неговата уставност.
3. Судот на седницата утврди дека според член 24 од Законот постојните стручни државни службеници на Бирото кои не ги исполнуваат посебните услови од членот 17 на овој закон, се должни во рок од две години од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги исполнат посебните услови, во спротивно им престанува работниот однос.
Одредбите од ставот 1 на овој член не се однесуваат на стручните државни службеници ако на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат уште пет години до остварување на правото на старосна пензија.
4. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална безбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, додека според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по ислкучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Подносителот во иницијативата го оспорува членот 24 од Законот со наводи кои се однесуваат на уставните вредности за заштита на правото на вработување и слободен избор на работата и заштита при работатата, меѓутоа тие не можат да доведат до проблематизирање на законската одредба.
Оспорената одредба на ја загрозува правната сигурност на постојните државни службеници на Бирото за развој на образованието поради што не се доведува во прашање принципот на владеењето на правото во Република Македонија и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.
Неспорно е дека Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт, може да донесува закони, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со остварувањето на уставно утврденото право на образование. Во рамките на уредувањето на овие прашања, законодавецот може да ги пропише и условите под кои се изведува воспитно-образовната дејност во основното, средното и специјалистичкото образование, образование на учениците со посебни образовни потреби и за образованието на возрасните, а во таа смисла Бирото за развој на образованието да организира и спроведува активности за професионалниот развој на воспитно-образовните и работните кадри како што впрочем тоа и го направил со членот 5 од Законот за бирото за развој на образованието.
Со Законот за бирото за развој на образованието се уредуваат надлежностите на Бирото за развој на образованието, како и други прашања од значење за развојот и унапредувањето на воспитанието и образованието (член 1).
Според член 3 од Законот, Бирото своите надлежности ги изршува врз основа на начелата на законитост, стручност, одговорност, ефикасност и транспарентност. Според ставот 2 од овој член од Законот, вршењето на работите од својата надлежност, Бирото го заснова врз научни и стручни методи во воспитанието и образованието и врз основа на стратешкиот приод во нивното спроведување.
Според член 6 од Законот за бирото за развој на образованието во извршувањето на надлежностите утврдени со овој закон Бирото:
1) му предлага на министерот за образование и наука концепти за развој на воспитно-образовниот систем и му предлага наставни планови и програми за предучилишното, основното, средното и специјалистичкото образование, образование на учениците со посебни образовни потреби и за образованието на возрасните;
2) организира и спроведува активности за професионалниот развој на воспитно-образовните и раководните кадри;
3) врши и организира истражувања во областа на образованието;
4) врши советодавна стручна работа за подобрување на квалитетот во воспитно-образовните установи;
5) изработува образовни стандарди, стандарди на постигањата на учениците и спроведува активности за вреднување на постигањата на учениците;
6) изработува концепција за учебник, програма за издавање на учебници и методологија за стручно вреднување на ракописи на учебник и за вреднување на квалитетот на учебник;
7) врши издавачка дејност поврзана со развојот на воспитно-образовната дејност и
8) воспоставува и развива информативно-документациски систем во областа на образованието што е во негова надлежност.
Ценејќи дека стручните државни службеници имаат одговорна работа, а истовремено се и непосредно поврзани со работата на наставниците и учениците, во член 17 од Законот се утврдени посебни услови кои се ценат при засновање на работниот однос, бидејќи едно од основните начела на кои се заснова Законот е извршување на работите врз принципот на стручност и компетентност.
Според член 17 од Законот работите од членот 6 на овој закон од надлежност на Бирото ги извршуваат државни службеници кои покрај општите услови за вработување утврдени со Законот за државните службеници ги исполнуваат и следниве посебни услови:
– имаат најмалку петгодишно искуство во воспитно-образовната работа;
– имаат објавено стручни, односно научни трудови кои се од значење за унапредување на воспитанието и образованието;
– вршат истражувања и владеат со методологијата на научно-истражувачката работа во областа на воспитанието и образованието;
– учествувале на научни и стручни собири за образованието со свои трудови и
– се служат со еден светски јазик.
Според член 24 од Законот, постојните стручни државни службеници на Бирото кои не ги исполнуваат посебните услови од членот 17 на овој закон, се должни во рок од две години од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги исполнат посебните услови, во спротивно им престанува работниот однос (став 1). Одредбите од ставот 1 на овој член не се однесуваат на стручните државни службеници ако на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат уште пет години до остварување на правото на старосна пензија (став 2).
Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, како и содржината на оспорениот член 24 од Законот, според Судот, овој член од Законот по својата содржина и карактер всушност претставува преодна одредба, со која се регулира преодниот режим, односно начинот на преминување од постојните правни норми кон новите, поради што и истата е содржана во Глава VI од Законот со наслов „Преодни и завршни одредби“. Обврската што со оспорениот член 24 од Законот им се наметнува само на постојните стручни државни службеници, според Судот, не е пропорционална мерка со целите за кои е утврдена, со оглед дека не претставува прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а истовремено не претставува загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото.
Од анализата на целината на оспорената одредба на членот 24 од Законот за бирото за развој на образованието произлегува дека законодавецот на одредена категорија на стручни државни службеници им овозможува и понатаму да ги вршат работите на работните места на кои се затекнати, што значи дека одредбите од ставот 1 на овој член не се однесуваат на стручните државни службеници ако на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат уште пет години до остварување на правото на старосна пензија, како што предвидува ставот 2 на оспорениот член 24 од Законот.
Тргнувајќи од наведеното, а разгледувајќи го во целина членот 24 од Законот, според Судот, овој член сам по себе не создава нееднаквост меѓу вработените стручни државни службеници. Имено со решението во оспорениот член од Законот, не се повредува едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот – правото на еднаквост предвидено во член 9 од Уставот на Република Македонија. Имено, стручните државни службеници имаат одговорна работа, а истовремено и непосредно поврзана со работата на наставниците и учениците, во таа смисла работата и однесувањето на стручните државни службеници треба да придонесува за остварување на целите и задачите во образованието и воспитанието преку совесно вршење на работите, а правата и обврските се однесуваат на сите кои се наоѓаат во иста правна положба.
Тргнувајќи од наведената уставно судска анализа Судот оцени дека оспорениот член 24 од Законот за бирото за развој на образованието не може да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.119/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски