Судија Павловска- Данева: Независноста и довербата во Уставниот суд бараат одговорност и од политичките институции

Довербата на граѓаните не се стекнува само преку одлуките што ги носи Уставниот суд, туку и преку начинот на кој се избираат судиите, отвореноста на институцијата и јазикот со кој таа ѝ се обраќа на јавноста.

Oва се дел од заклучоците од обраќањето на проф. д-р Ана Павловска-Данева, судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија, во рамките на втората тематска сесија на меѓународната конференција во Охрид, посветена на јакнењето на довербата во уставните судови.

Во своето излагање таа се осврна на предизвиците што влијаат врз довербата во уставното судство, меѓу кои работењето на Судот во неполн состав, недоволната транспарентност при изборот на уставните судии, сложениот правен јазик во судските одлуки и обидите за вовлекување на Судот во политички и меѓупартиски прашања.

Во продолжение нејзиното обраќање:

За да ја разбереме важноста на довербата на јавноста во уставното судство и начините за нејзино стекнување и јакнење, потребно е најпрво да се осврнеме на местото и општествената положба на уставните судови во современите демократии.

Имено, Уставниот суд, колку што е судски, толку е и политички орган. Неговата улога на „негативен законодавец“, како што го дефинира Ханс Келзен, говори за фактот дека укинувањето на една општа норма (закон), иако се врши во судска постапка и форма, во својата суштина претставува законодавна, односно политичка функција.

Покрај тоа, предмет на одлучување на уставното судство се општите правни акти кои се директен израз на политичката волја на законодавната и извршната власт. Политичкиот начин на конституирање (изборот на уставните судии од страна на парламентот, со ограничено времетраење на мандатот) ја исцртува најдлабоката линија на разграничување на уставните од редовните судови.

Затоа, начините на стекнување доверба во уставните судови мора да бидат различни од оние што ги применуваат другите органи во државата.

Ќе се осврнам конкретно на состојбата во Република Северна Македонија, нагласувајќи дека дел од овие алатки зависат од нас самите, уставните судии, но добар дел од нив зависат од надворешни фактори – од однесувањето и работата на политичките елити, државните органи, медиумите, па дури и од активностите на граѓанските организации:

  1. Чести периоди на работење на Уставниот суд во неполн состав, при што во одреден временски период Судот бил оставен да работи дури и на работ на кворумот, со само пет од предвидените девет судии.
  2. Недоволно транспарентен избор на судиите, како од редот на истакнатите правници што ги избира Собранието, така и од редот на судиите од редовното судство што ги предлага Судскиот совет. Овој предизвик може да се ублажи барем со навремено објавување на професионалните биографии на кандидатите за судии и нивно јавно повикување да ги образложат своите биографии.
  3. Користење сложен правно-технички јазик во одлуките на Судот, особено во нивните образложенија.
  4. Инструментализација на јавниот дискурс преку свесно и намерно вовлекување на Уставниот суд во решавањето на политички, па дури и меѓупартиски проблеми, од страна на политичките партии, како од владејачките, така и од опозициските.

Затоа, единствениот начин Уставниот суд да го изгради сопствениот легитимитет преку силна доверба на граѓаните во неговата работа е да обезбеди транспарентност во изборот на судиите, отвореност и јавност во работењето на Судот и поедноставување на јазикот на кој се изработуваат