Одговор за медиуми во врска со барањата од Синдикатот на културата

Почитувани,

Во врска со денешната прес-конференција на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Уставниот суд ја информира јавноста дека предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата,  е ставен на дневен ред на седницата закажана за петок, 27 ноември 2026 година и е во фаза на гласање.

Уставниот суд, во врска со актуелните предмети за кои претстои донесување одлука, се воздржува од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката.

Во согласност со заложбите за транспарентност и отчетност, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана за одлученото.

Почитувајќи го правото на секој субјект јавно да ги изразува своите ставови, Уставниот суд апелира до сите засегнати страни да ја почитуваат неговата уставно загарантирана независност и да овозможат процесот на одлучување да се одвива непречено, ослободен од каква било форма на притисок или влијание.

Уставниот суд одлучува исклучиво врз основа на Уставот, независно од очекувањата, интересите или популарноста на темите во јавниот дискурс.