Делегација на Уставниот суд во официјална посета на Сараево: Предвидено потпишување Меморандум за соработка со Уставниот суд на Босна и Херцеговина

Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски, од 22 до 25 ноември 2026 година престојува во официјална посета на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, во Сараево. Во фокусот на посетата се унапредувањето на билатералната соработка, размената на искуства и добри практики во уставното судство кои ќе се заокружат со потпишување Меморандум за соработка меѓу двата суда.

Меморандумот ќе претставува основа за континуирана институционална соработка, продлабочување на стручниот дијалог и размена на знаења и искуства за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнувањето на улогата на уставните судови во заштитата на уставноста, владеењето на правото и основните права и слободи.

Во рамки на официјалната посета, предвидена е билатерална средба на претседателот Костадиновски со претседателот на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Мирсад Ќеман, како и стручни разговори меѓу судиите и претставниците на двата суда.

Дискусиите ќе бидат насочени кон три клучни прашања: улогата и надлежностите на уставните судови, гаранциите за нивната независност и самостојност, како и односот на другите јавни власти и граѓаните кон одлуките на уставните судови, со посебен осврт на нивното прифаќање, почитување и извршување.

Дел од дискусијата ќе биде посветена на предизвиците со кои се соочуваат уставните судови при остварувањето на своите надлежности, потребата од зајакнување на нивниот институционален авторитет и значењето на доследното извршување на одлуките како суштински предуслов за ефективна уставносудска заштита.

Целта на посетата е да се зацврстат партнерските односи меѓу двата суда и да се поттикне долгорочна соработка која ќе придонесе за поголема ефикасност, независност и доверба во уставното судство.

Во состав на македонската делегација, покрај претседателот Костадиновски, се судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Фатмир Скендер и м-р Мери Дика-Георгиевска, генералниот секретар м-р Виолета Ѓорѓиевска и самостојниот советник за протокол Симона Герасимова-Јовановска.