На 11 ноември 2026 година, на покана на претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија д-р Дарко Костадиновски кој во 2026 претседава со Балканскиот форум на уставни судови, беше остварена билатерална посета од страна на Врховниот Уставен суд на Египет во состав од претседателот Н.Е. Булос Фахми Искендер, заменикот претседател г-дин Махмуд Мохамед Али Гонеим и шефот на протоколот г-дин Мохамед Хасан. На средбата покрај претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија д-р Дарко Костадиновски присуствуваа судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија д-р Осман Кадриу, м-р Татјана Васиќ Бозаџиева, м-р Фатмир Скендер, д-р Ана Павловска Данева, м-р Мери Дика Георгиевска и советничката за меѓународна правна соработка Татјана Јањиќ Тодорова.
На средбата беше искажано обострано задоволство поради отпочнувањето со реализација на Меморандумот за соработка и разбирање што двата суда го склучија на почетокот на 2026 година во Каиро, за време на Деветиот Конгрес на врховните и уставните судови на африканските земји на кој присуствуваше претседателот Костадиновски како претседавач со Балканскиот форум на уставни судови.
На денешниот состанок во пријателска и срдечна атмосфера судиите на два суда разговараа за актуелни теми од областа на уставното право и уставно судската заштита, при што заеднички заклучок беше дека и покрај различната надлежност, организација и начин на работа, двата уставни суда ги обединува заедничка цел – заштита на Уставот, демократијата и ефикасна заштита на слободите и правата на граѓаните. На состанокот се разговараше исто така и за предизвиците поврзани со примената на вештачката интелигенција во судовите, нејзините можности и ризици.
Посетата на делегацијата на Врховниот уставен суд на Египет се реализира во рамките на Претседателството на Уставниот суд на Република Северна Македонија со Балканскиот форум на уставни судови кој ќе го одржи 4. Годишен состанок во Охрид, од 12-14 ноември 2026 година.
На состанокот во Охрид, претседателот на Врховниот уставен суд на Египет Н.Е. Булос Фахми Искендер во рамки на Првата сесија посветена на прашањето како да се зголеми јавната доверба во уставните судови, ќе има излагање на тема „Извршување на одлуките на уставниот суд од страна на државните власти“.

