Дознај факти | Што претставува Балканскиот форум на уставни судови?

Форумот на балканските уставни судови (BCCF), основан на 27 октомври 2023 година, ги обединува уставните судови на следните држави како полноправни членки:

• Република Албанија
• Република Бугарија
• Република Косово
• Република Северна Македонија
• Република Црна Гора
• Република Турција

Форумот има за цел да ја поттикнува регионалната соработка и да ги унапредува заедничките вредности, вклучително и демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права на Балканот.

Годишни состаноци на Форумот на балканските уставни судови (BCCF)

  • Со потпишувањето на Меморандумот за разбирање, на 27 октомври 2023 година во Софија беше одржан Πрвиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови, во организација на Уставниот суд на Република Бугарија. Состанокот беше посветен на различните облици на пристап до уставната правда. Покрај полноправните членки на Форумот, како набљудувачи учествуваа и претставници на уставните јурисдикции на Босна и Херцеговина, Грција, Романија и Хрватска, кои ги споделија своите искуства.

Πочесни гости на Форумот беа:  проф. Коен Ленартс, претседател на Судот на правдата на Европската унија;  г. Марко Бошњак, потпретседател и судија во Европскиот суд за човекови права;  г-ѓа Вера Јоурова, потпретседател на Европската комисија.

  • Уставниот суд на Република Косово беше домаќин на Вториот годишен состанок на Форумот, кој се одржа во Приштина во периодот од 23 до 25 октомври 2024 година, под наслов: „Еволуции во современата уставна правда – примерот на балканскиот регион“, со две подтеми: „Уставните судови како чувари на демократските вредности и принципи: балансирање меѓу извршната, законодавната и судската власт во современата држава“ и „Влијанието на судската пракса на наднационалните судови врз обликувањето на локалниот уставноправен контекст“. На Форумот учествуваа претседатели, потпретседатели и судии од уставните судови во Регионот, како и потпретседателот на Венецијанската комисија, г. Мартин Куијер, судија на Судот на правдата на Европската унија, претставник на Европскиот суд за човекови права и меѓународни правни експерти.
  • Домаќин на Третиот годишен состанок на BCCF беше Уставниот суд на Република Турција. Состанокот се одржа во периодот од 13 до 16 ноември 2025 година во Анталија, Република Турција. Покрај претставниците на земјите членки на Форумот, на меѓународната конференција на тема „Стандардизација на човековите права и улогата на уставната правда“ се обратија претседатели и судии на други уставни судови  (Молдавија, Северен Кипар и Азербејџан), генералниот секретар на Асоцијацијата на африкански уставни судови, како и судии на Европскиот суд за човекови права. Во рамките на овој настан, како и во претходните години, беше одржан посебен состанок на полноправните членки, на кој беа усвоени Статутот на организацијата и Анталиската декларација.
  • Четвртиот годишен состанок и меѓународна конференција ќе бидат организирани од Уставниот суд на Република Северна Македонија, во периодот од 12 до 14 ноември 2026 година, во Охрид.  
  • Меѓународната конференција, што ќе биде организирана во рамките на 4. Годишен состанок на БЦЦФ, насловена“Современи предизвици за владеењето на правото: Улогата на уставните судови“, со две  подтеми:  “Како да се зголеми довербата во уставните судови“ и  “Уставните судови во дигиталната ера“ и ќе претставува престижен судски и академски форум за размена на мислења и научни согледувања за современата уставна правда. Согласно Статутот на БЦЦФ, почесен гост ќе биде д-р Кристоф Грабенвартер, претседател на Уставниот суд на Австрија. Исто така, поканети се и претседателите на Врховниот уставен суд на Египет, Уставниот суд на Шпанија, Уставниот суд на Азербејџан, Уставниот суд на ДР Конго, Уставниот суд на Узбекистан, потоа претседателот на Европскиот суд за човекови права, претседателот на Венецијанска Комисија, генералниот секретар на  Асоцијацијата на африкански уставни судови, судија на Уставниот суд на Кореја и др.

Покрај полноправните членки, во работата на Форумот, во својство на набљудувачи, на сите годишни состаноци во чии рамки се одржуваат и меѓународните конференции се вклучени и следните уставни органи, кои преку изнесување на сопствените искуства придонесуваат кон продлабочување на регионалниот дијалог:

• Уставниот суд на Босна и Херцеговина
• Државниот совет на Република Грција
• Уставниот суд на Романија
• Уставниот суд на Република Хрватска

Од м. декември 2025 година, BCCF има своја официјална интернет-страница (https://balkanforum.eu/), преку која се обезбедува пристап до сеопфатни информации за работата на Форумот и на неговите членки.