У.бр.3/2026

Не се пронајдени зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.3/2026
Скопје, 21.10.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 21 октомври 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 24 став 12 од Законот за работно ангажирање на лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2025 и 148/2026).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

О б р а з л о ж е н и е

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Игорчо Точев од Скопје, со Решението У.бр.3/2026 од 13 мај 2026 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на оваа одлука.

Ова од причина што пред Судот основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 51, 95 и 96 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 24 став 12 од Законот за работно ангажирање на лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2025 и 148/2026), за работата во комисијата членовите имаат право на надоместок, кој го определува министерот со решение.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според став 1 на точка 1 од Амандманот XX на Уставот, со кој е дополнет член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, додека според став 2 на истата точка, против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредена со закон.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Согласно со член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 24 став 1 од Законот за работно ангажирање на лица, за прекршоците утврдени во овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Прекршочната комисија при Министерството за економија и труд.

Согласно со став 5 од истиот член од Законот, Прекршочната комисија е составена од претседател и два члена, дипломирани правници од редот на административните службеници, вработени во органот на државната управа надлежен за работите од областа на економија и труд. Еден од членовите на комисијата мора да биде дипломиран правник со положен правосуден испит.

IV

Член 24 ставови 1-12 од Законот за работно ангажирање на лица е содржан во глава V со наслов „Контрола и надзор“.

Во став 12 на член 24 од овој закон, е утврдено право на надоместок за работата на членовите на Прекршочната комисија, којашто ја води прекршочната постапка и изрекува прекршочна санкција за прекршоците утврдени со овој закон, којшто министерот за економија и труд го определува со решение.

При уставно-судската анализа на оваа законска одредба во корелација со одредбата од Амандманот XX на Уставот, јасно произлегува дека со овој Амандман со кој се дополнува член 13 од Уставот, на органите на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања можат да изречат санкција за прекрошоци определени со закон.

Органите од Амандманот XX на Уставот, својата функција треба да ја вршат во рамки на утврдените надлежности, при што вршењето на управни функции претставува составен дел од редовното работење на органите, односно спаѓа во нивниот делокруг на работа и надлежност.

Од содржината на член 24 од Законот, произлегува дека Комисијата е формирана во рамки на надлежен орган и има задача да води прекршочна постапка, што по својата правна природа претставува управна функција. Членовите на комисијата се лица кои управните работи ги вршат врз основа на закон, во својство на службени или одговорни лица во органот.

Оттука, надоместокот предвиден во член 24 став 12 од Законот, се однесува на дејствија коишто претставуваат редовно извршување на управната функција преку вршење на работни задачи.

Според Судот, ваквото законско уредување не е во согласност со уставниот принцип на еднаквост, бидејќи истото создава можност одредена категорија службени лица да бидат ставени во поповолна положба без објективно и разумно оправдување, и внесува елементи на арбитрарност во системот на јавната управа.

Судот оцени дека со предвидувањето надоместок за управни дејствија се нарушува уставната поставеност на државната управа, бидејќи управните работи се третираат како дополнителна активност, а не како редовна надлежност на органот. Иако законодавецот има овластување да ја уредува организацијата и работата на органите на државната управа, тоа овластување не може да се користи на начин со кој се менува уставната природа на управната функција и принципот на професионално и единствено вршење на јавната власт.

Оттука, Судот оцени дека член 24 став 12 од Законот за работно ангажирање на лица не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 51 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски