У.бр.181/2025 и У.бр.182/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.181/2025 и У.бр.182/2025
Скопје, 07.10.2026 и 21.10.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, како и во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 2 и член 73 алинеи 1 и 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седниците одржани на 7 октомври 2026 година и 21 октомври 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36 став 1 во делот „прво и второ дете“, став 2 и став 3 во деловите „прво и второ“ и „доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот 2 на овој член“ од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 38 став 3 од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Климентина Ангелеска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите и одредбите од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.

Во првата иницијатива се оспорува уставноста на член 36 став 1 во делот „прво и второ дете“, став 2 и став 3 во деловите „прво и второ“ и „доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот 2 на овој член“ од Законот за заштита на децата.

Се оспорува и усогласеноста на наведените одредби со членовите 3, 4, 6, 12 и член 14 став 2 од Законот за заштита на децата. Како причина се наведува тоа што еднократната парична помош за новороденче е предвидена само за прво и второ дете, додека третото и секое наредно дете се исклучени од можноста за остварување на ова право.

Ваквото разграничување, според изнесените наводи, ги става децата од исто семејство во нееднаква положба, иако при раѓањето се наоѓаат во споредлива фактичка состојба. Се оспорува оправданоста на различниот третман заснован исклучиво на редоследот на раѓање и се укажува на селективно ограничување на правото.

Во таа насока се наведува дека има повреда на правото на еднаквост од член 9 и на член 54 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, со образложение дека семејствата со повеќе од две деца се ставени во понеповолна положба во однос на семејствата со едно или две деца, без разумна и објективна оправданост.

Посебно се нагласува дека семејствата со повеќе од две деца не можат да добијат еднократна парична помош за третото и наредните новородени деца, иако нивните потреби при раѓањето се споредливи со потребите на другите семејства, во што се согледува дискриминаторскиот ефект на оспореното законско решение.

Дополнително се укажува на обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и Конвенцијата за правата на детето, како ратификувани меѓународни договори што се дел од внатрешниот правен поредок, согласно со член 118 од Уставот.

Се образложува и дека исклучувањето според редоследот на раѓање не придонесува за заштитата на семејството и децата, туку создава правна нееднаквост, спротивна на начелата на еднаквост, социјална правда и правна сигурност.

Поради наведените причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 36 став 1 во делот „прво и второ дете“, став 2 и став 3 во деловите „прво и второ“ и „доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот 2 на овој член“ од Законот за заштита на децата и да ги поништи или укине оспорените делови од законската одредба.

Со втората иницијатива се оспорува уставноста на член 38 став 3 од Законот за заштита на децата, како спротивен на членовите 3, 4, 6, 12 и 14 став 2 од истиот закон, затоа што остварувањето на родителскиот додаток за трето дете е условено од материјалната состојба на семејството, односно од висината на неговиот просечен приход во последните три месеци пред поднесувањето на барањето.

Според изнесените аргументи, поврзувањето на ова право со семејните приходи и висината на минималната плата ги става семејствата со три или повеќе деца во неповолна положба, бидејќи значителен број од нив не можат да го исполнат пропишаниот приход како услов.

Се нагласува дека ваквиот услов не соодветствува со целите на социјалната и популационата политика, затоа што го ограничува опфатот на родителскиот додаток наместо да обезбеди поддршка за семејствата со повеќе деца и поттикнување на наталитетот.

Се наведува член 9 од Уставот, кој ја гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, како и на член 42, со кој се предвидува посебна заштита на мајчинството, децата и семејството. Се тврди дека пропишаниот приход како услов е спротивен на овие гаранции.

Имено, се укажува на дискриминација врз основа на имотната состојба, со оглед на тоа што пристапот до родителскиот додаток зависи од економската положба на семејството и може да доведе до различен третман на семејства со три деца.

Оспорувањето се заснова и на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и Конвенцијата за правата на детето, како меѓународни договори што се дел од внатрешниот правен поредок, согласно со член 118 од Уставот. Се тврди дека приходното ограничување не е во согласност со начелата содржани во овие акти.

Поради наведените причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 38 став 3 од Законот за заштита на децата и истиот да го поништи или укине.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 36 став 1 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025), еднократна парична помош за новороденче се обезбедува на семејство за прво и второ новородено дете.

Според став 2 од истиот член на овој закон, за прво и второ новородено дете се смета дете кое е прво и второ живородено дете по ред на раѓање на мајката, кој редослед се утврдува на ист начин кога мајката ќе роди повеќе деца одеднаш.

Со став 3 од овој член е предвидено дека за прво и второ новородено дете ќе се сметаат и посвоените деца, на возраст до една година, доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот 2 на овој член.

Во член 38 став 3 од Законот се предвидува дека правото од ставот 1 на овој член се остварува доколку вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на користењето на правото и во текот на користењето на правото е понизок од висината на минималната нето-плата утврдена за претходната година.

Исто така, Судот констатира дека со Решението У.бр.112/2021, од 5 јули 2022 година, не е поведена постапка за оценување на уставноста на  член 38 став 3 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019 и 311/2020).

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Со член 9 став 1 од Уставот се предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, додека во став 2 е предвидено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно со член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Во член 40 став 1 од Уставот се предвидува дека Републиката му гарантира посебната грижа и заштитата на семејството.

Со член 41 од Уставот е пропишано дека право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Согласно со став 2 од истиот член лице помладо од 15 години живот не може да биде вработен. Во став 3 е предвидено дека малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа. Според став 4 од истиот член, малолетните лица не смеат да бидат вработени на работни места што се штетни за нивното здравје.

Со член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 110 алинeja 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во член 1 од Законот за заштита на децата се наведува дека со овој закон се уредува системот и организацијата за заштита на децата.

Според член 2 став 1 на овој закон, заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата, како и на правата и обврските на родителите за планирање на семејството и на државата и единиците на локалната самоуправа за водење хумана популациона политика. Согласно со став 2 од овој член, заштитата на децата се остварува со обезбедување на услови и ниво на животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата. Во став 3 од овој член е предвидено дека државата, како и единиците на локалната самоуправа се грижат за давање на соодветна материјална помош на родителите за издржување, подигнување, грижа и заштита на децата и организирање и обезбедување на развој на установи и служби за заштита на децата.

Согласно со член 3 од овој закон, заштитата на децата, во смисла на овој закон, се остварува преку обезбедување определени права, средства и облици за заштита на децата.

Со член 4 од овој закон е предвидено дека во примената на одредбите од овој закон се тргнува од принципите на заштитата на правото на живот и развој на детето, заштитата на најдобриот интерес на детето, обезбедување на минимум стандард за секое дете под еднакви услови, исклучување на каква било форма на дискриминација, почитување на правото на детето на слобода и безбедност на личноста, на сопствено мислење и слободно изразување, здружување и образование, услови за здрав живот и остварување на други социјални права и слободи на детето.

Согласно со член 12 став 1 од овој закон се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Според член 14 став 1 од овој закон, директна дискриминација постои кога со барателот или корисникот на заштита на децата се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.

Согласно со член 36 став 1 од овој закон, еднократна парична помош за новороденче се обезбедува на семејство за прво и второ новородено дете. Според став 2 од овој член, за прво и второ новородено дете се смета дете кое е прво и второ живородено дете по ред на раѓање на мајката, кој редослед се утврдува на ист начин кога мајката ќе роди повеќе деца одеднаш. Во став 3 од истиот член е предвидено дека за прво и второ новородено дете ќе се сметаат и посвоените деца, на возраст до една година, доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот (2) на овој член.

IV

Од анализата на Законот за заштита на децата произлегува дека законодавецот воспоставил систем на заштита којшто се заснова на принципите на еднаквост и недискриминација. Имено, согласно со член 2 од Законот, заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата и обврската на државата да обезбеди услови за нивен целосен развој, додека член 4 утврдува дека заштитата се обезбедува под еднакви услови за секое дете и со исклучување на каква било форма на дискриминација. Членовите 12 и 14 дополнително ја уредуваат забраната и поимот на дискриминација, утврдувајќи дека секое понеповолно постапување во споредлива ситуација претставува дискриминација.

Во таа насока, Судот оцени дека оспорените делови од член 36 од Законот, со кои правото на еднократна парична помош за новороденче се ограничува исклучиво на прво и второ дете, воспоставуваат различен третман меѓу децата врз основа на нивниот редослед на раѓање. Притоа, Судот изрази сомнеж дали таквиот критериум претставува објективна и разумна основа за правно разликување, имајќи предвид дека сите деца, без оглед на редоследот на раѓање, се наоѓаат во суштински идентична правна положба во однос на потребата од заштита, грижа и поддршка од државата.

При оценувањето на уставноста, Судот ги имаше предвид и одредбите од Законот за заштита на децата, особено членовите 2, 3 и 4, со кои се утврдува дека заштитата на децата се заснова на начелото на еднаквост, обезбедување услови за целосен развој и исклучување на дискриминација по која било основа. Дополнително, членовите 12 и 14 од Законот изречно ја забрануваат дискриминацијата и утврдуваат дека дискриминација постои кога лице се става во понеповолна положба во споредлива ситуација.

Во таа смисла, Судот смета дека законското решение со кое правото на еднократна парична помош се ограничува само на прво и второ дете создава нееднаквост помеѓу деца кои се наоѓаат во идентична правна и фактичка положба, односно сите се новородени деца, но се третираат различно исклучиво врз основа на редоследот на раѓање. Оттука, основано се постави прашањето дали ваквата разлика има објективно и разумно оправдување.

При разгледувањето на сразмерноста на оспореното решение, според Судот, иако законодавецот може да има легитимна цел во насока на рационално користење на буџетските средства или водење социјална политика, таквата цел не е јасно конкретизирана, ниту е доволно образложена за да оправда исклучување на одредена категорија деца од право што по својата природа треба да биде универзално.

Понатаму, Судот изрази сомнеж во соодветноста на мерката, бидејќи исклучувањето на третото дете не придонесува за подобрување на социјалната положба, туку напротив, создава дополнителна нееднаквост. Во поглед на неопходноста, пред Судот се постави прашањето дали оспореното законско решение ги исполнува условите за неопходност, имајќи предвид дека исклучувањето на третото и секое наредно дете од правото на еднократна парична помош, не претставува единствено или неизбежно средство за остварување на целта на законодавецот. Од содржината на законското решение не може да се утврди дека без ваквото ограничување не би се постигнала истата цел, ниту дека постои доволно силна врска помеѓу избраниот критериум и потребата од негово воведување. Оттука, Судот изрази сомнеж во неопходноста на мерката, бидејќи не е образложено дека таа претставува оправдано и нужно ограничување во рамки на уставно дозволеното уредување. Во однос на сразмерноста, Судот оцени дека оспореното законско решение создава значителна нееднаквост меѓу децата, со тоа што одредена категорија се исклучува од правото врз основа на редоследот на раѓање, без доволно оправдан јавен интерес. Произлегува дека ваквата разлика не придонесува за остварување на целите на законодавецот, а последицата од ова е понеповолна правна положба на децата. Поради тоа, основано се постави прашањето дали е воспоставен соодветен баланс помеѓу целта и ограничувањето, што отвора сомнеж во сразмерноста на мерката.

Дискреционото право на законодавецот во уредување на социјалната политика, не е апсолутно право и мора да се врши во рамки на Уставот, особено во однос на забраната на дискриминација. Финансиските причини сами по себе не може да претставуваат оправдување за повреда на начелото на еднаквост.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од член 36 од Законот за заштита на децата со член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 42 и член 54 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во поглед на оспорениот член 38 став 3 од Законот за заштита на децата и во однос на уставноста на оваа одредба, Судот укажува дека со Решението У.бр.112/2021 од 5 јули 2022 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на истата. Ставот на Судот изразен во ова решение е дека законодавецот во рамки на своите уставни овластувања, може да ги определува условите за остварување на родителскиот додаток за трето живородено дете, вклучувајќи го и условот поврзан со приходите на семејството. Притоа, утврдено е дека приходниот критериум е во функција на социјална заштита и насочување на финансиската поддршка кон семејствата со пониски примања, при што пропишаните услови подеднакво важат за сите што се наоѓаат во ист правен режим.

Во наведеното решение, Судот исто така, оцени дека корисниците кои го стекнале правото според претходниот законски режим и лицата кои го остваруваат според изменетите услови, не се наоѓаат во иста правна положба, поради што продолжувањето на претходно стекнатите права не претставува повреда на начелото на еднаквост, туку е во согласност со правната сигурност.

Имајќи предвид дека повторно се оспорува истиот приходен критериум од аспект на еднаквоста, социјалната правда и заштитата на семејството, а не се изнесени основи што би упатувале на поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски