
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.166/2025
Скопје, 07.10.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 7 октомври 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на 157 став 8 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2023, 188/2023, 58/2025, 16/2026 и 17/2026).
Образложение
I
Славко Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законикот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, ваквото законско решение не е во согласност со Уставот, бидејќи моралните авторски права по својата природа се лични, неотуѓиви и непосредно поврзани со личноста на авторот, неговиот идентитет, чест и интегритет.
Се наведува дека моралните права му овозможуваат на авторот да го заштити своето авторство, името под кое делото се објавува, интегритетот на делото и неговата лична поврзаност со создаденото дело. Оттука, заштитата на овие права треба да зависи од личната волја на авторот, односно авторот самостојно да одлучува дали, кога и против кого ќе побара кривичноправна заштита.
Со иницијативата се оспорува законското решение според кое гонењето за повреда на морално право се презема „по предлог“, со наводи дека посоодветен процесен механизам би било гонењето „по приватна тужба“. Според наводите, со постојното решение, иако постапката зависи од предлогот на оштетениот, гонењето го презема јавниот обвинител, со што државата се вклучува во заштитата на право кое, има претежно личен карактер. Од тие причини се наведува дека приватната тужба би била посоодветна на природата на моралните авторски права и би обезбедила авторот непосредно да располага со начинот на нивната кривичноправна заштита.
Според наводите, оспореното законско решение е спротивно на член 8 од Уставот, без притоа конкретно да бидат означени ставот и алинејата од оваа уставна одредба. Ова законско решение не е соодветно на правната природа на моралните авторски права и не обезбедува соодветен процесен механизам за нивна заштита.
Понатаму, се наведува дека оспорената одредба е спротивна на член 25 од Уставот, со кој се гарантира почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот, достоинството и угледот. Според наводите, моралните авторски права се тесно поврзани со личноста и достоинството на авторот, поради што одлуката за нивната заштита треба да остане во неговата лична сфера. Вклучувањето на јавниот обвинител во гонењето, претставува мешање на државата во област во која авторот треба самостојно да располага со правото да одлучи дали ќе поведе постапка и на кој начин ќе ја остварува заштитата.
Во иницијативата се посочува на тоа дека член 157 став 8 од Кривичниот законик не е во согласност и со член 47 од Уставот, со кој се гарантира слободата на научното, уметничкото и другите видови творештво, како и правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Ова оттаму што уставната гаранција на правата што произлегуваат од интелектуалното творештво ја опфаќа и заштитата на моралните права на авторот, а нивната лична и неотуѓива природа бара авторот да располага со непосредна контрола врз начинот на нивната заштита.
Дополнително, иницијативата се повикува и на компаративната пракса на одделни европски законодавства, каде повредата на моралните права на авторот се гони по приватна тужба.
Поради сето горенаведено, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Кривичниот законик, по што Уставниот суд ќе изврши корекција на оспорениот дел од одредбата од наведениот законик, на начин што зборовите „се презема по предлог“ ќе се заменат со зборовите „се презема по приватна тужба“.
II
На седницата Судот утврди дека според член 157 став 8 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2023, 188/2023, 58/2025, 16/2026 и 17/2026), гонењето за повреда на морално право се презема по предлог.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во член 25 од Уставот е предвидено дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Со член 47 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво (став 1). Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво (став 2). Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата (став 3).
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во член 1 од Кривичниот законик е предвидено дека на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон или со меѓународните договори, ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија, определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон.
Согласно со член 157 став 1 од истиот законик, тој што во свое име или во име на друг неовластено ќе објави, прикаже, репродуцира, дистрибуира, изведе, емитува или на друг начин неовластено ќе посегне по туѓо авторско право или сродно право, односно авторско дело, изведба или предмет на сродно право, ќе се казни со парична казна или со затвор од шест месеци до три години. Според став 2 од истиот член, тој што делото од став 1 го стори преку компјутерски систем, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. Во став 3 на овој член е предвидено дека тој што со делото од став 1 прибавил поголема имотна корист, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Со став 4 е предвидено дека тој што со делото од ставот 1 прибавил значителна имотна корист, ќе се казни со затвор од една до пет години. Согласно со став 5, обидот е казнив. Според став 6, примероците на авторските дела и предметите на сродните права, како и средствата за репродуцирање, се одземаат. Во став 7 е предвидено дека ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна. Со став 8 од овој член е предвидено дека гонењето за повреда на морално право се презема по предлог.
Согласно со член 58 став 1 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018), за кривичните дела за кои се гони по предлог или по приватна тужба, предлогот или тужбата се поднесуваат во рок од три месеци од денот кога лицето овластено за поднесување на предлогот или приватната тужба узнало за кривичното дело и за сторителот. Според став 2 од истиот член, ако е поднесена приватна тужба поради кривичното дело навреда, обвинетиот до завршувањето на главната расправа и по истекот на рокот од ставот 1 на овој член може да поднесе тужба против тужителот кој истовремено му ја возвратил навредата (противтужба), а во таков случај судот донесува една пресуда. Во став 3 е предвидено дека предлогот за гонење се поднесува до надлежниот јавен обвинител, а приватната тужба до надлежниот суд. Со став 4 е предвидено дека ако самиот оштетен поднесе кривична пријава или стави предлог за остварување на имотноправно барање во кривичната постапка, ќе се смета дека со тоа ставил предлог за гонење. Според став 5 од истиот член, кога оштетениот поднел кривична пријава или предлог за гонење, а во текот на постапката ќе се утврди дека станува збор за кривично дело за кое се гони по приватна тужба, пријавата, односно предлогот ќе се смета како навремена приватна тужба ако е поднесена во рокот предвиден за приватна тужба. Навремено поднесената приватна тужба ќе се смета како навремено поднесен предлог на оштетениот, ако во текот на постапката се утврди дека се работи за кривично дело за кое се гони по предлог.
Според член 62 став 1 од истиот закон, оштетениот и приватниот тужител можат со своја изјава до судот пред кој се води постапката да се откажат од предлогот, односно приватната тужба до завршувањето на главната расправа. Во тој случај тие го губат правото повторно да поднесат предлог, односно приватна тужба.
Во член 402 став 1 точка 3 од овој закон е предвидено дека пресуда со која се одбива обвинението судот ќе изрече ако тужителот од започнувањето па до завршувањето на главната расправа се откажал од обвинението.
Според член 415 став 1 точка 5 од Законот, суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои кога се повредени прописите на кривичната постапка по прашањето дали постои обвинение од овластен тужител или предлог од оштетениот, односно одобрение од надлежниот орган.
IV
Од содржината на член 157 од Кривичниот законик произлегува дека овој член ги уредува облиците на повреда на авторското право и сродните права, со предвидени казни, квалификувани облици, казнивост на обид и одземање предмети, како и одговорност на правни лица. Оспорениот став 8 од овој член го определува начинот на кривично гонење за повреда на морално право, односно дека гонењето се презема по предлог.
Од анализата на оспорената одредба произлегува дека законодавецот предвидел посебен режим за гонење на повредата на моралното право. Со тоа што е пропишано дека гонењето се презема по предлог, кривичното гонење е условено со волјата на оштетениот. Ова законско решение, разгледано од аспект на одредбите од Законот за кривичната постапка, покажува дека не станува збор за гонење кое може да се преземе независно од волјата на носителот на правото, туку за гонење за чие преземање е потребен предлог од оштетениот.
Имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба и наводите изнесени во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.
Имено, оспорениот член 157 став 8 од Кривичниот законик, според кој „гонењето за повреда на морално право се презема по предлог“, не може да се разгледува изолирано, туку во системска поврзаност со одредбите од Законот за кривичната постапка коишто го уредуваат гонењето по предлог. Од наведените одредби произлегува дека законодавецот го определил предлогот на оштетениот како услов за преземање на кривичното гонење, со што неговата волја има непосредно значење за активирање на кривичноправната заштита.
Во таа смисла, од член 58 став 1 од Законот за кривичната постапка произлегува дека предлогот за гонење се поднесува во рок од три месеци од денот кога овластеното лице узнало за кривичното дело и за сторителот, додека согласно со став 3 од истиот член, предлогот се поднесува до надлежниот јавен обвинител. Од став 4 произлегува дека ако оштетениот поднесе кривична пријава или стави предлог за остварување на имотноправно барање во кривичната постапка, ќе се смета дека со тоа ставил предлог за гонење. Со став 5, пак, законодавецот го уредил и односот помеѓу предлогот за гонење и приватната тужба кога во текот на постапката ќе се утврди дека станува збор за кривично дело за кое е предвиден друг од овие два начини на гонење.
Понатаму, член 62 став 1 од Законот за кривичната постапка му овозможува на оштетениот до завршувањето на главната расправа да се откаже од предлогот за гонење, при што го губи правото повторно да поднесе предлог. Од особено значење е и член 415 став 1 точка 5 од истиот закон, според кој постои суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка ако се повредени прописите по прашањето дали постои обвинение од овластен тужител или предлог од оштетениот, односно одобрение од надлежниот орган. Од наведените одредби произлегува дека постоењето на предлог од оштетениот претставува законски релевантна претпоставка за гонењето, а Законот за кривичната постапка ги уредува неговото поднесување, правното дејство и можноста за откажување.
Оттука, фактот дека овластен тужител е јавниот обвинител не значи дека кривичното гонење се презема независно од волјата на оштетениот. Напротив, кај гонењето по предлог, постоењето на предлогот е услов за преземање на гонењето, а оштетениот располага и со можноста да се откаже од него под условите утврдени во член 62 став 1 од Законот за кривичната постапка. Поради тоа, не може да се прифати наводот дека со оспореното законско решение се одзема автономијата на авторот или се занемарува личниот карактер на моралното право.
Наводот за несогласност на оспорената одредба со член 8 од Уставот, без притоа конкретно да бидат означени ставот и алинејата од оваа уставна одредба, од анализата на содржината на иницијативата и аргументите со кои се оспорува законската одредба според кое гонењето се презема „по предлог“, наместо „по приватна тужба“, произлегува дека наводите во суштина се однесуваат на несогласноста на ова законско решение со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Ваквиот навод според Судот е неоснован. Ова од причина што со член 157 став 8 од Кривичниот законик јасно е определено дека гонењето за повреда на морално право се презема по предлог, додека со Законот за кривичната постапка се уредуваат начинот на поднесување и правното дејство на предлогот. Оттука, законското решение е јасно во поглед на условот под кој се презема гонењето и не создава правна нејасност или неизвесност во поглед на положбата на оштетениот и начинот на остварување на кривичноправната заштита. Определбата на законодавецот гонењето да се презема „по предлог“, а не „по приватна тужба“, сама по себе не ја доведува во прашање правната сигурност и не е во спротивност со темелната вредност владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба се нарушуваат достоинството и личниот интегритет на авторот, повикувајќи се на член 25 од Уставот. Судот оцени дека ваквиот навод е неоснован. Имено, член 157 став 8 од Кривичниот законик не предвидува гонење независно од волјата на оштетениот, туку преземањето на гонењето го условува со негов предлог. Дополнително, член 62 став 1 од Законот за кривичната постапка му овозможува на оштетениот да се откаже од предлогот до завршувањето на главната расправа. Според тоа, законското решение не ја исклучува волјата на авторот при одлучувањето дали ќе се активира кривичноправната заштита на неговото морално право. Оттука, не може да се прифати дека со самото определување на јавниот обвинител како овластен тужител се повредуваат достоинството и угледот, чијашто заштита е гарантирана со член 25 од Уставот.
Во однос на наводите дека оспорената одредба е спротивна на член 47 од Уставот, според Судот се неосновани. Член 47 од Уставот ја гарантира слободата на научното, уметничкото и другите видови творештво, како и правата што произлегуваат од интелектуалното творештво. Со член 157 од Кривичниот законик законодавецот воспоставил кривичноправна заштита од неовластено посегање по авторското право и сродните права, а со став 8 определил дека гонењето за повреда на морално право се презема по предлог. Условувањето на гонењето со предлог од оштетениот не ја доведува во прашање уставната гаранција на правата што произлегуваат од интелектуалното творештво. Напротив, кривичноправната заштита постои, но нејзиното активирање кај повредата на морално право е поврзано со волјата на оштетениот. Поради тоа, оспореното законско решение не може да се оцени како несогласно со член 47 од Уставот.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и член 58, член 62 и член 415 став 1 точка 5 од Законот за кривичната постапка, Судот оцени дека со оспорениот член 157 став 8 од Кривичниот законик не се ограничува автономијата на авторот, ниту се повредуваат неговото достоинство и углед или уставно гарантираните права што произлегуваат од интелектуалното творештво. Со оспорената одредба е утврден начин на гонење според кој кривичното гонење е условено со предлог од оштетениот. Оттука, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 157 став 8 од Кривичниот законик со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 25 и 47 од Уставот.
Во однос на наводот дека наместо гонење „по предлог“ законодавецот требало да предвиди гонење „по приватна тужба“, Судот оцени дека со ваквиот навод во суштина се оспорува изборот на законодавецот помеѓу два различни начина на кривично гонење. Уставот не определува дека за повреда на морално право гонењето задолжително треба да се презема по приватна тужба, ниту го определува начинот на гонење што законодавецот треба да го предвиди за ова кривично дело. Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не за целисходноста на едно законско решение во однос на друго можно законско решение. Оттука, прашањето дали гонењето за повреда на морално право би било посоодветно да се презема „по приватна тужба“ наместо „по предлог“ е прашање на законодавно уредување, а не прашање од кое може да се доведе во сомнение уставноста на оспорената одредба.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски