
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.106/2026
Скопје, 07.10.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 7 октомври 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 461 ставови 2, 3 и 4 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).
О б р а з л о ж е н и е
I
Горан Николовски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Имено, како што се наведува, истите не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 50 од Уставот.
Во однос на правото на пристап до суд, со овие одредби се воведува задолжителна медијација како процесен предуслов за пристап до суд. Правото на судска заштита подразбира ефективен и непосреден пристап до суд, без прекумерни процесни бариери, додека со ова законско решение, странката не може да иницира судска постапка без претходно да поведе постапка за медијација. Дополнително се наведува дека медијацијата не зависи исклучиво од волјата на странките и дека ваквото законско решение создава временско и финансиско оптоварување, со што се ограничува правото на пристап до суд.
Како поткрепа на овие наводи, се посочува на практиката на Европскиот суд за човекови права, според која правото на пристап до суд мора да биде практично и ефективно, а не теоретско и илузорно (Golder v. the United Kingdom), финансиските и процесните пречки не смеат да ја повредат суштината на правото (Kreuz v. Poland), а индиректните механизми кои го обесхрабруваат или отежнуваат пристапот до суд можат да претставуваат повреда на правото на правично судење (Deweer v. Belgium). Во случајот, задолжителната медијација како услов за пристап до суд, има токму таков ефект.
Во однос на правото на еднаквост од член 9 од Уставот, се наведува дека оспорените одредби создаваат нееднаквост и тоа од една страна помеѓу правните и физичките лица, а од друга страна, помеѓу субјектите во зависност од вредноста на спорот.
Правните лица се во неповолна положба затоа што за нив медијацијата е задолжителна, додека за физичките лица таа не e услов за пристап до судoвите. Исто така, се укажува дека нема суштинска разлика која го оправдува ваквиот различен третман, како и тоа дека правниот статус на субјектот и вредноста на спорот, не се релевантни основи за различно уредување на пристапот до судовите. Од ова произлегува дека станува збор за дискриминаторско уредување кое не е засновано на објективни и разумни критериуми.
Исто така, постои повреда на владеењето на правото, коешто подразбира сигурен и директен пристап до суд, предвидливост на правната заштита и забрана на произволни ограничувања. Со овие одредби, судската заштита се условува со постапка која не е судска, се релативизира улогата на судот како конечен гарант на правата и се создава правна несигурност, а законодавецот не смее да воспоставува процесни услови кои ја ограничуваат суштината на правото на судска заштита.
Ова законско решение е и непропорционално, иако целта на законодавецот – растоварување на судовите и поттикнување на медијацијата – може да се смета за легитимна, сепак поставувањето на задолжително вонсудско решавање на споровите во одреден дел од постапките и како предуслов за пристап пред судот, го повредува Уставот.
Предметот на оспорување не ги остварува очекуваните резултати, освен зголемување на трошоците, ограничување на пристапот до суд и создавање несразмерен товар за странките, при што се посочува дека задолжителноста не е нужна мерка и дека постојат поблаги мерки како што се доброволната медијација и финансиски стимуланси.
Посебно се наведува и дека е повреден член 6 од Европската конвенција за човекови права, а во врска со член 118 од Уставот. Овој член го гарантира правото на правично судење, кое според практиката на Европскиот суд за човекови права го опфаќа и правото на пристап до суд. Во таа насока повторно се посочува на истите предмети пред овој суд, со навод дека задолжителната медијација е процесна пречка за пристап до суд, којашто не зависи од слободната волја на странките и создава дополнителни трошоци и одложувања и може да доведе до фактичко оневозможување на судската заштита.
Според наводите, Европскиот суд за човекови права, дозволува алтернативни механизми за решавање спорови само доколку тие не претставуваат задолжителна и апсолутна процесна пречка за пристап до суд.
Во однос на член 461 став 4 од Законот за парничната постапка се изнесени посебни наводи. Со оваа одредба е предвидено тужбата да се отфрли доколку не е спроведена постапка на медијација, со што законодавецот воспоставил автоматска процесна санкција без воопшто да се навлезе во основаноста на тужбеното барање.
На овој начин, судовите не може да одлучуваат за суштината на спорот, а странката е лишена од ефективна судска заштита исклучиво поради непочитување на формален предуслов. Се наведува и дека ова законско решение создава директна и несразмерна штета за странките, бидејќи правото останува неразгледано од судот, што е спротивно на улогата на судот како гарант на правната заштита.
Истата одредба ги повредува владеењето на правото, правната сигурност и довербата во правниот поредок, бидејќи формата се става над суштината, а пристапот до суд се сведува на исполнување претходни услови наместо на остварување на уставно загарантираното право на судска заштита.
II
На седницата Судот утврди дека според член 461 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата да се обидат спорот да го решат по пат на медијација.
Согласно со став 3 на овој член, при поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи писмен доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал.
Став 4 на истиот член предвидува дека тужбата кон која не е приложен доказот од ставот 2 на овој член судот ќе ја отфрли.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, додека според став 2 на истиот член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 50 став 1 од Уставот е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Член 51 став 1 од Уставот, уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во став 4 на точка 1 на Амандманот XXV на Уставот е предвидено дека видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Член 110 алинеја 1 од Уставот, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 6 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), секој има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно засновани интереси.
Согласно со член 1 од Законот за парничната постапка, со истиот се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.
Според член 462 точки 1 и 2 од овој закон, одредбите за постапката во стопанските спорови се применуваат: во споровите од меѓусебните стопански односи во кои двете странки се правни лица; и во споровите што се однесуваат на бродовите и на пловидбата на внатрешните води, како и во споровите врз кои се применува пловидбеното право (пловидбени спорови), освен споровите на превозот на патници.
Потоа, според член 463 од истиот закон, одредбите за постапката во стопанските спорови се применуваат и во споровите што произлегуваат од меѓусебните стопански односи на имателите на дуќани и на другите поединци кои во вид на регистрирано занимање вршат некоја стопанска дејност односно од меѓусебните стопански односи на тие лица и правните лица од членот 462 точка 1 на овој закон.
Член 464 од овој закон, предвидува дека одредбите за постапката во стопанските спорови се применуваат и во споровите меѓу лицата од членот 462 точка 1 на овој закон и странски физички и правни лица што произлегуваат од нивните меѓусебни стопански односи, како и во такви меѓусебни спорови на странски физички или правни лица.
Според член 465 од Законот, одредбите за постапка во стопанските спорови ќе се применуваат и кога во спорот, покрај лицата од членот 462 точка 1 и членот 464 на овој закон, како сопарничари од членот 186 став 1 точка 1 на овој закон учествуваат и други физички или правни лица.
Согласно со член 1 став 1 од Законот за медијација (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021 и 111/2026), со истиот се уредува медијацијата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е утврдена исклучива надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка.
Според став 2 на истиот член алинеи 1-14, медијацијата се применува при: имотно правни спорови што произлегуваат од оставински постапки; семејни спорови; работни спорови; трговски спорови; потрошувачки спорови; осигурителни спорови; спорови што произлегуваат од постапките на нотарски платни налози; спорови од областа на образованието; спорови од областа на безбедност и здравје при работа; спорови од областа на здравствената заштита; спорови од областа на заштитата на животната средина; спорови во врска со дискриминацијата; спорови поврзани со граѓанска одговорност за навреда и клевета и во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување настанати меѓу домашни и/или странски физички и правни лица.
„Медијација“ е посредување и начин на решавање на споровите наведени во членот 1 од овој закон, настанати меѓу две или повеќе страни во спорот, при што им се овозможува истиот да го решат по пат на мирење, со посредство на трета неутрална страна медијатор/медијатори, со можност да постигнат заемно прифатлива писмена спогодба (член 3 точка а од Законот).
Член 4 став 1 од Законот предвидува дека според начинот на поведување, медијацијата може да се одвива како доброволна, договорна и законски определена, додека според став 4 на овој член, законски определена медијација е задолжителниот обид за медијација кој произлегува од закон пред или по започнување на судска постапка.
Според член 7 став 3 од овој закон, меѓу другото, исклучок од начелото на доброволност е кога медијацијата се спроведува за спор за кој со закон е утврден задолжителен обид за медијација.
Понатаму, согласно член 18 став 2 од истиот закон, кога со закон или со облигационен договор е предвидено започнување на постапка на медијација како услов за водење на судска или друга постапка, постапката за медијација започнува со изјавена согласност на двете страни за започнување постапка за медијација, додека според став 5 на овој член, доколку страната која поканила друга страна во постапка на медијација не добие одговор за прифаќањето на поканата за медијација најдоцна во рок од 15 дена од денот на испраќањето на поканата од медијаторот, се смета дека предлогот за поведување постапка на медијација не е прифатен.
Член 20 став 1 на овој закон предвидува дека со поднесување на барање за поведување на постапка на медијација од член 17 од овој закон, започнува прекин на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос и трае до завршувањето на постапката за медијација, но не подолго од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето.
Согласно со член 24 став 3 од Законот, секоја од страните учесници може во секое време, без оглед на динамиката на спроведување на започната постапка на медијација, да отстапи од учеството во постапката на медијација.
И на крајот, член 25 став 1 од овој закон предвидува дека постапката на медијација завршува, меѓу другото и со доставување на писмена изјава на која било од страните за отстапување од учество во постапката на медијацијата, на денот на поднесувањето на изјавата до медијаторот (точка 4); и по истекот на 90 дена од денот на започнување на постапката на медијација, без оглед на нејзиниот исход (точка 9).
IV
Имајќи ги предвид наводите во иницијативата, содржината на оспорените одредби, релевантната уставна и законска рамка, како и правниот однос што се уредува со оваа одредба, произлезе анализата како што следи понатаму.
Пред да се премине на разгледувањето in meritum, од страна на Судот, беше испитано постоењето процесни пречки по однос на одлучувањето по иницијативата, имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 3 јули 2026 година, донесе нов Закон за парничната постапка (*).
Согласно со член 518 од овој закон, со денот на започнувањето со примената на овој закон, престанува да важи Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).
Во член 519 од истиот закон е утврдено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, а ќе започне да се применува по истекот на шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен одредбите од член 103 од овој закон, коишто се однесуваат на подготовката и текот на рочиште, односно расправа што се одржува на далечина или изведување на одделни докази на далечина со употреба на средства за електронска комуникација, електронските документи, електронската достава, електронски квалификуван потпис и дигитализирани примероци на судски одлуки и записници, коишто ќе започнат да се применуваат по истекот на 18 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Новиот Закон за парничната постапка (*) е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151 од 8 јули 2026 година, што значи дека влегол во сила на 16 јули 2026 година.
Меѓутоа, ако се има предвид дека неговата примена започнува шест месеци по влегувањето во сила, а дотогаш ќе се применува претходниот Закон за парничната постапка во кој се содржани оспорените одредби, тоа значи дека при одлучувањето по однос на иницијативата, не постојат процесни пречки за мериторно разгледување во овој предмет.
Што се однесува на предметот на оспорување, иако со иницијативата е означено дека се оспорува член 461 од Законот за парничната постапка во целост, од содржината на наводите произлегува дека уставноправните прашања коишто се покренуваат со истата, се однесуваат на ставовите 2, 3 и 4 од овој член, со кои се уредува задолжителен обид за медијација како предуслов за поднесување тужба, обврската за приложување доказ за неуспешна медијација, како и последицата од непочитување на оваа обврска – отфрлање на тужбата.
Наспроти тоа, став 1 на член 461 од Законот, е општа упатна одредба со која се уредува примената на одредбите од Законот за парничната постапка во стопанските спорови, доколку со посебните одредби од оваа глава поинаку не е определено и како таков не содржи самостојно нормативно решение кое може да се доведе во прашање со наводите во иницијативата.
Според тоа, предмет на уставно-судска оцена во конкретниот случај, по својата суштина и содржина, а во корелација со наводите во иницијативата, се член 461 ставови 2, 3 и 4 од Законот за парничната постапка.
Поаѓајќи од наводите во иницијативата, содржината на оспорените одредби, одредбите од Законот за медијација, како и уставно-судската практика, според Судот, во конкретниот случај како суштински се поставуваат прашањата: дали законското условување на поведувањето на судската постапка со претходен задолжителен обид за медијација го повредува правото на пристап до суд; дали со оспореното законско решение се создава нееднаков третман на правните субјекти и дали начинот на кој е уредена оваа процесна претпоставка создава правна несигурност спротивна на владеење на правото.
Од анализата на содржината на член 461 ставови 2, 3 и 4 од Законот за парничната постапка произлегува дека законодавецот за стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари, а по повод кои постапката се поведува со тужба, предвидел обврска странките пред поднесувањето на тужбата да направат обид спорот да го решат по пат на медијација.
Исполнувањето на оваа обврска е процесна претпоставка за постапување на судот по тужбата, бидејќи тужителот е должен кон тужбата да приложи доказ во писмена форма издаден од медијатор, дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал, а неприложувањето на доказот е основ за отфрлање на тужбата.
Според тоа, овие законски решенија го условуваат непосредното остварување на судската заштита со претходно исполнување на определена процесна претпоставка.
Меѓутоа, самото постоење на процесна претпоставка којашто треба да биде исполнета пред поднесувањето на тужбата, според Судот, не води само по себе кон заклучок дека е повредено правото на пристап до суд. За уставно-правната оцена од значење е природата на конкретната претпоставка и последиците што таа ги произведува врз можноста странката ефективно да побара судска заштита.
Во оваа смисла, одредбите од член 461 од Законот за парничната постапка не можат да се разгледуваат изолирано од одредбите на Законот за медијација.
Имено, според Законот за медијација, во однос на тоа како може да биде поведена, медијацијата може да биде доброволна, договорна и законски определена, при што законски определената медијација е задолжителен обид за медијација којашто произлегува од закон и се спроведува пред или по започнувањето на судска постапка.
Покрај тоа, иако истиот закон ја определува доброволноста како едно од начелата според кои се спроведува медијацијата, истовремено изречно предвидува и исклучок од ова начело, меѓу другото, кога медијацијата се спроведува за спор за кој со закон е утврден задолжителен обид за медијација.
Од ваквата нормативна поставеност произлегува дека Законот за медијација изречно предвидува обидот за медијација да биде задолжителен кога таквата обврска е утврдена со закон.
Притоа, Судот укажува дека задолжителноста во овој случај се однесува на обидот спорот да се реши по пат на медијација, а не и на самото негово решавање на овој начин, односно странките немаат обврска да постигнат спогодба, ниту исходот од медијацијата претставува услов за остварување на судската заштита.
На ваквиот карактер на законски определената медијација упатуваат и одредбите со кои е уредено започнувањето, текот и завршувањето на постапката за медијација. Така, според Законот за медијација (*), кога медијацијата е законски или договорно определен услов за започнување судска постапка, постапката за медијација започнува со изјавена согласност на двете страни. Потоа, доколку страната која поканила друга страна во постапка на медијација не добие одговор за прифаќањето на поканата најдоцна во рок од 15 дена од денот на испраќањето на поканата од медијаторот, се смета дека предлогот за поведување постапка на медијација не е прифатен.
Истовремено, секоја од страните учесници може во секое време, без оглед на динамиката на спроведување на започнатата постапка за медијација, да отстапи од учеството во постапката.
Постапката за медијација, покрај другите законски определени начини, завршува и со доставување писмена изјава на која било од страните за отстапување од учество во постапката, како и по истекот на 90 дена од денот на започнувањето на постапката, без оглед на нејзиниот исход. Притоа, од значење за ефективното остварување на судската заштита е и тоа што Законот за медијација (*) предвидува дека со поднесувањето на барањето за поведување постапка на медијација започнува прекинот на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос, а прекинот трае до завршувањето на постапката за медијација, но не подолго од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето.
Од наведеното произлегува дека волјата на другата страна не претставува трајна пречка за пристап до суд. Тужителот е должен да го направи пропишаниот обид за медијација, но неговото право да побара судска заштита не зависи од тоа дали другата страна ќе прифати да преговара, ниту од тоа дали странките ќе постигнат спогодба.
Доколку другата страна не го прифати предлогот за медијација, потоа доколку која било од страните отстапи од постапката или доколку медијацијата заврши без спогодба, законската обврска за обид за медијација не е трајна пречка спорот да биде изнесен пред суд. Дополнително, законското уредување на прекинот на застарувањето спречува времето поминато во постапката за медијација, во рамки на законски определениот период, само по себе да доведе до губење на можноста побарувањето да се оствари по судски пат.
Во однос на наводите дека задолжителниот обид за медијација создава дополнително временско и финансиско оптоварување за странките, според Судот, самото постоење на определено времетраење и трошоци поврзани со исполнувањето на процесната претпоставка не е доволно за заклучок дека со тоа се повредува правото на пристап до суд.
Кај аспектот за наводно временско оптоварување, од претходното произлегува дека законодавецот предвидел механизми со кои се ограничува можноста обидот за медијација да доведе до неопределено одложување на пристапот до суд. Доколку страната која ја упатила поканата за медијација не добие одговор за нејзино прифаќање во рок од 15 дена од денот на испраќањето на поканата од медијаторот, се смета дека предлогот за поведување постапка на медијација не е прифатен, секоја од страните може да отстапи од постапката, постапката во секој случај е временски ограничена, а со поднесувањето на барањето за поведување постапка на медијација започнува прекинот на рокот за застареност на побарувањето.
Што се однесува на наводното финансиско оптоварување, околноста што постапката за медијација може да биде поврзана со определени трошоци, сама по себе, не значи дека пристапот до суд станува неефективен. Од уставноправен аспект од значење е дали таквото оптоварување, според својата природа и висина, претставува пречка со која фактички се оневозможува или прекумерно се отежнува остварувањето на судската заштита. Според Судот, не може да се изведе таков заклучок само поради фактот дека законски пропишаниот претходен обид за медијација може да предизвика определени трошоци.
Според тоа, со оспорените одредби, судската заштита не се исклучува, туку нејзиното непосредно остварување се условува со претходно преземање на законски определен обид за алтернативно решавање на спорот.
Во оваа насока треба да се има предвид и ставот на Судот изразен во предметот У.бр.95/2024, во кој, при оцената на одредбата од член 4 став 3 од Законот за медијација, Судот не го прифатил тврдењето дека условувањето на поднесувањето на тужбата со претходен обид за медијација само по себе го ограничува правото на судска заштита.
Меѓутоа, треба да се има предвид дека во тој предмет станува збор за договорната медијација, односно за обврска што произлегува од претходно изразена волја на странките, додека во конкретниот случај обврската за претходен обид за медијација произлегува непосредно од Законот. Поради ова, наведениот став не може непосредно да го разреши уставното прашање во конкретниот предмет, но е релевантен во делот во кој упатува дека постоењето на претходна медијација како процесна претпоставка не значи само по себе исклучување на судската заштита.
Во однос на посочената практика на Европскиот суд за човекови права, неспорно е дека правото на пристап до суд претставува составен елемент на правото на правично судење и дека пристапот треба да биде практичен и ефективен, а не теоретски и илузорен. Меѓутоа, од практиката на Европскиот суд не произлегува дека секоја процесна претпоставка којашто треба да биде исполнета пред обраќањето до суд сама по себе претставува недозволено ограничување на пристапот до суд. Правото на пристап до суд може да биде предмет на процесно уредување, под услов со тоа да не се засега самата суштина на правото.
Од значење во оваа смисла е и предметот Momèiloviæ v. Croatia, во кој Европскиот суд за човекови права прифатил дека законски пропишаната обврска за претходно обраќање до надлежното државно правобранителство со барање за спогодбено решавање на спорот, како услов за поднесување тужба против државата, претставува ограничување на пристапот до суд, но оценил дека тоа ограничување следи легитимна цел поврзана со можноста за постигнување спогодба и избегнување на судската постапка и дека од аспект на пропорционалноста е од значење што поднесувањето на барањето за спогодбено решавање го прекинува рокот на застареност, што по неуспешниот обид странката ја задржува можноста да поднесе тужба пред судот и што предвидениот тримесечен рок за одлучување по барањето не е сам по себе неразумен. Притоа, Европскиот суд го имал предвид и тоа што подносителите, со пропуштањето на задолжителниот претходен процесен чекор, самите се довеле во положба домашните судови да не можат мериторно да одлучуваат за нивното барање.
Иако наведениот предмет се однесува на задолжителна претходна постапка за спогодбено решавање на спор со државата, а не на медијација во стопански спорови, ставовите на Европскиот суд за човекови права се релевантни и за оцената на оспореното законско решение, бидејќи и во двата случаи станува збор за законски пропишан задолжителен обид за вонсудско решавање на спорот како претпоставка за пристап до суд.
Во рамки на наводите за ограничување на пристапот до суд, од посебно значење е и тоа што законодавецот задолжителниот обид за медијација не го предвидел за сите стопански спорови, туку само за споровите за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари. Според Судот, определувањето на вредноста на предметот на спорот како критериум за примена на определен процесен режим само по себе не е спротивно на правото на судска заштита.
Уредувањето на парничната постапка подразбира овластување на законодавецот, зависно од природата, видот или вредноста на спорот, да предвидува различни процесни правила, под услов со нив да не се оневозможува ефективното остварување на судската заштита.
Во оваа смисла е релевантен и ставот изразен во Решението У.бр.59/2011, во кое овој суд при оценувањето на законски определен вредносен праг за дозволеност на ревизијата, прифатил дека законодавецот може да го уреди користењето на определени процесни права во зависност од вредноста и видот на спорот.
Иако наведеното решение се однесува на пристапот до вонреден правен лек по претходно спроведена судска постапка, додека во конкретниот предмет вредносниот критериум го определува кругот на спорови за кои е предвидена процесна претпоставка пред првичното обраќање до суд, став на Судот е дека ставовите од овој предмет можат да бидат релевантни за прифатливоста на вредноста на спорот како процесен критериум.
Во конкретниот случај, вредносниот праг од 1.000.000 денари не го исклучува пристапот до суд за споровите под тој праг, туку го определува опфатот на споровите за кои законодавецот предвидел претходен обид за медијација. По исполнувањето на оваа процесна претпоставка, странката може да поднесе тужба и судот да постапува по неа, доколку се исполнети и останатите процесни претпоставки.
Притоа, од уставноправен аспект не е одлучувачко дали законодавецот можел да определи поинаков вредносен праг, туку дали избраниот критериум доведува до оневозможување или суштинско отежнување на остварувањето на судската заштита. Од содржината и правното дејство на оспорените одредби, според Судот, таков заклучок не произлегува.
Ниту предвиденото отфрлање на тужбата во случај кога кон неа не е приложен пропишаниот доказ, разгледувано во контекст на целината на законското решение, упатува на поинаков заклучок.
Станува збор за процесна последица поради неисполнување на законски пропишана претпоставка за постапување по тужбата, а не за мериторно одлучување за основаноста на тужбеното барање. Со отфрлањето на тужбата не се разрешува спорниот материјално-правен однос и не се исклучува можноста тужителот, по исполнувањето на законската претпоставка, повторно да побара судска заштита, доколку се исполнети и останатите процесни претпоставки и услови за нејзино остварување.
Затоа, оваа процесна последица треба да се согледува во функција на обезбедување на примената на претходно пропишаниот задолжителен обид за медијација, а не како самостојно ограничување со кое се одзема правото на пристап до суд.
Не може да се прифати ниту наводот дека оспореното законско решение е неуставно затоа што законодавецот можел да предвиди други, поблаги средства за поттикнување на медијацијата, како доброволна медијација или финансиски стимуланси.
Изборот на конкретниот процесен механизам чијашто цел е да се поттикне алтернативното решавање на определена категорија спорови, спаѓа во доменот на законодавната оцена и уредување на постапката, под услов избраниот механизам да не ги повредува уставно загарантираните права и не создава процесна пречка со која нивното остварување се оневозможува или суштински се отежнува.
Според тоа, за уставно-судската оцена самото постоење на други можни законодавни решенија не е доволно за да се заклучи дека избраното решение е неуставно, туку од значење е дали конкретно избраното решение е во уставно дозволените рамки на уредување на начинот на остварување на судската заштита.
Имајќи предвид дека задолжителноста се однесува на обидот за медијација, а не на постигнувањето спогодба, потоа дека постапката е временски ограничена и тоа што по неуспешниот обид, останува отворена можноста спорот да биде изнесен пред суд, самото постоење на други можни законодавни решенија не претставува доволен основ за доведување во прашање на уставноста на избраниот процесен механизам.
Од истите причини, не произлегува ниту дека задолжителниот обид за медијација создава несразмерен товар за странките. Природата на обврската, нејзиниот ограничен опфат, можноста странките да не постигнат спогодба и да отстапат од започнатата постапка, временската ограниченост на медијацијата, прекинот на рокот на застареност и зачувувањето на можноста спорот да биде изнесен пред суд, разгледани во нивната меѓусебна поврзаност, според Судот, не упатуваат дека процесната претпоставка создава таков товар со кој пристапот до суд би станал практично неефективен или би била засегната суштината на правото на судска заштита.
Според тоа, имајќи ги предвид наведените елементи во нивната меѓусебна поврзаност, овие законски решенија не ја исклучуваат судската заштита, ниту ја прават зависна од постигнување спогодба во постапката за медијација. Со нив се пропишува процесна претпоставка за определена категорија стопански спорови, по чие исполнување странката може да го изнесе спорот пред суд.
Поради тоа, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека самото законско определување на задолжителен обид за медијација, вредносниот праг за неговата примена и процесната последица поради неисполнување на оваа претпоставка го повредуваат правото на пристап до суд.
Во однос на наводите за повреда на правото на еднаквост, иницијативата поаѓа од становиштето дека со оспореното решение правните лица се ставаат во понеповолна положба во однос на физичките лица, бидејќи за нив пристапот до суд бил условен со задолжителна медијација.
Меѓутоа, ова не соодветствува со законското уредување на стопанските спорови. Иако член 462 точка 1 од Законот за парничната постапка како основна категорија ги опфаќа споровите од меѓусебните стопански односи во кои како странки се јавуваат правни лица, од членовите 463, 464 и 465 произлегува дека примената на правилата за стопанските спорови не е ограничена исклучиво на спорови меѓу правни лица.
Тие правила се применуваат и на спорови од меѓусебните стопански односи на имателите на дуќани и други физички лица кои во вид на регистрирано занимање вршат стопанска дејност, на нивните стопански односи со правни лица, на определени спорови во кои учествуваат странски физички и правни лица, како и во случаите во кои покрај лицата определени со Законот како сопарничари учествуваат и други физички или правни лица.
Според тоа, примената на оспорениот член 461 став 2 не зависи единствено од својството на странката како правно лице. Неговата примена зависи од тоа дали конкретниот спор, според критериумите утврдени во одредбите од оваа глава на Законот, има карактер на стопански спор, дали се однесува на парично побарување и дали вредноста на побарувањето не го надминува законски определениот праг. Следствено, не може да се прифати основната претпоставка на иницијативата дека законодавецот само поради својството на правно лице на определена категорија субјекти им наметнал дополнителна процесна обврска која не постои за физичките лица.
Во однос на наводот дека се создава нееднаквост и помеѓу субјектите во зависност од вредноста на спорот, неспорно е дека оспореното законско решение воспоставува различен процесен режим за стопанските спорови за парични побарувања чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари во однос на оние чијашто вредност го надминува овој износ.
Меѓутоа, различното законско уредување на процесната положба на странките не значи само по себе повреда на начелото на еднаквост. Од значење е дали различниот третман се заснова на однапред определен и објективно утврдлив критериум и дали неговата примена доведува до неоправдано различна положба на субјектите во остварувањето на нивните права.
Во конкретниот случај, критериумот е вредноста на паричното побарување и тој подеднакво се применува на сите субјекти чии спорови ги исполнуваат условите од член 461 став 2 од Законот. Разликата, според тоа, не се воспоставува врз основа на лично својство или статус на странката, туку според објективна карактеристика на спорот. Притоа, различниот процесен режим е поврзан со законодавната цел за поттикнување на алтернативното решавање на определена категорија стопански спорови, при што, како што претходно беше образложено, задолжителниот обид за медијација не ја исклучува можноста за судска заштита. Исто така, како што претходно беше наведено, определувањето на вредноста на спорот како критериум за примена на различни процесни правила не е нов законски критериум во парничната постапка, а ставот на Судот изразен во Решението У.бр.59/2011, иако се однесува на поинаква процесна ситуација, е релевантен за оцената дека вредноста на спорот сама по себе не претставува уставно недозволен процесен критериум.
Поради тоа, ниту различниот процесен режим што произлегува од законски определениот вредносен праг не упатува на нееднаков третман спротивен на член 9 од Уставот.
Од овие причини, според Судот, оспорените законски решенија не создаваат нееднаквост на правните субјекти на начин на кој тоа се тврди во иницијативата.
На крај, во однос на наводите дека оспорените одредби создаваат правна несигурност спротивно на владеењето на правото, според Судот, за уставноправната оцена е од значење дали законското решение на своите адресати им овозможува однапред да го утврдат своето процесно однесување, односно дали од законските одредби може јасно да се утврди за кои спорови постои обврска за претходен обид за медијација, што треба да преземат странките пред поднесувањето на тужбата, на кој начин се докажува исполнувањето на оваа обврска и која е процесната последица доколку таа не биде исполнета.
Разгледувани во целина, содржината на член 461 ставови 2, 3 и 4 од Законот за парничната постапка, во корелација со одредбите од Законот за медијација (*) и со одредбите од Законот за парничната постапка со кои е определен кругот на стопанските спорови, овозможува да се утврдат сите наведени елементи.
Имено, од член 461 став 2 произлегува дека задолжителниот обид за медијација се однесува на стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари и за кои постапката се поведува со тужба. Од ставот 3 произлегува дека тужителот кон тужбата треба да приложи доказ во писмена форма издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал, додека ставот 4 ја определува процесната последица од неприложувањето на таквиот доказ – отфрлање на тужбата.
Оттука, самата околност дека законодавецот го условил непосредното обраќање до суд со претходно исполнување на законски определена процесна претпоставка не создава правна несигурност, доколку содржината на таа претпоставка, начинот на нејзино исполнување и последиците од непостапувањето се утврдени на начин што им овозможува на адресатите разумно да го предвидат своето процесно однесување.
Одредбите од Законот за медијација (*) дополнително ја определуваат содржината на оваа обврска, преку уредувањето на начинот на започнување на постапката, рокот во кој другата страна треба да се изјасни за предлогот за медијација, можноста за отстапување од започнатата постапка, начинот на нејзиното завршување и временското ограничување на нејзиното траење. Поради тоа, правната положба на странката не останува зависна од неопределено или произволно постапување на другата страна или на медијаторот, туку од однапред законски уредени услови.
Во тој контекст, не може да се прифати ниту наводот дека со условувањето на пристапот до суд со претходен обид за медијација се релативизира улогата на судот како гарант на судската заштита. Задолжителниот обид за медијација не ја заменува судската постапка, ниту на медијаторот му се доверува овластување мериторно да одлучи за спорното право. Доколку спорот не биде решен по пат на медијација, судската заштита останува достапна, под услов да бидат исполнети законски утврдените процесни претпоставки.
Притоа, во член 461 став 4 е употребена формулацијата дека тужбата кон која не е приложен „доказот од ставот (2)“ ќе биде отфрлена, иако обврската за приложување писмен доказ издаден од медијатор е непосредно уредена во ставот 3 од истиот член. Ваквата формулација претставува нормативна непрецизност.
Меѓутоа, од систематското и јазичното толкување на ставовите 2, 3 и 4 јасно произлегува дека станува збор за доказот за неуспешниот обид за решавање на спорот по пат на медијација. Оттука, оваа непрецизност нема степен на нејасност што би оневозможил адресатите на нормата да го утврдат своето процесно однесување или би оставил простор за различно и произволно постапување во поглед на самата законска обврска.
Од сето наведено, не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 461 ставови 2, 3 и 4 од Законот за парничната постапка со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 50 став 1 од Уставот, од гледна точка на наводите во иницијативата.
Што се однесува на наводите за спротивност со член 6 од Европската конвенција за човекови права, Судот укажува дека согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд ја оценува согласноста на законите со Уставот, а не нивната согласност со меѓународните договори.
Меѓутоа, стандардите изградени во практиката на Европскиот суд за човекови права во однос на правото на пристап до суд се од значење при разгледувањето на уставноправните наводи за повреда на правото на судска заштита. Во конкретниот случај, релевантните аспекти на оваа практика се разгледани во рамки на оцената дали оспореното законско решение го засега ефективното остварување на судската заштита гарантирана со член 50 став 1 од Уставот.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски