УЗ.бр.36/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.36/2025
Скопје, 21.10.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 21 октомври 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање согласност на тарифникот за надоместоци за извршени услуги на корисник на технолошка индустриска развојна зона („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2025).

О б р а з л о ж е н и е
I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не е во согласност со член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и со член 12 став 4 алинеја 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони.

Имено, од Владата на Република Северна Македонија е донесена оспорената одлука врз основа на член 12 став 4 алинеја 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони, при што се укажува на тоа дека став 4 на член 12 од овој закон содржи вкупно 6 алинеи, а не 8 како што е наведено во оспорената одлука.

Со иницијативата се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине.

II

На седницата Судот утврди дека од страна на Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 13 мај 2025 година, е донесена Одлуката за давање согласност на тарифникот за надоместоци за извршени услуги на корисник на технолошка индустриска развојна зона бр.50-4246/45 од 13 мај 2025 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2025).

Одлуката е донесена врз основа на член 12 став 4 алинеја 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/2023, 59/2025, 154/2025, 36/2026, 132/2026 и 212/2026).

Согласно со член 1 од Одлуката, со оваа одлука се дава согласност на Тарифникот за надоместоци за извршени услуги на корисник на Технолошка индустриска зона бр.01-855/1 од 09.05.2025 година, донесен од Управниот одбор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, на седницата одржана на 09.05.2025 година

Според член 2 од оваа одлука, истата влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

III

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 1 став 1 од Законот за технолошки индустриски развојни зони, се предвидува дека со овој закон се уредуваат погодностите за инвестирање во технолошките индустриски развојни зони, условите, начинот и постапката за основањето, развојот и работењето на технолошките индустриски развојни зони, дејностите кои се вршат во технолошките индустриски развојни зони и посебните услови за нивно вршење, релокација во зона, стекнувањето со објекти, постапката за издавање на одобрение за градење, постапка за давање закуп на земјиште во технолошко индустриска развојна зона на закупец на земјиште кој ќе изгради објект за потребите на корисник, постапката за давање под закуп на градежното земјиште во зоните на даватели на услуги од јавен интерес, постапката за потврдување на изградени објекти, техничка опрема и пренесени или примени објекти, односно започнати со градба објекти кај коишто не е утврден правниот статус во рамките на зоните, примената на царинските прописи во технолошките индустриски развојни зони, постапка за засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во рамките на зоните, како и престанокот на работа на технолошките индустриски развојни зони и на корисникот на технолошките индустриски развојни зони.

Во член 12 став 4 од овој закон е предвидено дека во случај кога Владата на Република Северна Македонија е основач на зона Дирекцијата ги врши работите од надлежност на основачот на зоната во име на основачот, како и: склучува договори за закуп за земјиштето и објектите во зоната со закупци на земјиштето и закупците на објектите и раскинува договори за закуп за земјиштето и објектите во зоната со закупци на земјиштето и закупци на објектите, за кои Владата на Република Северна Македонија дава претходна согласност; склучува и раскинува договори за вршење на дејност со корисниците на зоната, склучува и раскинува непосредни спогодби за продажба и/или дава под закуп објекти во опфатот на зоните кои се сопственост на Република Северна Македонија, за кои Владата на Република Северна Македонија дава претходна согласност; склучува и раскинува договори за јавно приватно партнерство за кои Владата на Република Северна Македонија дава претходна согласност; обезбедува потребна документација за градење на инфраструктурни и други објекти неопходни за функционирање на зоната, согласно со закон; го уредува градежното земјиште и гради инфраструктурни и други објекти до и во зоната, согласно со одредбите од одобрената планска документација, проектот за инфраструктура и другата соодветна техничка документација, управува со земјиштето и објектите до и во зоната кои се сопственост на Република Северна Македонија, согласно со овој закон и донесува правила на основачот и тарифник на основачот за извршени услуги на корисници во зона согласно со член 34 став 1 од овој закон, за кои Владата на Република Северна Македонија дава согласност.

Според член 34 став 1 од Законот, основачот на зоната донесува правила за условите под кои се користи просторот на зоната за вршење дејност, дејностите кои се извршуваат во зоната, го уредува внатрешниот ред и пропишува одделни мерки за заштита на животната средина и природата и донесува тарифник за извршените услуги на корисници во зоната.

IV

Од анализата на наводите во иницијативата, произлегува дека не се оспорува содржината на Одлуката од материјално-правен аспект, туку од аспект на тоа дека истата е донесена врз основа на член 12 став 4 алинеја 8 од Законот, односно врз основа на алинеја којашто не постои затоа што наведениот член 12 став 4 има само 6 алинеи, а не 8, но, според Судот ваквите наводи се неосновани.

Судот оцени дека ваквите наводи се неосновани, од причина што согласно со член 10 став 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр. 160/2014), по алинејата 2 во став 4 на член 12 од основниот текст на Законот, се додаваат три нови алинеи 3, 4 и 5 кои гласат: склучува непосредни спогодби за продажба и/или дава под закуп објекти во опфатот на зоните кои се сопственост на Република Македонија, за кои Владата на Република Македонија дава претходна согласност; склучува и раскинува договори за јавно приватно партнерство за кои Владата на Република Македонија дава претходна согласност и склучува и раскинува Договори за отуѓување на градежно земјиште, за кои Владата на Република Македонија дава претходна согласност.

Исто така, Судот утврди дека член 12 став 4 алинеја 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони, во моментот на донесувањето на оспорената одлука, предвидува дека во случај кога Владата на Република Северна Македонија е основач на зона Дирекцијата ги врши работите од надлежност на основачот на зоната во име на основачот, како и донесува правила на основачот и тарифник на основачот за извршени услуги на корисници во зона согласно со член 34 став 1 од овој закон, за кои Владата на Република Северна Македонија дава согласност.

Оттука, Судот утврди дека согласно со став 8 на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, алинеите 3, 4, 5 и 6 стануваат алинеи 5, 6, 7 и 8.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на Одлуката за давање согласност на тарифникот за надоместоци за извршени услуги на корисник на технолошка индустриска развојна зона, со член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 12 став 4 алинеја 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони, од аспект на наводите во иницијативата, од причина што оспорената одлука е донесена врз основа на законско овластување и претходно утврдени услови за донесување на истата.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски