
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.19/2026
Скопје, 07.10.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 7 октомври 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/2026).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Скендер Реџепи од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.
Се наведува дека оспорениот акт не е во согласност со точка 1 ставови 2 и 5 на Амандманот V на Уставот, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 1 став 3 и член 17 од Законот за употреба на јазиците, од причина што како подзаконски акт донесен од орган на државната власт бил објавен само на македонски јазик и неговото писмо, а не и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Републиката и неговото писмо, односно на албански јазик.
Според наводите, од Амандманот V на Уставот произлегува дека јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, а неговата употреба во органите на државната власт се уредува со закон, поради што законските одредби со кои се операционализира ова уставно решение се задолжителни и мора да бидат доследно почитувани и при објавувањето на подзаконските акти.
Член 1 став 3 од Законот за употреба на јазиците го утврдува опфатот на органите и институциите во кои, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, додека член 17 од истиот закон изречно предвидува дека сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од тие институции, кога се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија”, се објавуваат на двата јазика. Оттука, се наведува дека законската норма е јасна, прецизна и недвосмислена, така што во конкретниот случај нема простор за поинакво постапување, туку оспорениот правилник морало да биде објавен и на албански јазик. Со тоа што истиот бил објавен само на македонски јазик, според наводите, била сторена повреда на член 17 од Законот за употреба на јазиците и на член 51 од Уставот, имајќи предвид дека сите други прописи мораат да бидат во согласност со закон.
Се наведува и дека ваквото постапување е спротивно на темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи создава неусогласеност меѓу оспорениот подзаконски акт и законската рамка што го уредува начинот на неговото објавување, а со тоа и правна несигурност во правниот поредок.
Имајќи го предвид наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник и истиот да го поништи.
II
На седницата Судот утврди дека Правилникот за начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта, бр. 18-2778/1 од 13.02.2026 година e донесен од министерот за образование и наука, а објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/2026 од 17.02.2026 година врз основа на член 77 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија” бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 229/2020, 78/2025, 132/2025 и 250/2025) и член 13 став 4 од Законот за стручно образование и обука („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 3/2025 и 74/2025) и влегол во сила наредниот ден од денот на неговото објавување.
Правилникот содржи 15 члена и 24 прилози, кои се негов составен дел.
Според член 1 од овој правилник се пропишува начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта.
III
Според точка 1 став 2 на Амандман V на Уставот на Република Северна Македонија, друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член, а според став 5, во органите на државната власт во Република Северна Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.
Во член 51 од Уставот е определено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во член 1 став 3 од Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија” бр. 7/2019) е определено дека во сите органи на државната власт во Република Северна Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.
Според член 17 од истиот закон, сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од институциите од член 1 став 3 и член 2 став 3 од овој закон коишто се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ се објавуваат на македонскиот јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.
Според член 20 став 1 од овој закон, за надзорот над целосно и доследно спроведување на одредбите на овој закон кои се однесуваат на употребата на јазиците, се формира Инспекторат за употреба на јазиците (во натамошниот текст: Инспекторатот), во состав на Министерството за правда со својство на правно лице, а според став 2, начелата, надлежноста, организацијата на инспекција и постапките на инспекцискиот надзор на Инспекторатот за употреба на јазиците се уредуваат со посебен закон.
Со член 3 став 1 точка 6 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија” („Службен весник на Република Македонија” бр. 56/1999 и 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.21/2021) е определено дека во „Службен весник на Република Северна Македонија” се објавуваат подзаконските и другите акти кои ги донесуваат министрите или министерствата, акти на функционерите кои раководат со други органи на државната управа, актите на организациите утврдени со закон, агенциите, дирекциите или други правни лица кои целосно се финансираат од Буџетот на Република Северна Македонија.
Член 8 став 1 од овој закон сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од сите органи на државната власт во Република Северна Македонија (Собрание на Република Северна Македонија, претседател на Република Северна Македонија, Влада на Република Северна Македонија, судство, јавно обвинителство), Уставен суд на Република Северна Македонија, Народен правобранител на Република Северна Македонија, јавните претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно со закон, како и акти на други институции од областа на изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата како и други области кои се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија”, се објавуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.
IV
Од анализата на наводите во иницијативата, произлегува дека не се оспорува нормативната содржина на оспорениот правилник.
Наводите во иницијативата се сведени на аргументот дека при објавувањето на оспорениот правилник не била испочитувана законската обврска истиот да биде објавен и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Републиката, односно на албански јазик. Во таа насока, се посочува Амандманот V на Уставот, како и на член 1 став 3 и член 17 од Законот за употреба на јазиците, со наводи дека со објавувањето на правилникот само на македонски јазик и неговото писмо е сторена повреда на наведените уставни и законски одредби.
Оттука, јасно произлегува дека предмет на оспорување не е правната содржина на Правилникот, туку постапувањето на надлежните органи при примената на прописите со кои се уредува службената употреба на јазиците и објавувањето на прописите во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Во таа смисла, Судот оцени дека спорното правно прашање во предметната иницијатива не се однесува на тоа дали оспорениот правилник, според својата нормативна содржина, е во согласност со Уставот и со законите, туку дали при неговото објавување надлежните органи правилно ги примениле член 17 од Законот за употреба на јазиците и член 8 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Имено, член 17 од Законот за употреба на јазиците предвидува дека сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од институциите од член 1 став 3 и член 2 став 3 од тој закон кои се објавуваат во службен весник, се објавуваат на македонскиот јазик и неговото писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, додека член 8 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“ уредува дека сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од органите на државната власт што се објавуваат во службеното гласило, се објавуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.
Меѓутоа, оцената дали во конкретен случај овие одредби биле правилно или неправилно применети од страна на надлежните органи не претставува прашање на нормативна контрола на подзаконскиот пропис, туку прашање на примена на законите во конкретно службено постапување.
Уставната надлежност на Судот, утврдена со член 110 алинеја 2 од Уставот, претставува надлежност за апстрактна контрола на нормативните акти од аспект на нивната согласност со Уставот и со законите, односно од аспект на нивната правна содржина, а не како надлежност за испитување на законитоста на поединечни службени дејствија, евентуални пропусти или конкретни начини на постапување на органите при спроведувањето на законите. Во таа смисла, предмет на уставно-судска оцена може да биде нормата содржана во прописот, но не и прашањето дали надлежниот орган што го доставил прописот за објавување, односно органот надлежен за неговото објавување, во конкретниот случај правилно ги применил законските одредби што ја уредуваат употребата на јазиците и начинот на објавување на прописите.
Во иницијативата, според нејзината содржина, не се отвора сомнение во уставноста или законитоста на одделни одредби од Правилникот, туку се проблематизира начинот на неговото објавување во службеното гласило.
Имено, дури и под претпоставка дека при објавувањето на Правилникот настанал пропуст во поглед на примената на релевантните законски одредби, таквиот пропуст не ја доведува во прашање нормативната содржина на Правилникот, ниту подразбира дека неговите одредби, како правни норми, се спротивни на Уставот и законите.
Прашањето дали оспорениот правилник требало да биде објавен и на албански јазик е прашање на спроведување на правилата за службено објавување, а не прашање на согласност на содржината на Правилникот со Уставот и со законите.
Оттука, Судот оцени дека наводите содржани во иницијативата по својата правна природа не претставуваат барање за уставно-судска оцена на пропис, туку барање Судот да ја цени правилната примена на Законот за употреба на јазиците и на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во конкретен случај, што излегува надвор од неговата уставно утврдена надлежност.
Ова уште повеќе произлегува од самиот законски модел на заштита што го воспоставил законодавецот. Имено, Законот за употреба на јазиците изречно предвидува дека за надзорот над целосното и доследно спроведување на неговите одредби се формира Инспекторат за употреба на јазиците, како специјализиран орган во состав на Министерството за правда, при што законодавецот истовремено предвидел и прекршочна одговорност за непочитување на обврските од тој закон. Со тоа јасно се разликува нормативната контрола на прописите, којашто спаѓа во уставно-судската функција, од контролата над правилната примена и спроведување на законските обврски, којашто е ставена во надлежност на други институции.
Во таа насока, со наводите во иницијативата дека оспорениот правилник не бил објавен на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, всушност, не се оспорува норма содржана во правилникот, туку се укажува на наводен недостаток во постапувањето на надлежните субјекти при неговото објавување. Таквиот навод, по својата правна природа, не отвора прашање за согласноста на прописот со Уставот и со законите, туку прашање дали законските правила за објавување биле правилно применети во конкретниот случај. Бидејќи Уставниот суд не е орган на инспекциски, управен или друг вид надзор над спроведувањето на законите, ниту орган што утврдува одговорност за нивна евентуална неправилна примена, произлегува дека ваквото барање не може да биде предмет на мериторна уставно-судска оценка.
Имајќи предвид дека во конкретниот случај со иницијативата се оспорува начинот на примена на законите при објавувањето на еден подзаконски акт, а не неговата нормативна содржина, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот за отфрлање на иницијативата, од причини што спорното прашање по својата природа не спаѓа во рамки на уставните надлежности на Судот.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски