Судот ја отфрли иницијативата за оценување на Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција

Поради интерес на медиумите за предметот „Реферат УЗ.бр.87/2025″, Уставниот суд информира:

Судот на денешната седница ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/2025).

Причината за отфрлање на иницијативата е фактот дека таа не содржи правна норма што подлежи на уставно-судска контрола, туку содржи исклучиво декларации од политички карактер и истите не може да уредуваат општествени односи.

Судот оцени дека оспорената Резолуција не е акт што може да биде предмет на оцена на уставноста и законитоста и согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, не е надлежен да одлучува за иницијативата. 

Подносител на иницијативата: Политичка партија „Социјалдемократски сојуз на Македонија”- Скопје