Претставници од Уставниот суд учествуваа на 14. Меѓународна летна школа во Република Турција

Претставници на Уставниот суд на Република Северна Македонија учествуваа на 14. Меѓународна летна школа и имаа обраќање на темата „Основни принципи за ограничување на правата и слободите“. Настанот се  одржа од 4 до 9 октомври 2026 година во Анкара, Република Турција, во организација на Центарот за обука и развој на човечки ресурси при Асоцијацијата на азиски уставни судови и еквивалентни институции. 

Во состав на делегацијата беа генералниот секретар на Уставниот суд, м-р Виолета Ѓорѓиевска, и м-р Шадија Банташоска, стручен соработник за правни прашања.

Во своето излагање, се осврнаа на уставните гаранции за заштита на човековите права и слободи, особено на принципите на законитост, легитимна цел, неопходност, пропорционалност и недискриминација при нивното ограничување.

Посебен акцент беше ставен на уставносудската практика за време на пандемијата со КОВИД-19, преку конкретни предмети во кои Уставниот суд ја оценувал уставноста на мерките донесени во вонредна состојба. Притоа, беше нагласено дека вонредните околности не ѝ даваат неограничени овластувања на извршната власт, ниту можат да бидат оправдување за прекумерни и неоправдани ограничувања на човековите права и слободи.

Меѓународната школа обедини претставници на уставни судови и сродни институции во рамки на стручни сесии посветени на уставните стандарди за ограничување на правата и слободите. Преку презентации на националните искуства и дискусии, учесниците разменија ставови за улогата на уставното судство во воспоставувањето рамнотежа меѓу заштитата на јавниот интерес и гарантирањето на индивидуалните права.

Настанот го отвори претседателот на Уставниот суд на Република Турција, Кадир Озкаја, а воведно обраќање имаше и генералниот секретар на Судот, Мурат Азакли.

Учеството на македонската делегација претставува придонес во меѓународната размена на уставносудски искуства и добри практики, со акцент на зајакнувањето на механизмите за заштита на човековите права и слободи.