Одговор за медиуми во врска со предметите во кои се оспорени одредби за платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители

По повеќе новинарски прашања во врска со оспорените одредби за платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, Уставниот суд информира:

Во тек се постапки по три оформени предмети, У.бр.71/2025, У.бр.74/2026 и У.бр.115/2026, по поднесени иницијативи од  Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија, преку претседателот Елвин Вели и од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија преку претседателот, Башким Бесими.

Судот активно постапува по сите предмети,  се преземаат повеќе дејствија со цел да се утврдат сите релевантни факти и околности кои се неопходни за изготвување на темелен и аргументиран реферат. 

За предметот У.бр.71/2025 Судот расправаше на 28. седница на 24.12.2025 година и поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024).

На 7. седница, одржана на 11 март 2026 година, Судот ја запре постапката за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители од 2024 година, поради исцрпеност во примената.

На истата седница, предлогот на судијата-известител за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 39/2026) и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 39/2026), не го доби потребното мнозинство гласови.

Предметот У.бр.71/2025 година, во фаза на предлог за одлучување, беше повлечен од Дневен ред од 22. седница, одржана на 23 септември 2026 година, поради дополнително утврдување на фактичката и правната состојба. 

Уставниот суд информира дека по овие, како и по сите останати предмети за кои се водат постапки, постапува согласно Актот на Судот, преземајќи ги сите потребни дејствија за целосно утврдување на фактичката состојба и донесување одлука врз основа на уставно-правна анализа. 

За потсетување, Судот во овој период работи во некомплетен состав со осум од предвидени девет уставни судии.